Папата Фрањо: Марија е ѕвезда на новата евангелизација

Папата Фрањо: Марија е ѕвезда на новата евангелизација

Во видео пораката по повод инаугурацијата на ѕвездата поставена на камбанаријата „Пресвета Богородица“ на базиликата Свето Семејство (Sagrada Familia) во Барселона, папата Фрањо истакна дека Марија е „уметничко дело“ и ги охрабри верниците да се молат за сиромашните и исклучените, не заборавајќи ги постарите.

На празникот Безгрешно зачнување, светлоста на ѕвездата, поставена на камбанаријата „Пресвета Богородица“, ја осветли базиликата „Свето семејство“ во Барселона. Ги осветли животите на многумина кои гледаат на врвот на камбанаријата и кои ја гледаат Дева Марија во ѕвездата. Ова го рече папата Фрањо во видео порака на шпански, испратена на 8 декември 2021 година, по повод инаугурацијата на ѕвездата, во која ги охрабрува верниците да ги подигнат очите и да ја набљудуваат нашата Мајка, бидејќи секогаш кога ќе ја погледнеме Марија, веруваме во револуционерна моќ на нејзината нежност и наклонетост.

Поздравувајќи ги присутните на инаугурацијата, Папата ги спомна сиромашните, болните, погодените од пандемијата, постарите, младите кои чувствуваат дека нивната иднина е загрозена и оние кои минуваат низ искушенија. Марија е ѕвезда на новата евангелизација – истакна Папата.

Денеска го празнуваме празникот Безгрешно зачнување на Пресвета Богородица; таа е уметничко дело! – истакна Светиот Отец. Во совршена хармонија со Божјиот план за неа, Дева Марија стана најсвета, најскромна, послушна и отворена за Бога. Гауди сакаше тоа таинство да го круниса со портал на верата – првиот што ја проектираше – така што кога ќе се моли молитва до Пресвета Троица, која повеќе пати е истакнато низ целата базиликата, да научиме да бидеме, како Марија, храм на тоа таинство и да го почитуваме Бога со дух и вистина.

Папата Фрањо потсети дека Гауди ја става Марија во центарот на порталот на милосрдието, нудејќи ни го Детето Исус под будниот поглед на свети Јосиф, за да можеме да влеземе во неговата црква горејќи од љубов кон Бога и кон луѓето. Притоа, тој нѐ поттикна да го следиме примерот на Марија, преку секојдневни гестови на љубов и служба. Оваа ѕвезда што свети од денес нека ве просветли молејќи Бројаница, еднаш засекогаш да би кажеле „да“ на милоста Господова и одлучно „не“ на гревот. Молејќи се со Марија, размислуваме за таинствата на Исусовиот живот, но го препознаваме и патот што Тој ни го покажува и добиваме сила да ги отфрлиме искушенијата за насилство или непосредни добивки – рече Папата.

Затоа, молитвата на Папата е секој да направи сè за Барселона да биде попријатна за живеење и погостопримлива за сите. На посебен начин ги доверувам оние лица кои вршат некоја служба со поголема одговорност. Нека Богородица измоли за нив мудрост, агилност во службата и широчина на погледот – рече Папата и ја довери Марија и на семејствата, како нејзината ѕвезда би бдеела над нив. Таа, сочинувајќи го Светото семејство од Назарет, заедно со Детето Исус и Свети Јосиф, живееше во ситуации слични на многу семејства какви што се вашите. Гауди го прикажал ова на порталот на надежта, изразувајќи ги, во лицата на работниците, страдањата и тешкотиите кои ги става заедно со страдањето кое го поднесе Светото семејство; прогонството во Египет, бројни сиромашни луѓе кои бараат подобра иднина и бегаат од злото; смртта на толку многу невини луѓе кои се соединуваат со оние од Витлеем.

Осврнувајќи се на страдањата, најмногу на сиромашните, исклучените кои се во Божјото срце, Папата истакна дека честопати сме одговорни за нивната сиромаштија и нивната исклученост. Да ја искористиме оваа прилика за да испитаме колку сме одговорни за сето ова. Покрај тоа, тој посебно го спомена вниманието кон постарите. Не заборавајте на стеблото, не заборавајте на постарите. Дрво без корен не расте, не цвета. Да не ги отфрламе постарите, тие не се материјал за фрлање, тие се жив спомен. Од нив доаѓа животниот сок со кој сè расте. Да го поддржиме дијалогот меѓу младите и старите луѓе, за да пренесеме мудрост што ќе им помогне да растат и напредуваат – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот