Јубилеј 125 години Сестри Евхаристинки Солун-1889 – Струмица-2014

На 09 ноември 2014 година, со почеток во 10:30 часот, со Света Божествена Архиерејска Литургија во Катедралата ,,Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица, сестрите Евхаристинки ќе го одбележат својот 125 годишен јубилеј од нивното основање.

Оваа година се навршуваат 125 години од основањето на големото дело на о. Јосиф и неговата сестра Еврозија Алоати – монашка заедница Сестри Евхаристинки, со нивната харизма ,,да биде познат, сакан и обожаван Исус во Светото Причастие (Евхаристија)“. Со подготвеност и своеволна жртва, великодушно одговарајќи на Божјата волја и повик, го напуштија своето родно Торино – Италија и за своја нова татковина ја прифатија Македонија и македонскиот народ, кој во тоа време имаше потреба од духовни мисионери. Во длабока молитва пред IV постојка на Крстниот пат во црквата ,,Свети Димитриј“ во Солун, подолго од еден час о. Јосиф добива духовно просветлување дека треба да основа заедница на чесни сестри, која ќе се посвети на тоа, ,да биде познат, сакан и обожаван Исус во Светото Причастие“ и во тој дух да ги научат жените, девојките и децата, а како нивна основачка да биде неговата сестра Еврозија. Таа, верна на своето мото – сакам тоа што Бог сака – го дала со сето срце своето ,,Да“.

И така, двајцата мисионери го започнале своето добротворно дело на април 1889 година, сѐ со да се прослави цел Исус во Евхаристијата. По нивниот пример, многу девојки од Гевгелија, Стојаково, Богданци, Паљурци и други места ќе се приклучат на нивното дело. Сестрите ќе бидат првите учителки во училиштата по селата и градовите во тие краишта. Со купувањето на чифликот Паљурци, сестрите Евхаристинки од Солун, својот центар го префрлуваат во Паљурци и тоа место ќе стане не само дом за живеење на сестрите, туку и засолниште на многу деца сирачиња, дом за сиромашните и напуштените, дом на бегалците во време на Балканските војни како и во време на Првата светска војна. Паљурци ќе биде дом за молитва. Процесиите кои се правеле за време на Тело Христово, биле вистински празник за околните села и градови. Тука се остварија Исусовите зборови ,,Дојдете сите вие изморени и обременети и ќе најдат спокој душите ваши“.

Главната цел на двајцата мисионери беше да вдахнат во душите вистинска побожност и љубов кон Исус во Светото Причастие и доверба во Пресвета Богородица. Затоа сестра Еврозија со голема љубов ги украсуваше олтарите каде живее Исус, не жалеше да потроши пари за убаво цвеќе, како што кажуваше една сестра.

Поради тешките историски настани, сестрите со голема болка во своите срца, мораа да го напуштат саканото Паљурци и заедно со сирачињата да најдат засолниште во Софија, каде нивното дело до денес се продолжува. Мал број на сестри кои останаа во Гевгелија, со голема жртва, малтретирања и прогони го продолжија делото на своето основатели. Во тие 125 години, млади девојки како сестри Евхаристинки, настојуваа да одговорат на својот повик со молитва и работа ,,да биде познат, сакан и обожаван Исус во Светото Причастие“.

Колку сестра Еврозија и нејзинот брат го сакаа сиромашниот народ, а на посебен начин сираците, ќе видиме од нејзиниот ,,аманет“.

,,Сите неподвижни имоти кои во мигов му припаѓаат општо – на мојот брат Јосиф Алоати, свештеник на Мисијата од славјански источен обред и мене и оние неподвижни имоти кои евентуално би ги добиле понатаму го оставам мојот дел, односно половината од вредноста на сите овие неподвижни имоти на гореспомнатиот мој брат Јосиф, со обврска да ги подржува сестрите Евхаристинки и македонските сираци, сето време што ќе го минат во сиропиталиштето и да се молат за мене, секој ден, за време на светото жртвопринесување на Литургијата!“

к.мк/С. Евхаристинки

Категорија: Македонија

За авторот