Што навистина рече папата Фрањо за големата експлозија?

Се соочувате со високо сложена тема на еволуцискиот концепт на природата. Во никој случај нема да навлегувам, што по себе е разбирливо, во научната сложеност на тоа важно и одлучувачко прашање. Сакам само да истакнам дека Бог и Христос чекорат со нас и дека се присутни во природата, како што заклучи апостол Павле во говорот на Аеропагот: „Преку Него (Господ) живееме, се движиме и постоиме“ (Дела 17,28)

Кога во Книгата Битие го читаме извештајот за Создавањето, во опасност сме да замислуваме дека Господ бил магионичар, способен сè да создава со своето волшебно стапче. Меѓутоа не е така. Тој ги создаде битијата и дозволи да се развиваат според внатрешниот закон кој Тој го всади во секое од нив, за да се развиваат, за да стигнат до сопствената полнота. Тој даде автономија на битијата од целиот свет истовремено гарантирајќи им ја Својата трајна присутност, давајќи постоење на секоја стварност. И така создавањето напредуваше низ вековите и вековите, милениумите и милениумите се додека не стана такво какво што го познаваме денес, токму затоа што Бог не е некој демијург и магионичар, туку Создател Кој им даруваше живот на сите битија. Почетокот на светот не е дело на хаосот кој својот почеток го должи на некој друг, туку директно произлегува од Врховното начало кое создава од љубов. Големата експлозија, која денеска се поставува на почетокот на светот, не противречи на Божјото создавачко дело, туку го бара. Еволуцијата во природата не ја побива идејата за Создавањето, бидејќи еволуцијата го претпоставува создавањето на битијата кои еволуираат.

Кога станува збор за човекот, тука постои промена и новост. Кога, на шестиот ден од извештајот во Книгата Битие, дојде до создавањето на човекот, Бог на човечкото битие му дава посебна автономија, автономија која е различна од автономијата на природата, а тоа е слободата. И му вели на човекот да ги именува со име сите созданија и да напредува во текот на историјата. Го прави одговорен за создавањето, како и да владее со Создаденото, да го развива и така сè до крајот на времето. Затоа на научникот, а особено на научникот кој е христијанин, спаѓа ставот на распитување за иднината на човештвото и на земјата и како одговорно битие да учествува во нејзината подготовка, зачувување, отстранување на опасностите кои демнат, како за околината така и за човекот.

Меѓутоа во исто време научникот треба да го води довербата дека природата, во своите еволуциони механизми, крие одредени можности, а задача на разумот и слободата е да ги откријат и спроведат како би се остварил развојот кој е во планот на Создателот.

Затоа, колку и да е ограничено, човековото делување соучествува во Божјата моќ и затоа човекот е во состојба да изгради свет прикладен за неговиот телесен и духовен живот; да изгради хуман свет за сите луѓе, а не само за привилегираните групи или класи. Таа надеж и доверба во Бог, Творецот на природата и способноста на човековиот дух се во состојба на истражувачот да му дадат нова енергија и мир. Меѓутоа точно е и дека човековото делување, кога неговата слобода постанува автономија – која не е слобода туку автономија – го уништува создаденото и човекот се става на местото на Создателот. А тоа е тежок грев против Бог Создателот.

Лаудато/С.С.

Категорија: Колумни

За авторот