Јас го победив светот

Во животот ќе поминуваме низ моменти на тешки борби, понекогаш ќе доживееме темнина и длабоки болки во кои ќе ни биде тешко да ја прифатиме волјата Божја и ќе бидеме во искушение да се обесхрабриме. Исусовото однесување во Маслиновата гора е пример како треба да постапуваме во вакви моменти: треба да ја прифатиме волјата Божја, без никакви ограничувања и без никакви услови, да се поистоветиме со Божјата волја преку постојана молитва.

Свети Томас Мор ни покажува како Исусовата молитва во Гетсиманската градина, зајакнала многу христијани соочени со големи тешкотии и неволји. Се чини дека Христос го искористил сопствениот смртен страв за да прозбори на оние кои се наоѓаат во слична ситуација: „Биди храбар, ти кој си тром и слаб. Не губи надеж. Преплашен си и тажен, совладан од уморот и стравот од мачење. Верувај, јас го победив светот, а бев уште повеќе исплашен; моето страдање растеше пропорционално со застрашувачкото спознавање на причините на тие страдања. Гледај како одам пред тебе по овој пат исполнет со толку стравови. Фати се за работ на мојата облека и ќе почувствуваш струење на сила која нема да дозволи во жилите да ти се смрзне крвта и ќе го одалеќиш стравот и ужасот… Твојот дух ќе зајакне, посебно кога ќе почувствуваш дека си се приближил до моите траги. Верен сум ти и нема да те препуштам на искушенијата кои ја преминуваат границата на твојата сила, туку ќе ти дадам милост потребна за да ги надминеш сите искушенија; тоа ќе те исполни со радост кога ќе почувствуваш дека таа минлива неволја која сакам да ја поднесеш ќе го претвори товарот во бескрајна слава. Свети Томас Мор ги напишал овие редови знаејќи дека за неколку дена ќе биде убиен со меч.

И ние можеме денес да одлучиме, дека за овој момент од Христовиот живот познат како прво жалосно таинство од бројаницата на Богородица, често, можеби секојдневно ќе размислуваме. Посебно би можеле да размислуваме за тоа кога ни е тешко да ја откриеме волјата Божја во случувањата чија целина можеби не можеме да ја разбереме. Тогаш можеме да се впуштиме на брзата молитва и да кажеме: Volo quidquid vis, volo quia vis…; сакам тоа што ти сакаш, сакам затоа што ти тоа го сакаш, сакам како што ти тоа го сакаш; сакам додека ти тоа го сакаш.

Битно/превод: Д.И.

За авторот