Четворица дипломирани богослови примија ниски чинови

Последниот ден од Свештеничките духовни вежби 2013 – во Охрид, кои се одржаа од 15 до 18 октомври под водство на монс. д-р Ратко Периќ, мостарски бискуп, четворицата дипломирани богослови, присутни на духовните вежби Илија Стојанов, Ванчо Назов, Атанас Сирачев и Зоран Ангелов, од рацете на монс. д-р Киро Стојанов, апостолски егзарх во Македонија, примија ниски чинови – чтец, спивец и свеќоносец.

Бискупот Стојанов при таа прилика ја искажа својата благодарност кон Бога, дека ја има радоста да подели ниски чинови на четворица млади луѓе кои се подготвуваат во блиска иднина да примат подѓаконско, ѓаконско и свештеничко ракополагање. И додаде: „Уште работници на Господовата нива, која Бог ни ја дава за делување, односно навестување и сведочење на Радосната вест, за спасение на душите.“

Богословите беа водени до олтарот од своите пароси о. д-р Зоран И. Стојанов и о. Спасо Ристов.

Двајцата бискупи и сите присутни свештеници на Апостолскиот егзархат во Македонија и скопска бискупија, служеа света Литургија, благодарејќи му на Бога за овој ден.

з.и.с.

Категорија: Македонија

За авторот