Urbi et Orbi: Исус нека донесе во светот мир и надеж

Urbi et Orbi: Исус нека донесе во светот мир и надеж

Папата Фрањо во својата традиционална Божиќна порака Urbi et Orbi на 25 декември 2020 година потсети на народите кои се измачени од војни и пандемијата, посакувајќи Исус да им донесе мир и надеж. Осврнувајќи се на пандемијата, Папата истакна дека вакцините мора да бидат достапни за секого, особено за најранливите. Светиот Отец особено им се обрати на семејствата кои денес не можат да се соберат поради здравствената криза, а од салата за благослов во Апостолската палата, тој го даде благословот Urbi et Orbi. Говорот го пренесуавме во целост.

Драги браќа и сестри, среќен Божиќ!

Би сакал на сите да ја пренесам пораката која Црквата ја навестува на овој празник, со зборовите на пророкот Исаија: „Зашто Младенец ни се роди – Син ни се даде“ (Исаија 9, 5).

Се роди дете: раѓањето е секогаш извор на надеж, живот кој цвета, тоа е ветување за иднината. А ова Дете, Исус, се „роди за нас“: „за нас“ без ограничувања, без привилегии или исклучувања. Детето кое Девицата го роди во Витлеем се роди за сите: тој е „Синот“ што Бог му го подари на целото човечко семејство.

Благодарение на ова Дете, сите можеме да му се обратиме на Бога со „Оче“, „Татко“. Исус е Единороден; никој не го познава Отецот освен Тој. Но, Тој дојде на светот токму за да ни го објави лицето на Небесниот Отец. И така, благодарение на тоа Дете, сите можеме еден со друг да се нарекуваме браќа и навистина тоа и да бидеме: од сите континенти, секој јазик и култура, со својот идентитет и разлики, а сепак сите сме браќа и сестри.

Во овој историски момент, обележан со еколошка криза и сериозна економска и социјална нерамнотежа, влошена со пандемијата од коронавирусот, ни треба братство повеќе од кога било. И Бог ни го нуди тоа, давајќи ни го неговиот Син Исус: не некое братство составено од убави зборови, апстрактни идеали, нејасни чувства… Не такво. Но, братство засновано врз вистинска љубов, способно за средба со другиот кој е поинаков од мене, способно да сочувствува со неговите страдања, да му пристапи и да се погрижи за него и покрај тоа што не е од моето семејство, не припаѓа на мојот народ и мојата религија; тој се разликува од мене, но тој е мој брат, таа е моја сестра. И истото важи и за односите меѓу луѓето и народите.

На Божиќ го славиме Христовото светло што доаѓа во светот и доаѓа за сите: не само за некои. Денес, во ова време на темнина и неизвесност поради пандемијата, се појавуваат некои светла на надеж, како што е откривањето на вакцината. Но, овие светла за да би можеле да светат и да донесат надеж на целиот свет, тие мора да бидат достапни за сите. Не можеме да дозволиме затворени национализми да не спречат да живееме како вистинско човечко семејство како што сме. Ниту, пак, можеме да дозволиме вирусот на радикален индивидуализам да нè победи и да нè прави рамнодушни на страдањата на другите браќа и сестри. Не смееме да се ставаме себеси пред другите, поставувајќи ги законите на пазарот, патентите и изумите над законите на љубовта и здравјето на човештвото. Ве молам сите: државни лидери, компании, меѓународни организации, да промовирате соработка, а не конкуренција и да барате решение за сите: вакцини за сите, особено за најранливите и најсиромашните во сите делови на светот. Најранливите и најсиромашните нека бидат на прво место!

Витлеемското дете нека ни помогне да бидеме достапни, дарежливи и солидарни, посебно кон најслабите, болните и оние кои во ова време останаа без работа или имаат сериозни тешкотии поради економските последици од пандемијата, како и жените кои во овие месеци, кога ни е ограничено движење, претрпеле семејно насилство.

Божјиот Син нека ги вдахнови оние кои имаат политичка моќ во свои раце на обновена меѓународната соработка, почнувајќи од здравствениот сектор, така што на сите ќе им се гарантира пристап до вакцини и лекување. На предизвикот кој не познава граници, не смее да се поставуваат пречки. Сите сме во ист кораб. Секоја личност е мој брат. Во секој го гледам одразот Божјото лице и кај оние што страдаат го гледам Господ како бара помош од мене. Го гледам во болните, сиромашните, невработените, маргинализираните, мигрантите и бегалците.

На денот кога Божјото Слово стана дете, да го свртиме вниманието на огромниот број деца ширум светот, посебно во Сирија, Ирак и Јемен, кои сè уште ја плаќаат високата цена на војната. Нека нивните лица ја потресат совеста кај луѓето со добра волја да ги решат причините за конфликтот и да започнат храбро да работат на градење иднина во мир.

Ова нека биде вистинското време за намалување на тензиите на Блискиот исток и источниот Медитеран.

Дете Исус нека ги залечи раните на саканиот сириски народ, кој повеќе од една деценија е истоштен од војната и нејзините последици, дополнително влошени од пандемијата. Нека му донесе утеха на ирачкиот народ и на сите оние кои се посветени на патот за помирување, особено на Јазидите, кои беа тешко погодени во последните години од војната. Нека донесе мир во Либија и овозможи со новата фаза од преговорите да запрат сите форми на непријателство во таа земја.

Детето од Витлеем нека подари братство на земјата во која е роден. Меѓу Израелците и Палестинците нека се поврати меѓусебната доверба и нека се бара праведен и траен мир преку директен дијалог, со кој ќе се сузбие насилството и да се надмине длабоко вкоренетата горчина, како би сведочеле на светот за убавината на братството.

Ѕвездата што блесна ноќта на раѓањето на Исус нека биде патоказ и охрабрување за либанскиот народ во тешкотиите со кои се соочува, со поддршка на меѓународната заедница да не губи надеж. Нека Царот на мирот им помогне на оние кои се одговорни во државата да ги остават настрана индивидуалните интереси и сериозно, искрено и транспарентно да се залагаат за Либан да тргне по патот на реформите и да продолжи со повикот за слобода и мирен соживот.

Нека Синот на Севишниот ја поддржи меѓународната заедница и земјите вклучени во ангажирањето за прекин на огнот во Нагорно Карабах, како и во источна Украина и нека го охрабри дијалогот како единствен пат кој води кон мирот и помирувањето.

Божественото дете нека ги ублажи страдањата на населението во Буркина Фасо, Мали и Нигер, погодени од сериозна хуманитарна криза, во чија позадина се екстремизмот и вооружени конфликти, но и пандемијата и други природни катастрофи; да се запре насилството во Етиопија, каде многумина беа принудени да бегаат поради конфликтот; нека им даде утеха на жителите од регионот Кабо Делгадо во северниот дел на Мозамбик, жртви на насилство на меѓународен тероризам; да ги охрабри лидерите на Јужен Судан, Нигерија и Камерун да продолжат по патот на братството и започнатиот дијалог.

Нека Вечното Слово на Отецот биде извор на надеж за американскиот континент, посебно погоден од коронавирусот, што ги влоши бројните страдања кои ги измачуваат, честопати влошени од последиците на корупцијата и трговијата со дрога. Нека помогне да се надминат неодамнешните социјални тензии во Чиле и да се запрат страдањата на венецуелскиот народ.

Небесниот крал нека го заштити населението погодено од природни катастрофи во Југоисточна Азија, особено на Филипините и Виетнам каде бројни невремиња предизвикаа поплави со погубни последици за семејствата што живеат во тие области, во смисла на изгубени животи, штета на животната средина и последици за тамошните економии.

И размислувајќи за Азија, не можам да го заборавам народот Рохинџа: нека Исус, роден сиромашен меѓу сиромашните, им донесе надеж на нивните страдања.

Драги браќа и сестри,

„Младенец ни се роди“ (Исаија 9, 5). Дојде да нè спаси! Тој ни навестува дека болката и злото го немаат последниот збор. Да се помириме со насилството и неправдата би значело отфрлање на Божиќната радост и надеж.

На празникот што го славиме, упатувам посебен поздрав до оние кои не дозволуваат да бидат совладани од неволјите, но се трудат да носат надеж, утеха и помош, помагајќи им на оние кои страдаат и ги придружуваат оние кои се сами.

Исус се роди во штала, но помилуван со љубовта на Дева Марија и свети Јосиф. Раѓајќи се во тело, Синот Божји ја освети семејната љубов. Во мислите во овој час сум со семејствата: со оние кои не можат денес да бидат заедно, како и со оние кои се принудени да останат дома. Нека Божиќ биде можност повторно сите да го откријат семејството како лулка на животот и верата; место за прифаќање на љубов, дијалог, прошка, братска солидарност и заедничка радост, извор на мир за целото човештво.

На сите им посакувам среќен Божиќ!

Обраќање на Светиот Отец по благословот

Драги браќа и сестри, уште еднаш посакувам среќен Божиќ на сите вас низ целиот свет кои го следите овој пренос преку радио, телевизија и други средства за комуникација. Ви благодариме за вашето духовно присуство на овој ден обележан со радост. Во овие денови, во кои атмосферата на Божиќ ги повикува луѓето да станат подобри и повеќе браќа и сестри со другите, да не заборавиме да се молиме за семејствата и заедниците што минуваат низ страдања. Ве молам, продолжете да се молите и за мене. Имајте убав Божиќен ручек и догледање!

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот