Шест причини да се чита Светото Писмо

Шест причини да се чита Светото Писмо

Дури и една од овие шест причини треба да биде доволна за да ги промениме нашите навики.

Еден мој професор на богословија кога почнавме да ги проучуваме евангелијата инсистираше да седнеме и да го читаме секое евангелие засебно. Тоа беше сериозно, но разумно барање. Неговата поента беше приказите од Светото Писмо да нè измијат, овозможувајќи ни да откриеме уште поголемо богатство при следењето и чекорењето низ животот на Исус, како што известуваат евангелистите.

Разбирлив е фактот дека ние католиците треба да пливаме во Светото Писмо. Библијата е апсолутно пресудна за нашата вера. Истакнувајќи го ова, папата Фрањо учи:

Врската помеѓу Воскреснатиот Господ, заедницата на верници и Светото Писмо е клучна за нашиот христијански идентитет. Без Господ, кој го отвора нашиот ум е невозможно подлабоко да го разбереме Светото Писмо. Па сепак, исто така и следното е точно: Без Светото Писмо, настаните од Исусовото послание и неговата Црква на овој свет би останале неразбирливи.

Нашите традиционални молитви како Бројаницата користат зборови од Светото Писмо. Многу побожни луѓе секојдневно размислуваат за Словото Божјо. Понатаму, читањата кои ги слушаме при навестувањето за време на светата Литургија постојано ни нудат голем дел од Библијата. Ако ги прочитате читањата пропишани за дневните свети Литургии, ќе слушнете над 70% од Новиот Завет во тригодишниот циклус.

Но, ниту една од овие работи не ни покажува како е да се отвори Евангелието и да се потоне во него. Тоа е вежба од која јас лично имав корист и која им ја препорачувам на моите студенти на богословијата „Провидност“. (..)

Кои се придобивките од отворањето на Библија? Еве еден краток попис.

Неколку придобивки од читањето на Светото Писмо

Преку Библијата Бог ни зборува

Католиците веруваат дека Библијата е непогрешливо, вдахновено Слово Божјо. Сите потребни вистини кои Бог имал намера да ни ги соопшти заради нашето спасение се содржани во Светото Писмо! Вториот ватикански собор учи:

Затоа што сè што содржи е од вдахновени автори или свети писатели и мора да се сметаат за дело на Светиот Дух, па од тука следува дека библиските книги треба да се признаат како вистина, која Бог сакал да ја стави во светите списи заради спасение и поучуваат цврсто, верно и без грешка. (Деи Вербум, 11)

Бидејќи Бог зборува вистински, можеме да веруваме и да се потпреме на работите што се вклучени во Светото Писмо. Светото Писмо е самообјавување на Бог. Читајќи го, подобро го запознавме.

Светото Писмо е исполнето со охрабрување

Првите христијани знаеле да го употребуваат Светото Писмо како би ја хранеле нивната надеж. Псалмите во Стариот Завет зборуваат за силната Божја љубов и милосрдие. Книгата Дела на светите Апостоли во Новиот Завет го прикажува дејствувањето на Светиот Дух во Црквата. Приказните за нашите херои го покажуваат Божјото дело во животот на верниците. Размислувајќи за Божјата верност во минатото, потсетувајќи се од Писмото, можеме да бидеме исполнети со надеж за иднината.

Читањето на Светото Писмо може да нѐ направи да бидеме подобри христијани

Читањето на Светото Писмо може да помогне во созревањето на нашата вера. Многу католици престануваат да ја проучуваат својата вера кога ќе го напуштат училиштето/веронауката. Оваа епидемија остава кај нашите возрасни верници парализирана вера. Соочени со тешки прашања од некатолици, премногу често нудиме слаба или несигурна одбрана на нашата вера. Не секој католик мора да биде професор во богословија, но секој католик може да има корист кога ќе се соочи со сериозни прашања во врска со верата, втемелени преку проучувањето на Светото Писмо.

Читајќи ја Библијата се концентрираме на она што е важно

Што ако би поминувале исто толку време со Светото Писмо, како што гледаме вести или слушаме podcast или како што поминуваме време на социјалните мрежи? Христијанскиот живот во основа е борба Бог да остане во центарот на нашите животи и да останеме фокусирани на работите што се важни. Читањето на Светото Писмо постојано ни помага во прв план да се соочиме со животот од Божја перспектива, способни да ги исклучиме работите кои ни се наметнуваат да ни го одземат вниманието, кои всушност и не се важни.

Читањето на Светото Писмо нѐ учи да се молиме

Многу католици изразуваат желба за побогат молитвен живот. Сепак, повеќето католици исто така чувствуваат дека не знаат како да молат. Па, Библијата ни нуди зборови за молитва. Можеме да ја моделираме нашата молитва врз основа на светците и содржината од Светото Писмо. Како таква, Библијата е училиште за молитва, полигон за обука што нè учи како да ги искажуваме работите што ги чуваме длабоко во нашите срца.

Со читање на Светото Писмо ќе можеме да го слушнеме Божјиот глас

Со читање на Светото Писмо се навикнуваме да слушаме како Господ ни зборува. Колку повеќе се прилагодуваме на логиката на спасението, познавајќи го Бог во Светото Писмо, толку полесно ќе го слушнеме како ни зборува Бог.

Алатеија/к.мк

 

 

Категорија: Вера, Духовност
Ознаки Свето Писмо

За авторот