Cедумдесет пати по седум

Секој од нас, барем еднаш, се нашол во ситуација да е нападнат од некоја друга личност. Не е важно од која причина. Секој човек на светот, во еден момент се чувствува слаб, понижен и помалку вреден. Тие чувства навистина имаат длабоко влијание на човекот и внесуваат немир. Не само немир, внесуваат во човекот и негативни чувства како гнев, желба за освета па дури и омраза. Сепак, истата таа личност која претрпeла одредено „мачење“ се затвoра, ги закопува чувствата во себе, a надворешно изгледа сосема во ред.

Сѐ до еден момент. Вообичаено тоа е мала ситница, детал (за жал, повеќето од луѓето за кои се грижиме) за кој експлодираме, ги покажуваме нашите чувства и жалиме. Приказна која се повторува и повторува. Тажна приказна. Доаѓаме до прашањето, што да направиме? Како всушност да се очистиме себе, а воедно и да си простиме? Како да се осмелиме на таква голема средба и чекор? На средба, се разбира, мислам на исповедта!

Најубавата средба на светот! Без таа средба, нема простување! Ова е средба, на која самиот Исус Христос ни го дава духот на храброста и сила да се осмелиме да си простиме едни со други следејќи го примерот како што тој нипростува на нас! Ни ги простува нашите слабости, гневот, стравот, бегањето и се она кое се крие длабоко во нас самите. Средбата со себе, и простувањето од Бог, е клучот за простување на другите.

Еден цитат од Балашевиќ вели: „Прво прости му на некој, а потоа прости си себе што си му простил.“ Иако сум голем обожавател на Балашевиќ, сметам дека во оваа прилично се зафркнав. Дали Исус си прости после тоа што ни прости за смртта на крстот? Ако тој, кој е совршен ни простил нас на толку болен начин, кои сме ние од љубов кон нашиот Спасител да не им простиме на нашите блиски кои се грешни исто како и ние. Но, ако сме ние на чисто со самите себе, ако ги познаваме сите наши мани, слабости и недостатоци, тогаш ќе ни биде полесно да ги прифатиме истите тие работи кај нашиот ближен. Дури и не само да го прифатиме, но, исто така, да го љубиме, а со тоа и да простиме.

Да се прости е херојски, и не можеме до крај да го правиме тоа сами од себе. Сепак, имаме некој со кој можеме сè! Од благодарност кон нашиот Отец кој ни го дал својот Син како жртва за нашите гревови, да се обидеме да бидеме како него. Да се обидеме да простиме искрено, од длабочината на срцето, без задржување. Не на начин дека мораме и себе да си простиме, туку на начин да се прослави Бог преку нашата несебичност и односите со другите луѓе. Со нашето непростување всушност како да сакаме да го спречиме преобраќањето на луѓето. Сакаме ли навистина да живееме со тој товар дека некој оди кај Бога со нашето обвинување? Мислам дека тоа е еден луксуз, кој не треба да си го дозволиме.

Затоа да простуваме секогаш, како што вели Исус: „Јас не ти велам седум пати, туку седумдесет пати по седум.“ Да простуваме со мирна совест и чисто срце, значи секогаш да настојуваме за преобраќање на сите луѓе и никако да не дозволиме луѓето да си заминуваат од Бога. Да запаметиме со простувањето не го намалуваме само товарот од срцето на личноста која нас нè повредила, го намалуваме товарот и на самите себе. Конечно, после простувањето живееме како слободни деца Божји! Искрено се надевам дека тоа е крајната цел на секој од нас!

Млади Католици/ к.мк/ Стефанија Ристова

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк

За авторот