Папата до братствата: Прилагодете ги вашите традиции на духот на времето, без носталгија за минатото

Папата до братствата: Прилагодете ги вашите традиции на духот на времето, без носталгија за минатото

Од здруженијата на италијанските верници кои се обединија во една конфедерација пред приближно 25 години, папата Фрањо ги замоли да не се повлекуваат во себе, туку да се обновуваат во заедништво со Црквата, повторно вложувајќи во сегашноста во духовно, економско, уметничко и историско наследство.

„Квасец“ во италијанското црковно и општествено ткиво што треба да се одржува во живот за да расте заедницата – така папата Фрањо ја опиша Конфедерацијата на братства на италијанските бискупии, чии членови ги прими во понеделник 16 јануари 2022 година во Апостолската палата. Конфедерацијата е основана во 2000 година, во контекст на Големиот јубилеј и повеќе од дваесет години прима, поддржува и координира многу богато и разновидно присуство на братства во Црквата во Италија. Токму за време на новиот јубилеј, во 2025 година, ќе ја прослави својата 25-годишнина.

Братствата во Италија се реалност

Братствата се капиларна реалност во Италија: околу 3.200 се регистрирани во Конфедерацијата, која брои вкупно два милиони членови, на кои мора да се додадат членовите на семејствата и пријателите кои се приклучуваат на различни активности. Но, има и повеќе од три илјади нерегистрирани братства. Нивното дело нè потсетува на она за што зборува Вториот ватикански собор за природата и посланието на мирјаните во Црквата – истакна Папата – односно дека Бог ги повикува да придонесат, речиси одвнатре како квасец, за осветување на светот. Тоа се случува преку народната побожност, моќната сила на навестувањето, која може многу да им даде на мажите и жените на нашето време – додаде тој, спомнувајќи го апостолскиот поттик Evangelii nuntiandi на Павле VI. кој добро го разјасни местото на народната побожност во животот на Црквата. Папата потоа ги охрабри братствата со креативно и динамично ангажирање да негуваат живот во здруженијата, како и во каритативната присутност.

Дозволете да ве вдахновува Духот и одете; како што правите во процесиите, правете го тоа во целиот живот на заедницата. Нека богатството и сеќавањето на вашата историја никогаш не станат причина да се повлечете во себе, носталгично да го славите минатото, да бидете затворени за сегашноста или песимисти во однос на иднината; денес нека биде силен поттик повторно да вложувате во вашето духовно, човечко, економско, уметничко, историско и фолклорно наследство, отворено за знаците на времето и Божјите изненадувања.

Одете во евангелски, црковен и мисионерски дух

Папата Фрањо ги поттикна братствата да го одредат својот пат во евангелски, црковен и мисионерски дух, односно да чекорат по Христовите стапки, одејќи заедно и навестувајќи го Евангелието. Братствата – според Папата – треба да бидат место за навестување, а нивните членови да се приближат до Евангелието, читајќи го секојдневно, бидејќи Евангелието прави срцето да расте. Важно е да се има физички контакт со евангелието, а потоа и духовен контакт.

Ве поттикнувам во вашиот живот на Христос да му дадете централно место, со секојдневното слушање на Словото Божјо, редовно организирање моменти на формација и учество во нив, во постојано пристапување на Светите Тајни, во интензивен живот на лична и литургиска молитва. Нека вашите стари литургиски и народни традиции бидат вдахновени со духовен живот, вистински духовен живот, со заносен и конкретен каритативен ангажман. И не плашете се да ги осовременувате во заедништво со одот на Црквата, за да бидат пристапни и разбирливи дарови за секого, во контекстот во кој живеете и работите, и поттик да ги приближите до верата дури и оние кои се далеку од неа.

Да одиме заедно

За да одиме заедно, Папата предлага заедничките средства за формација, расудување и одлучување, вековното искуство на синодалноста, да не бидат само административни или партикуларистички средби, туку секогаш и пред се место за слушање на Бога, слушање на Црквата, братски дијалог, карактеристичен со атмосфера на молитва и искрена љубов. Само така братствата ќе бидат жива реалност и ќе изнајдат нови начини за служење и евангелизирање.

Да се навестува Евангелието, гледајќи ги потребите на современиот свет

Што се однесува до навестување на Евангелието, односно мисионерскиот дух, потребно е сведоштвото на верата – објасни Папата – потребно е да се грижиме за браќата, како што правеа многу братства за време на пандемијата, посебно поради новата сиромаштија на нашето време, кое е големо и кое треба да се идентификува.

Одржувајте ја жива харизмата на служењето и посланието, одговарајќи креативно и храбро на потребите на нашето време.

На крајот, папата Фрањо повторно ги поттикна членовите на братствата да бидат мисионери на Божјата љубов, нежност и милосрдие.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот