Љубовта го победува насилството

Љубовта го победува насилството

На Генералната аудиенција, во средата на 14 февруари 2018 година, папата Фрањо ја поздрави групата на Бога посветените лица „Familia Vida“ од Бразил која ја водеше отец Ренато Киера, свештеник Италијанец кој речиси 40 години делува во Бразил работејќи со деца од улицата и во фавелите.

На Генералната аудиенција, во средата на 14 февруари 2018 година, папата Фрањо ја поздрави групата на Бога посветените лица „Familia Vida“ од Бразил која ја водеше отец Ренато Киера, свештеник Италијанец кој речиси 40 години делува во Бразил работејќи со деца од улицата и во фавелите, посебно преку здружението „Casa do Menor.“ Отец Киера со благодарност ја прими пораката на Папата за кампањата за братство во Црквата во Бразил која е објавена, на 14 февруари на Чиста среда, а која ова година се фокусира на темата за надминувањето на насилството, што секогаш е сѐ подлабока и попроширена рана во бразилското општеството.

Според некои неодамна објавени податоци, од сите убиства во светот, 13% се направени во Бразил, иако Бразилците се само 3% од светското население. Уште повеќе Бразил за жал во 2014 година, со повеќе од 59 илјади убиства стана прва по бројот на убиства во светот. За отец Луис Фердинанд да Силва, извршен секретар на „Кампањата за братство“, надминувањето на насилството е неопходен услов за општество и култура на мирот, и затоа тоа бара учество на граѓанското општество, Црквата и институциите.

Токму на тој пат против насилството се наоѓа од осумдесетите години отец Киера кој благодарение на делувањето на здружението „Casa do Menor“ спасил од уличното насилство илјада деца и млади препуштени на трагичната судбина на злоупотребата, проституцијата, криминалот и зависноста од дрога. Зборувајќи по Генералната аудиенција за Vatican News за корените на тоа насилство кое сѐ повеќе го потресува Бразил, не штедејќи ги ниту децата, отец Киера рече дека насилството има многу причини, резултат е на нешто што се крши. Насилството е крик кој зборува дека нешто не е добро. Нашите млади се насилни затоа што ја покажуваат болката и страдањето кое го поднесуваат, скршениците кои се случиле. Насилството има длабоки корени, посебно во неправедните односи помеѓу луѓето. Па, постои општествен проблем, насилна структура која прави насилство над луѓето и која за последица го има насилството како одговор.

Во својата порака за „Кампањата за братство“, папата Фрањо нагласи дека простувањето колку да е тешко е единствениот начин за да се надмине бесот и насилството, за повторно да се дојде до мирот. Тоа е искуството кое отец Киера секојдневно го живее со своите „деца од улицата“. Прошката значи дека ние мораме да дадеме можност да се поправат, да веруваме во нивната добрина. Денес сѐ повеќе не се верува во добрината на човечкото битие. Ние тоа го воочуваме со младите. Младите кои ние ги прифаќаме се трогнати во внатрешноста кога ги прифаќаме такви какви што се, не ги судиме, не сакаме ниту да го знаеме нивното минато! Тие не веруваат во вредности, не веруваат дека имаат можности. Тие не простуваат; дури кога ќе видат дека ние им простуваме – нагласи отец Киера. Тоа им помага да простат, а кога ќе успеат да им простат на таткото им и мајка им, на оние кои им направиле зло, да си простат на себе, дури тогаш успеваат да одат понатаму.

Основачот на здружението „Casa do Menor“ одговори исто така на прашањето за ширењето на насилството меѓу децата и младите во Италија кое сега се воочува во појавата на детски банди. Да го слушнеме крикот на тие деца и млади! Што сакаат да ни кажат? Не само да кажеме: тие се бандити – рече отец Киера и објасни: Кога тоа ќе го кажеме, ништо не сме решиле. Кога вашите деца се дрогираат, кога одат по лош пат, прашајте го: зошто? Прашајте го се чувствува ли сакано? Втора работа: прашајте го заради што страда, бидејќи така се однесува? Тие се две клучни прашања кои го отвораат срцето за да се приближите, но не да судите; за да се приближите и да дозволете да бидете судени – истакна отец Киера.

РВ/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот