Слово на животот, февруари 2021

Слово на животот, февруари 2021

Бидете милосрдни како што е милосрден вашиот Отец“ (Лк 6, 36)

Евангелистот Лука сака да ја истакне величината на Божјата љубов преку крепоста за која верува дека најдобро ја опишува, а тоа е милосрдието.

Би можеле да кажеме дека милосрдието во Светото Писмо има мајчински нијанси на Божјата љубов, онаа со која Тој се грижи за своите созданија, ги крева, ги теши и ги прифаќа никогаш не уморувајќи се. Преку пророкот Исаија, Господ му вети на својот народ: „Како што мајка го утешува синот, така ќе ве утешам и Јас – ќе бидете утешени во Ерусалим“.[1]

Ова својство го препознава и признава и исламската традиција: од 99-те убави имиња на Бога, на усните на муслиманските верници, најчесто се повторуваат Милостив и Сомилосен.

Оваа страница од Евангелието Го претставува Исус, Кој пред толпата луѓе пристигнати од далечни градови и региони, на секого му дава смел и збунувачки предлог: да го наследуваат (имитираат) Бог, Отецот, токму во милосрдната љубов.

Таа цел ни изгледа скоро незамислива, недостижна!

Бидете милосрдни како што е милосрден вашиот Отец

Од гледна точка на Евангелието, за да го имитираме Отецот, мора, пред сè, да го следиме Исус секој ден и да учиме од Него први да сакаме, како што самиот Бог постојано прави со нас.

Ова духовно искуство го опишал лутеранскиот теолог Бонхофер (1906-1945): „Христијанската заедница пее секој ден: „Добив милосрдие“. Овој дар го добивав дури и кога го затворив срцето пред Бога; […] кога се изгубив и не го наоѓав патот за назад. Тогаш Словото Господово ми дојде во пресрет и сфатив: Тој ме сака. Исус ме најде: Тој беше со мене, само Тој. Ми даде утеха, ми ги прости сите мои грешки и не ме обвини за злото. Кога Му бев непријател и не ги почитував Неговите заповеди, Тој се однесуваше кон мене како кон пријател. […] Тешко ми е да сфатам зошто Господ ме сака толку многу, зошто сум Му толку мил. Не можам да разберам како Тој со Својата љубов успеа и сакаше да го освои моето срце, можам само да кажам: „Добив милосрдие“.[2]

Бидете милосрдни како што е милосрден вашиот Отец

Оваа реченица од Евангелието нè повикува на вистински пресврт во нашите животи: секогаш кога ќе се соочиме со можна навреда, можеме да го следиме не патот на отфрлање, конечна осуда и одмазда, туку патот на прошка и милосрдие.

Не е толку важно извршувањето на тешка должност, туку прифаќањето на можноста што ни ја дава Исус, да преминеме од смртта на егоизмот во вистинскиот живот на заедништвото. Со задоволство ќе откриеме дека ја добивме истата ДНК на Отецот, Кој дефинитивно не осудува никого, туку им дава на сите втора шанса, отворајќи ги хоризонтите на надежта.

Овој избор исто така ќе ни овозможи да подготвиме терен за братски односи, од кои може да се роди и расте човечка заедница, конечно ориентирана кон мирен и конструктивен соживот.

Бидете милосрдни како што е милосрден вашиот Отец.“

Медитирајќи за реченицата од Евангелието по Матеј[3], која на милосрдните им навестува блаженство, Кјара Лубик предлага: „Темата на милосрдието и простувањето се провлекува низ целото Евангелието. […] Милосрдието е токму крајниот израз на љубовта, на доброчинителството, милосрдието ја исполнува и затоа ја прави совршена. […] Затоа, да се трудиме во секој наш однос да ја живееме љубовта кон другите во облик на милосрдие! Милосрдието е љубов која знае како да го прифати секој ближен, особено најсиромашниот и најбедниот. Таа љубов не мери, таа е обилна, универзална и конкретна. Таа љубов гради взаемност, што е крајната цел на милосрдието. Без милосрдие би постоела само правда, која служи за создавање еднаквост, но не и братство. […] Иако се чини тешко и смело, да се запрашаме, пред секој ближен: како би се однесувала неговата мајка кон него? Таа мисла ќе ни помогне да сфатиме и да живееме според срцето Божјо “.[4]

Летиција Магри

[1] Ис 66, 13

[2] Dietrich Bonhoefer, 23.јануари 1938., во La fragilità del male, збирка на необјавени записи, Piemme, 2015.

[3] Спореди Мт 5,7.

[4] Кјара Лубик, Слово на животот, ноември 2000.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот