Што е повик?

Секој од нас би дал различен одговор на тоа прашање, но јасно е дека секој од нас е повикан. Првенствено тоа е повик на светост, повик на живот со Бог преку Христос упатен на сите луѓе за да го прифатат Божјото царство кое се проближи. Повикот се покажува преку различни облици на конкретен живот и има два начини на остварување:

-посреден – преку брак, семејство, вршење на своите општествени и христијански должности

-непосреден – преку свештеничко или монашко звање. Овој се состои во посебниот Божји план во животот на поединецот, а се остварува со слободна одлука и доброволно прифаќање на евангелските совети.

Никој од нас не дошол кај некој и едноставно му кажал: „Дојди, следи ме!“, а ние набрзина без размислување сме тргнале не знаејќи каде и како.

Затоа е важно да се разликува постоењето на повикот и самата свест за повик.

Повикот е внатрешно треперење на душата која започнува трагање по нешто поголемо, поинакво, недофатливо и несфатливо. Човек кој Бог го повикува со време започнува нов живот поинаков од досегашниот, а и самиот на почетокот за тоа да не е свесен. Таквиот човек на нов начин го слуша Божјиот глас.

Почетокот на повикот почива на некое конкретно доживување и поттик на добро (од нечии пример на живот, проповед, средба со некој човек, книга која поттикнува, животописи на светци итн)

Ако личноста навистина е повикана во неа расте свеста за повикот кој се покажува во различни ситуации преку кои Бог ја води душата. Таквите настани се само знаци кои Бог ни ги дава за да го откриеме во својот живот повикот и за да станеме свесни. Повикот е таинствен, се создава во длабочината на душата и токму затоа се открива во моментите на молитва, осаменост и тишина. Тајната на повикот, неговата привлечност и сила со кои се бориме за негово остварување, на самиот почеток не ја открива целата негова длабочина, убавина, а посебно не неговата вредност. Тој живее во нас и тогаш кога нè привлекуваат работи спротивни на Божјот закон и тогаш кога нашата скала на вредности е свртена наопаку. И покрај тие можности Бог со секој човек има свој план па така и со оној човек кој го повикува поблиску да го следи.

Божјите планови се едно, а нашите желби друго. Често тоа се долги и мачни борби на нашата природа која секогаш одново настојува да го скрои животот според својата мерка и да се спротивстави на тивкиот и упорен глас во длабочината на сопственото срце. Сите овие макотрпни борби на човекот го зајакнуваат, го прават зрел и способен одговорно да постапи. На многу такви борби често се придружуваат борбите со околината, со ближните кои не можат да сфатат што се случува со повиканата личност. Самиот Исус вели: „Не сите го примаат овој збор, а само оние, на кои им е дадено.“ (Мт 19, 12)

Духовниот повик е Божји дар примен не по нашите лични заслуги, квалитети и способности. Напротив, тој е дар на чиста и несебична Божја љубов која повиканиот не го остава во пасивност туку го повикува на одговор на љубовта и потполно предавање под водство на Отецот. Тој дар често е во спротивност со нашите лични мерила и човечки очекувања, бидејќи Бог е Оној Кој за разлика од човекот не гледа со очи, туку со срце!

Бог во текот на целата историја на спасението постојано ја покажува чудесноста на своето делување повикувајќи избрани на радикално живеење на Божјиот закон и постојано барање и вршење на Божјата волја!

Така во Стариот Завет во тешките и кризни моменти на историјата на својот народ Бог го упатува својот повик на пророците. Одговарајќи на Божјиот повик целиот нивен живот и делување станува апел и пророчки знак на народот дека се приближило времето за нивно преобраќање и повторно враќање кај Бог или во спротивно доаѓа нивна пропаст и отфрлање. Во Новиот Завет преку својот Син Бог упатува повик на уште порадикално наследување и вршење на Божјата волја според евангелските совети на чистота, сиромаштво и послушност.

Бог ниту денес не престанува да повикува работници на жетвата своја, но прашање е дали повиканите се подготвени да одговорат на Божјиот повик, да остават сè, да ја изгубат секоја сигурност, да прекинат со минатото, да ја живеат сегашноста, а иднината да ја препуштат на неговото водство и да појдат како Авраам во непознато! Божјиот повик кој во повиканиот предизвикува исклучителна фрактура и дисконтинуитет со сопственото минато е момент во кој повиканите не доживуваат просветлување на својот сопствен живот. Божјиот повик кој вклучува одговор токму е спротивното – скок во празно! Единствена сигурност која личноста во моментот на Божјиот повик може да ја поседува е живата вера во Божјата моќ и верноста на своите ветувања односно довербата во Бог дека делото кое во неа го започнал ќе го води до крај.

Школски сестри фрањевки/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот