Љубовта Божја е пролеана во нашите срца според која викаме АВВА – ОЧЕ

Љубовта Божја е пролеана во нашите срца според која викаме АВВА – ОЧЕ

Велигденска порака на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх до свештенството, монаштвото и верниот народ на Скопска бискупија и Струмичко-скопската епархија за 2019

Драги браќа свештеници, чесни сестри, драги верници,

Неисцрпив термин кој ние никогаш не можеме до крај да го протолкуваме, а уште помалку да го исцрпиме е терминот љубов–агапе. Имено, само два пати во Библијата човечкиот збор се обидува да ја искаже Божјата природа. Во книгата Исход на постојаното прашање на Мојсие, Бог конечно се претставува со името Јахве – „Јас сум Оној, Кој вечно постои“ (Ехи Аср Ехија). А на друго место св. Иван евангелист се обидува да ја искаже Божјата природа кога во своето послание вели „Тхеос те Агапе Естин – Бог е Љубов“. Во верничка смисла овој термин љубов за нас е несфатлив, бидејќи таа е љубов која нема во себе причина, туку е сама природа, нема причина „за“. Да биде барем малку појасно во сите релации, во однос на љубовта кај нас е односот поим мој, на пр.: моја мама, моја жена, мое дете, моја татковина… оттука ние не разбираме љубов „која во себе нема причина“, за што? А Бог кој по природа е Љубов сѐ што дејствува надвор од себе е дело на љубовта. Овие денови се наоѓаме на врвот на таа несфатлива Божја љубов.

Најнапред го набљудуваме Исусовиот живот, пред сѐ страданието и смртта, Тој вели: „Никој нема поголема љубов од ова: да ја положи душата своја за своите пријатели“ (Ив 15,13). Тоа е само еден од наводите каде Исус говори за љубовта. Да се присетиме дека говори и за љубовта кон непријателите и кон секој човек и тоа без граници. Апостол Павле пишува: „Бог за нас го направи грев, та преку Него да станеме праведност Божја“ (2 Кор 5,21). На друго место за праведникот би се нашол некој и да умре, а за грешникот не. А Исус доброволно го даде својот живот жртвувајќи се на крстот за да таа цена на смртта во исто време биде и „укинувае“ на смртта за гревовите. Неговата смрт не е само откупување туку и дар на љубовта кон човекот а дарувана на Бога и така смртта и стртаданието престанале да бидат знак за казна и станале „пат кон спасението“. Кој тоа го разбира? Овие денови и ние како верници само набљудуваме, размислуваме и доживуваме колку човекот е, и покрај тоа што е како „црв“, вреден во Божјите очи. Браќа и сестри, ни останува под сенката на крстот да се запрашаме, колку ние вредиме во Бога? Од тоа прашање произлегува суштинско прашање: Колку јас вредам за себе и колку ближниот за мене?

Друго таинство кое овие денови не воздигнува е Воскресението. Спомнавме „дека Бог за нас го направи грев“ а сега тој истиот Бог заради неговата љубов го воскресна од мртвите и го стави себеси од десно. Како стариот Адам заради гревот падна во гроб, така Новиот Адам со Воскресението стана нов човек. Воскресението не е само чин, туку е ново создавање, бидејќи тоа тело не е дадено на ангелите туку е дарувано на оваа материја, сепак преобразено да стане нова козмичка реалност чиј што физички состојци не ги познаваме. Тој се појавува, јаде, но поминува низ затворена врата и се дава да биде виден само на оние на кој Тој сака. Кога би можеле тој миг на Христовото Воскресение да го искажеме со човечки зборови, тогаш едвам би можеле да најдеме израз каква промена настанала кога слезе над пеколот, го пробуди на Адам и сите праведници од создавањето на светот и ги воведе во небесната слава да го набљудуваат Бога лице во лице. Драги браќа и сестри, верувам дека разбравте зошто не постои и не може да постои поголем празник од Велигден, бидејќи тоа е врв на промената на историјата во над историја. Ние што живееме после Воскресението по природа сме луѓе на надеж што на свој начин „итаме кон гробиштата“, не затоа што сакаме смрт, туку што веруваме дека само низ вратата на смртта велгуваме во пресрет со Исус и Пресветото Тројство. Затоа нашите гробишта не се „депонија“ туку светилишта. Мртвото тело не е отпад, туку зрно пшеница кое е положено во земјата за да во дадениот миг воскресне, бидејќи е слично на страданија на Исус за да биде слично и на Неговот воскресение. Затоа Велигден е темелна обнова на надежта од која и за која ние христијаните живееме.

Звучи неверојатно, но е вистина дека и од овие таинства Бог направи уште еден чекор на љубовта, а тоа е кога сите тие таинства, односно, страданието, смртта и воскресението ги предаде на нас луѓето во таинството на создавањето на Црквата. Сите тие настани на љубовта живеат, стануваат стварност за наше време благодарејќи на еден голем факт, а тоа е да се присетиме: „Идите и вие правете така…“ О, среќни ли генерации на верници сме ние кога овие денови во Апостолска посета ни доаѓа Светиот Отец и кога таинството на Црквата барем неколку часа ќе се случува меѓу нас до таа мера што таа стварност ќе биде допирлива, видлива. Со што? Црквата е таму каде е Петар. Не заради личноста, туку заради дарот, харизмата која е објавена на Петар да ги „зацврстува браќата во вера“. Ќе бидеме среќни од средбата кога тој Петар со силата на харизмата ќе ни проговори овде на нас, а преку нас на целиот свет. Ретко кога би можеле да ја доживееме убавината на Црквата како Христово мистично тело, како што ќе биде сега. Во верата Црквата трае. Црквата го врши своето послание, и низ тие пар часа таа вистина ќе биде видлива и доживеена во нашата средина. Не би сакал овие зборови да се толкуваат криво како да Црквата не е Црква кога не е Папата меѓу нас, туку би предупредил на неверојатноста, а со тоа и на милоста, што значи, да се доживее Црквата како посебен милосен Божји дар на средбата со харизмата на св. Петар, односно Папата. Затоа ве повикувам вас, а молам со вас да таа апостолска посета биде навистина дар на милоста, историски настан, а не само нешто што е сензација, манифестација и сл.

Браќа и сестри со тие мисли буквално ве охрабрувам да „нурните“ во доживувањето на таа неискажлива Љубов на страданијата, воскресението и Црквата. Сите три како дар со кој Бог повторно го создава човекот кој е создаден на Негова слика, а во овие три таинства таа слика повторно се раѓа и станува како вели Писмото: човекот поубаво го обнови отколку што го создаде. Таа и таква обнова на поединци и на целата наша заедница ја посакувам на вас и нашата помесна Црква овие денови на поминувањето Господово – Пасха Господова. Да допуштиме Господ Бог да не допре… ХРИСТОС ОСКРЕСЕ!

Ваш бискуп/владика

+ Киро Стојанов

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот