Велики Четврток – „Никој не е исклучен од Исусовата љубов“

Велики Четврток – „Никој не е исклучен од Исусовата љубов“

„А пред празникот Пасха, знаејќи Исус дека Му дојде часот Негов за да премине од овој свет кон Отецот, и бидејќи ги засака Своите во светот, до крај ги засака.“ (Иавн 13,1). Со имагинацијата да се вратиме на Тајната Вечера во Ерусалим за да го контемплираме големото искуство на љубовта која Исус ни ја дава, основувањето на Евхаристијата.

Нашиот Бог секогаш е близу. Но во Евхаристијата се појавува особено близок на нашето срце со неговото тело, неговата крв, неговата душа и неговото божество. Исус нѐ засака „до крај“. Никој не е исклучен од оваа љубов. За секого од нас, вечниот Божји Син стана човек еднаков на нас, во сѐ „освен во гревот“ (Евреите 4,15). Но има нешто повеќе: Сакаше да ги преземе гревовите на сите луѓе, за нив да го поправи и да ни го врати пријателството со Бог Отецот, правејќи нѐ да станеме негови деца со силата на Светиот Дух.

Секој од нас треба да се запраша: Како одговараме со оваа љубов? На овој Велики Четврток да го молиме Господа да ни даде подлабоко да ја разбереме Божјата љубов за нас и љубовта со која треба да возвратиме, имитирајќи го и соединувајќи се со Исус.

Нашето одговарање на Божјата љубов има многу изрази. Еден од нив е да бидеме благодарни со големо чувство подготвувајќи се добро за да пристапиме на Светата Тајна Исповед, за да учествуваме на Светата Литургија и да ја примиме Светата Евхаристија. Учествувањето на Евхаристската Жртва не е само спомен на Господовото дарување за нас; Литургијата е нешто повеќе: Таа е светотаинско претставување на жртвата на Голгота, на која и претходи Последната Вечера. „Правете го ова во мој спомен“ (Лука 22,19), рече нашиот Господ кога ја основа Светата Тајна.

Црквата, верна на нејзината мисија, преку свештениците, на секое евхаристиско славење ги актуализира како сега да се случуваат страдањата и смртта на Христос. Свети Иван Павле II пишува дека жртвата на Крстот „е толку одлучна за спасението на човечкиот род кој Исус Христос го извршил и се вратил кај Отецот само откако ни оставил средство за да учествуваме како да сме биле присутни таму“ (Енциклика Eclesia de Eucharistia, бр. 11). (…)

Од Крстот, од Евхаристијата, доаѓа силата на Откупувањето. Таму се наоѓа изворот на секоја благодат, моделот на љубовта со која треба да се сакаме едни со други, коренот на апостолската ефикасност. На Последната Вечера Исус ни ја даде оваа посебна мисија: „Да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас.“ (Иван 15,12). И за да остане добро врежан во споменот на неговите ученици и во споменот на секој од нас, им ги изми нозете на апостолите.

Свети Иван, во своето Прво Послание пишува: „Љубовта ја познаваме по тоа, што Он ја положи за нас душата своја; но и ние сме должни да ги полагаме душите свои за браќата.“ (1Иван 3,16). Како да го сториме тоа? Постојат многу начини да ја ставиме во пракса новата Господова заповед. Свети Хоземарија ни го дава овој совет: „Повеќе од давањето, делотворната љубов е присутна во разбирањето“ (Движење, бр. 463).

Простувањето, оправдувањето, искрениот интерес за другите, деталите на служењето во секојдневниот живот – во семејството, на универзитетот, на работното место, за време на одморот, итн. – постојат многу можности за да се оживее Господовата заповед и да ја направиме дел од нашиот живот.

За време на Последната Вечера, Исус Христос го молеше Отецот за единство на оние кои би ги повикал да бидат негови ученици низ вековите. „Сите да бидат едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе, па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил.“ (Иван 17,21).

Ќе го имитираме Божјиот пример доколку го зајакнеме единството меѓу нас, во Црквата, и во мера на нашите можности, меѓу верниците. Христијанскиот позив, потполно живеен, до Исуса ќе ги доближи нашите пријатели, нашите колеги, било тие да се веќе блиску до Господа или сѐ уште не се.

„Како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе“ (Иван17,21). Да се учествува во единството на Пресветата Троица: Ѕоа е многу возвишена цел. Но ова учество Господ ни ја дава на еминентен начин преку дарот на Евхаристијата, таинството на верата и љубовта. Света Марија, Мајката на Убавата Љубов, со нејзиното мајчинско посредување, за нас ја добива благодатта на една поинтензивна вера во Божјата љубов за нас и поголема делотворна љубов кон другите.

Опус Деи/Фернандо Окариз/З.А.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот