Што правиме погрешно во бракот?

Мислам дека нашата генерација во голема мера како никоја друга порано престанува својот брак да го гледа во контекст на поширока слика.

Веќе долго време сакам да напишам за долговечните бракови кои ги издржале испитите на времето и сите околности и бури кои им столе наспроти. Понекогаш за нив мислам како на фосили, ретки и премногу ретки примероци од некои други времиња и живот кој го живееле некои други луѓе, но тогаш повторно сфаќам дека тоа се нашите дедовци и баби, прадедовци и прабаби, многу од нив веќе покојни во вечноста по што ги проживеале своите и од денешна но и тогашна перспектива тешки животи. Гледајќи ги разводите на луѓето околу себе помислувам на моментот дека долговечните бракови се минато, но тогаш реалноста ме демантира. Затоа што сите тие долговечни брачни приказни се такви. Раскажуваат приказна за љубовта која трае и не е ограничена со димензијата на времето каква што ја познаваме. Љубовта е таа која е вечна категорија.

Моите дедовци и баби сега веќе покојни, буквално ги раздели смртта. Посебно е трогателна приказната на мојот дедо Иво кој со педесет и нешто години остана вдовец, веднаш по тоа во војната го изгуби и синот и остана сам во празната куќа која памтеше веселби и бучни времиња. Наредните дваесет и пет години цел еден живот мојот дедо легнуваше сам во брачниот кревет над кои се гледаа сликите на мојата баба жена со најубава насмевка и неговиот тогаш мал син како гордо во рацете го држи споменот на својата Прва Причест. Можеби некој би кажал дека од тогаш тој го запрел својот живот. Меѓутоа тоа не е вистина… тој знаеше дека Бракот е светата Тајна и е вечна како и душата и иако често и премногу често осамен и тажен и понатаму ја чуваше нивната брачна соба недопрена, нежно го негуваше цвеќето на баба ми на прозорците, ги хранеше нејзините полиња и ја обработуваше нејзината градина, со љубов продолжи да ги прави сите работи кои нејзе и беа важни, се додека еден петок во 15 часот, во часот на Божјото милосрдие не замина засекогаш кај својата Драга. Сите на неговиот погреб знаевме колку во право беше свештеникот кога го нарече Јов во нашето време, но поуката која уште еднаш ја добивме беше колку брачната љубов е скапоцена, колку треба да се чува за да се спротивстави на сите искушенија.

Неодамна ми се јави една пријателка и ми рече ако некогаш пишувам за браковите кои ги преживеале сите Scile и Haribde на овој свет, секако да ги спомнам и нејзините баба и дедо кои само што прославиле 60 години од бракот. Помислив: 60 години! И уште помислив како после толку години двајца луѓе навистина го прават вистинско она тврдење за двајца во едно тело бидејќи додека ги гледаш нив двајца како одат држејќи се за рака и не знаеш каде завршува едното, а започнува другото.

Стефан и Ката така нашите славеници се викат имале сè освен лесен живот. Двајцата доаѓале од семејства каде што уште од детството ја почувствувале суровоста на животот: Стефан ги изгубил двајцата родители до својата петта година и пораснал во дом, а Ката била едно од дваесетте деца истотака останала без татко во петтата година. Двајцата ги лекувале раните со взаемната љубов која трае сè уште од 1955 година, се родиле пет деца и ете ги шетат со лесен осумдесетгодишен чекор, цврсто држејќи се за рака и ги гледаш и ти се исполнува срцето и не можеш да не помислиш на ова: ова и Бог го имал на ум кога ги создал маж и жена!

Стефан и Ката така заедно ја докачекале староста, не се сомневам дека и мојот Иво и Драга истото би го направиле само животот да им ја понудил можноста, бројни се луѓето кои со своите животи ни го докажуваат спротивното од она што денешниот свет нè уверува – дека сè, буквално сè започнува и завршува со нашата сопствена среќа. Имали вистинска среќа ако твојата среќа не се огледа во окото на оној другиот? Токму како и секој брак и тие секој ден за својот брак одново се одлучувале и секој ден на него работеле. Прочитав еднаш една голема вистина дека целата вештина во бракот е да умееш да поминеш од љубов во пријателство, не жртвувајќи ја притоа љубовта. Притоа треба да се има на ум дека брачната љубов не е состојба, туку континуиран процес.

Утешно е да имаш нешто такво на ум во моментот кога ни изгледа дека речиси секој брак околу нас, можеби и токму нашиот е во некаква слепа улица. Животот носи со себе и тешки ситуации и неизбежни конфликти, бидејќи едноставно таков е животот. Тешко дека токму ние ќе бидеме поштедени од тоа. Прашањето кое можеме да си го поставиме е што да се направи со тоа, што правеле луѓето кои успеале заедно и ги проживеале своите животи и остареле заедно и умреле заедно? Недостаток на пари, болест, измама, смрт – се проблеми со кои луѓето се соочуваат со векови – сепак некако на тие луѓе им успеало да остареат заедно. Правиме ли нешто погрешно?

Мислам дека нашата генерација во голема мера како никоја друга порано престанува својот брак да го гледа во контекст на поширока слика. Се запнуваш на еден проблем и не гледаш околу себе, само мрак и ти изгледа дека твојот брак е како автопат кој сигурно ќе те донесе до крајот на патот, но ти моментално можеш да се видиш само тебе најблиско осветлениот дел. Се запнуваме во таа своја никаква моментална перспектива и ни изгледа дека е подобро да се слегне од тој автопат додека не нè проголта мракот, а понекогаш сè што треба е поглед одозгора, поинаква перспектива која укажува дека таа улица сепак некаде ќе нè одведе. И дека се исплаќа да се остане во неа за да се решаваат конфликтите и да се поправа скршеното, ако е тоа она што двајцата го сакате.

Мојот четиринаесетгодишен брак е мало бебе наспроти браковите кои овде ги спомнав во споредба со тие „старци“ како тинејџер во пубертет, но и тие години ми беа доволни за да сфатам дека нема успех ако едното се наметнува на другото, туку дека свети Павле влегол во длабоката вистина кога зборувал за потребата да се подржуваме еден на друг од љубов. Животот носи безброј можности и додека сè уште си млад и горд и светот ти е под нозе мислиш дека можеш сè сам и да бидеш кројач на сопствената среќа и ковач на сопствената судбина и тешко на некој да се „подложиш“. Причината заради која и овој збор кој се однесува на подложување во најблагородна смисла го ставам во наводници е неспособноста на модерниот човек воопшто да помисли дека вистински да се биде меѓусебно подложен е нешто што е добро и плодоносно – денес нашето его повеќе од било кога сака да ни шепоти дека со тоа се бришеме себе и своето достоинство. И самиот Исус Кој е пример за понизноста во потполност Себе се подложил на Отецот, а ништо не изгубил од своето достоинство, само посилно го покажал. Повеќе има достоинство и слобода оној кој доброволно од љубов се подложува на другиот, отколку оној кој не може да поднесе да угодува некому освен на самиот себе.

Во тоа е тајната на оние бракови кои ги спомнав. (…) Тие сфатиле дека годините биле тие кои го зацврстиле и облагородиле и запечатиле тоа што го препознале и почувствувае одамна, толку одамна што тоа би го заборавиле кога не би се виделе себе во окото на другиот. Или другиот во своето срце. Без оглед на пречките кои животот може да ги стави пред нас. На памет ми паѓа приказната од филмот Notebook кога старецот доаѓа секојдневно кај својата жена која е во дом бидејќи боледува од Алцхајмерова болест и ѝ ја раскажува секогаш одново приказната за нивната љубов и нивниот живот, очигледно без успех и смисла бидејќи таа поим нема кој е тој човек кој разговара со неа… но таа е сè уште онаа жена која ја избрал. И на памет ми паѓа еден прекрасен говор кој го дал еден друг старец од некоја друга приказна но речиси во иста ситуација како од спомантиот филм, кога лекарот го прашува тој човек: како можете секогаш одново сето тоа да го правите и сето тоа да го зборувате, кога таа воопшто не знае кој сте вие?

Човекот одговорил: Можеби таа сега не знае кој сум јас, но јас многу добро знам која е таа.

Можеби таа е и најважната мисла на целата оваа приказна. И целата нејзина смисла. Во секој момент да знаеш и никогаш да не испуштиш од вид кој еднаш си го одбрал да го сакаш.

Николина Накиќ/Битно.нет/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Колумни, Свет

За авторот