Чинот на посветување на Безгрешното Срце на Марија е гест на целосно доверување на децата во неволја

Чинот на посветување на Безгрешното Срце на Марија е гест на целосно доверување на децата во неволја

Предводејќи го славењето на Светата Тајна Покајание, кое во базиликата Свети Петар беше проследено со чинот на посветување на целото човештво, посебно на Русија и Украина на Безгрешното Срце Марија, Светиот Отец на празникот Благовештение, 25 март 2022 година, рече: .Потребна ни е мудра и кротка сила Божја, а тоа е Светиот Дух“.

Во Евангелието за празникот, ангелот Гаврил трипати ѝ се обраќа на Дева Марија. Поздравувајќи ја прв пат, велејќи: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!” (Лука 1,28). Овие зборови денес се упатени до нас, рече Светиот Отец, додавајќи дека можете да ги направите свои секогаш кога ќе пристапите на Божјото простување, бидејќи таму Господ ви вели: „Јас сум со тебе“.

„Премногу често мислиме дека исповедта се состои во тоа да одиме кај Бог со наведнати глави. Но, не сме првенствено ние кои се враќаме кај Господа; Тој е оној што доаѓа да нѐ посети, кој нè исполнува со својата благодат, кој нè развеселува со својата радост. Да се исповедаме значи да му ја дадеме на Отецот радоста на нашето повторно подигање. Во центар на она што ќе го доживееме не се нашите гревови, туку неговото простување“.

Света Тајна на радоста

Да го вратиме првенството на благодатта – тоа е повикот на Светиот Отец за време на покорничката богслужба. Да го побараме дарот на разбирање дека исповета не е пред се наш чекор кон Бога, туку неговата прегратка која нè обвива, нè восхитува, нè придвижува. Ако во прв план ја ставиме Божјата перспектива, повторно ќе ја засакаме исповедта. Таа ни е потребна на нас, истакна Папата, бидејќи секое внатрешно преродување, секоја духовна пресвртница започнува со Божјото простување. Да не ја занемариме тајната на помирувањето, туку повторно да ја откриеме како Света Тајна на радоста, поттикна Папата, каде што злото кое нè посрамува станува можност да ја доживееме топлата прегратка на Отецот, слатката сила на Исус која нè лекува, „мајчинска нежност“ на Светиот Дух. Тоа е срцето на Исповедта.

Обраќајќи им се на исповедниците, „браќата кои му служат на Божјото простување“, Папата ги повика да бидат оние кои принесуваат радост и да им ја објават радоста на оние кои пристапуваат: Радувај се, Господ е со тебе. „Без вкочанетост, ве молам, без пречки, без непријатности; вратата е отворена за благодатта!“, рече Светиот Отец.

Стравот не може да не држи во заложништво

Втората реченица што ангелот ѝ ја упатува на Марија е „Не бој се!“ (р. 30). Бог често го користи овој термин кога им се претставува на оние кои го примаат: Авраам, Исак, Јаков, Јосиф, па дури и Марија. Така ни испраќа јасна и утешна порака: секогаш кога животот му се отвора на Бога, стравот повеќе не може да нѐ држи во заложништво, нагласи Папата.

Сестро, брате, ако те плашат гревовите, ако те загрижува твоето минато, ако раните не ти зараснуваат, ако постојаните падови те деморализираат и се чини дека си изгубил надеж, не плаши се. Бог ги знае твоите слабости и е поголем од твоите грешки. Од тебе бара едно: твоите слабости, твојата беда, не ги задржувајте за себе; однесете ги кај Него, положи ги во Него и од причина за пустош тие ќе станат можност за воскресение. Не се плаши!

Во придружба сме на Богородица, потсети Папата, која и самата му ја предаде на Бога својата вознемиреност. Објавата на Ангел и дава сериозни причини за страв. Тој ѝ предложи нешто незамисливо, нешто што е надвор од нејзината моќ што не можеше сама да го реши. Но, Марија не се спротивстави. Доволно ѝ беше она „не бој се“, доволно ѝ беше Божјото охрабрување.

Ние често го правиме спротивното: тргнуваме од нашата сигурност и дури кога ќе се изгубиме одиме кај Бога. Богородица нè учи да тргнеме од Бога, верувајќи дека на тој начин сè друго ќе ни биде дадено (сп. Матеј. 6,33). Тој нè повикува да одиме кај изворот, кај Господ, кој е радикален лек против стравот и болките во животот.

Да се вратиме кај Бога

Светиот Отец во својата проповед ја спомена и војната во Украина. Бруталната војна, која зафати многумина и ги натера сите да страдаат, кај сите предизвикува страв и ужас. Внатре чувствуваме чувство на беспомошност и недораснатост, рече Петровиот наследник. Треба да ни каже „не бојте се“. Но, човечката сигурност не е доволна, потребно е Божјото присуство, сигурноста на божественото простување, единствениот кој го поништува злото, ја разрешува огорченоста, го враќа мирот во срцето. Да се вратиме кај Бога, да се вратиме на неговото простување, нагласи Папата.

Светиот Дух, силата на љубовта

Ангелот ѝ зборува по трет пат, велејќи: „Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени“ (Лука 1,35). Така Бог интервенира во историјата: давајќи го својот Дух, забележа Папата. Ние самите не сме во состојба да ги решиме противречностите на историјата, па дури и противречностите на нашето срце. Ни треба мудра и кротка сила Божја, а тоа е Светиот Дух. Потребен ни е Духот на љубовта, кој ја раствора омразата, ја гаси огорченоста, ја гаси алчноста, нè буди од рамнодушност. Ни треба Божјата љубов затоа што нашата љубов е несигурна и недоволна. Толку многу му се молиме на Господа, но често забораваме да Го прашаме што е најважно и што сака Тој да ни даде: Светиот Дух, силата на љубовта.

Богородица нека нѐ фати за рака на денешното патување

Потребно е од Божјото простување да се извлече силата на љубовта, истиот Дух што слезе врз Марија, рече папата Фрањо. Ако сакаме светот да се промени, пред се треба да го промениме нашето срце. „За да го направиме тоа, да дозволиме денес Богородица да нѐ фати за рака“, повика Светиот Отец. Бог ја промени историјата со тропање на Срцето на Марија.

И ние денес, обновени од Божјото простување, чукаме на тоа Срце. Во единство со епископите и верниците во светот, сакам свечено да му го донесам на Безгрешното Срце на Марија сето она што го доживуваме: да го обновиме посветувањето на Црквата и целото човештво кон неа и на посебен начин да ѝ го посветам украинскиот и рускиот народ. Тоа не е волшебна формула, не, тоа е духовен чин. Тоа е гест на целосна доверба на децата кои се во неволјата поради оваа сурова и бесмислена војна што му се заканува на светот; прибегнуваат кон Мајката – како деца, кога исплашени одат кај мајка си плачејќи – ставајќи го својот страв и болка во нејзиното срце , предавајќи ѝ се на неа.

Од устата на Марија излегла најубавата реченица што можел ангел да му ја донесе на Бога: „Нека ми биде според зборовите твои!” (р. 38). Прифаќањето на Богородица не е пасивно или резигнирано, истакна Светиот Отец, туку жива желба за прилепување кон Бога, кој има „намери за мир, а не за несреќа“ (Еремија 29,11). Тоа е најблиското учество во неговиот план за мир во светот. Се посветуваме на Марија да влезе во тој план, да се ставиме целосно на располагање на Божјите планови, поттикна Папата, завршувајќи ја проповедта барајќи од Богородица да нè води за рака на нашиот денешен пат, да нѐ води по стрмните и тешките патишта на братство и дијалог, по патот на мирот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот