Јубилејните години во традицијата на Црквата

Јубилејот е старозаветна институција, самиот збор доаѓа од еврејскиот збор јубал, рог на овен на кој се трубело при (свечено замислениот) чин на прогласување на јубилејна година. Според древната еврејска традиција, јубилејна година се славела на секоја 50-та година, во неа се враќала еднаквоста меѓу сите израелци, нудејќи нови можности на семејствата кои го изгубиле имотот, па дури и својата лична слобода. Освен тоа, јубилејната година била потсетник на богатите дека ќе дојде време кога еврејските робови, еднаш кога повторно ќе бидат еднакви со нив, ќе бидат во можност да ги бараат назад своите права. „Според израелскиот закон правдата пред сè се состоела во заштитата на слабите“ (Иван Павле II Tertio millenio adveniente, На прагот на третиот милениум, 13) Институцијата јубилеј во Стариот завет ја открива општествената чувствителност, заштитата на слабите, бидејќи тогаш требало да се простат ненаплатените долгови, да се ослободат робовите, па и земјата да се одмори од обработување и раѓање. За тоа пишува Левитскиот законик 25,8. Јубилејот конечно истакнува и бара прошка.

Католичката традиција започнува да слави Света година со папата Бонифациј VIII во 1300годината. Според замислата на Бонифациј VIII јубилејот требало да се слави на секоја стота година. Од 1475 година па натаму – за да се овозможи на секоја генерација да доживее барем една Света година – одредено е дека редовниот јубилеј да се слави на секоја 25-та година. Меѓутоа, вонредни јубилеи можат да се прогласат по повод настани од посебна важност.

До денес се славени вкупно 26 редовни свети години, од кои последниот бил јубилејот на две илјади. Обичајот на прогласување на вонредни јубилеи датира од 16 век. Последните две вонредни Свети години кои се славеле во минатиот век, биле во 1933 година која ја прогласил Пио XI по повод 1900 годишнина од откупувањето и во од 1983 година која ја прогласи свети Иван Павле II по повод 1950 година откупување.

Католичката Црква на еврејскиот јубилеј му дала повеќе духовно значање. Тој се состои од општо простување, прошка отворена за сите и можност да се обнови односот со Бог и ближните. Затоа Светата година секогаш е прилика за продлабочување на сопствената вера и живеење на христијанското сведоштво со обновена преданост.

Со јубилејот на милосрдието Папата го става во центар вниманието кон милосрдниот Бог Кој сите ги повикува да се вратат кај Него. Средбата со Него ја раѓа крепоста на милосрдието. Папата во спомнатата хомилија истакнува дека тоа е можност да станеме „милосрдни како што вашиот Отец е милосрден.“ Уверен сум рече Фрањо дека „целата Црква во овој јубилеј ќе ја пронајде радоста додека повторно го открива Божјото милосрдие и го прави плодно, милосрдие со кое сме повикани да го утешиме секој маж и секоја жена од нашето време.“

Почетниот обред на јубилејот е отварањето на Светите врати. Тие врати се отворени само во текот на Светите години, додека другите години остануваат затворени. Секоја од четирите главни римски базилики: Свети Петар, Свети Иван Латерански, Свети Павле надвор од ѕидините и Света Марија Велика имаат Света врата. Овој обред на отворање на Светите врати на симболичен начин ја изразува идејата дека во текот на јубилејот на верниците им се нуди „посебен пат“ до спасението. Светата врата на другите базилики ќе бидат отворени по отворањето на Светата врата на базиликата Свето Милосрдие, тема која му е многу драга на папата Фрањо кој веќе за своето епископско гесло ги избра зборовите: “miserando atque eligendo”. Овој цитат е преземен од проповедите на свети Беда Чесен кој го толкува евангелскиот дел за повикот на свети Матеј, пишува: “vidit ergo Iesus publicanum et quia miserando atque eligendo vidit, Ait Illi Sequere me” (Исус го здогледа цариникот, го погледна, му се смилува и го избра за себе и му рече: Следи ме). Со оваа проповед е дадена почест на Божјото милосрдие. Тоа гесло би можело да се преведе и „очи на милосрдието.“

Во првиот Ангел Господов по својот избор Светиот Отец рече: на самиот спомен на милосрдието тој збор менува сè. Тоа е нешто најдобро што можеме да го слушнеме: го менува светот. Малку милосрдие го прави светот помалку ладен и поправеден. Треба добро да го сфатиме тоа милосрдие на Бог, тој милосрден Отец кој има толку многу трпение…“ (Ангел Господов, 17 март 2013 година)

На Ангел Господов на 11 јануари 2015 година рече: „Денес постои толку силна потреба за милосрдие и важно е верниците лаици да го живеат и носат во различните општествени средини. Само напред! Ние живееме во време на милосрдие, ова е време на милосрдие.“ Понатаму во својата порака за постот 2015 година Светиот Отец пишува: „голема ми е желбата на сите места каде што Црквата е присутна, посебно нашите парохии и нашите заедници да станат острови на милосрдие среде морето на рамнодушноста.“

Во италјанската верзија на текстот на Апостолското Писмо Evangelii gaudium изразот милосрдие се јавува дури 31 пат.

Организацијата на јубилејот на милосрдието папата Фрањо го довери на Папскиот совет за промовирање на нова евангелизација.

Листа на јубилејни години и Папи во чиј понтификат се одржани:

1300.: Бонифациј VIII.
1350.: Клемент VI.
1390.: Светата година ја прогласил Урбан VI, а претседавал Бонифациј IX.
1400.: Бонифациј IX
1423.: Мартин V.
1450.: Никола V.
1475.: ја прогласил Павле II., претседавал Сикст IV.
1500.: Александар VI.
1525.: Клемент VII.
1550.: прогласил Павле III., претседавал Јулиј III.
1575.:Гргур XIII.
1600.: Клемент VIII.
1625.: Урбан VIII.
1650.: Инокент X.
1675.: Клемент X.
1700.: ја отворил Инокент XII., затворил Клемент XI.
1725.: Бенедикт  XIII.
1750.: Бенедикт  XIV.
1775.: ја прогласил Клемент XIV., претседавал Пио VI.
1825.: Леон XII.
1875.: Пио IX.
1900.: Леон XIII.
1925.: Пио XI.
1933.: Пио XI.
1950.: Пио XII.
1975.: Павле VI.
1983.: Иван Павле II.
2000.: Иван Павле II.
2015: Фрањо.

Ика/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот