Чекор пред Божиќ: Божиќ е кога ќе дозволиш Бог преку тебе да ги љуби другите

Чекор пред Божиќ: Божиќ е кога ќе дозволиш Бог преку тебе да ги љуби другите

Секоја година е исто. Штом декември тропне на врата настанува вистинскo стампедо. На голем број луѓе им е доста од божиќното „брзање“: купи го ова, пакувај го подарокот, напиши честитка. Потоа доаѓаат сите тие училишни приредби и рецитали, собирања на работа. И кога сето тоа ќе заврши се чувствуваме исцрпени, со истрошени нерви, изморени тела. На крајот се прашуваме: Зошто сето ова?

За многу луѓе Божиќ станува товар, а не благослов. Сепак тоа не би требало да биде така. Еве како да го направите Божиќ едноставен и со потполно значење:

Потсетете што е вистинската причина за празникот. Евангелието според Лука вели: „Зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ.“ (Лк 2, 11). Христовото раѓање треба да биде централната мисла и двигател на сите ваши дела во декември.

Поминете двевно пет минути во тишина. „Застанете и разберете дека Јас сум Бог“, вели Светото Писмо. Секојдневната тишина пред Бог може да ве доведе поблиску до Христовиот дух.

Покажете дух на домаќин. Нека ве инспирира оној кој го отворил своето срце и шталата за да му помогне на Јосиф и неговата бремена жена Марија (Лк 2,7). Како домаќин помогнете некому кој е во тешка ситуација за време на празниците.

Запамтете некој цитат од Светото Писмо. Постојат многу цитати поврзани со Исусовото раѓање. Фокусирајте се на нив и обидете се да ги запаметете. На пример: „Мојата душа Го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога Спасителот мој.“ (Лк 1, 46-47) „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја.“ (Лк 2, 14)

Испрати честитка на некој во затвор. Дајте му до знаење дека некој мисли на него и се моли за него.

Прескокнете оброк. Неколку пати во декември прескокнете оброк. Ова едноставно воздржување од јадење ќе ви помогне да искусите како се чувствуваат оние кои се принудени да гладуваат.

Нека условите на Исусовото раѓање ве поттикнат да помогнете на други деца. Сетете се дека Исус е роден во штала и дека не ги уживал благодатите кои ги уживале другите семејства. Подарете храна, пелени, облека во локалните организации кои се грижат за семејства во потреба.

Заблагодарете. Сѐ што поседувате е дар Божји: вашиот живот, семејството, работата, верата, здравјето…

Бидете трпеливи. Празниците ви нудат многу можности во кои можете да ја вежбате својата трпеливост. Опуштете се и бидете трпеливи на пример кога сте во долги колони во сообраќајот итн. Сетете се дека трпеливоста е библиска доблест: „Љубовта е трпелива“, пишува апостолот (1 Кор 13, 4)

Живејте ги плодовите на Светиот Дух. Свети Павле нѐ потсетува дека плодовите на Духот се: љубовта, радоста, мирот, трпеливоста, благоста, добрината, верноста, кроткоста, воздржливоста (Гал 5, 22). Живејте и пренесувајте ги овие плодови на луѓето со кои се среќавате за време на празниците.

Простете. Отидете до личноста која ве навредила или која вие сте ја навредиле. Замолете за прошка и простете. Големи се шансите да се чувствувате подобро, многу подобро.

Проширете го поимот за семејство. Бидете исклучително инклузивни за време на Божиќ. Вклучете ги (во своите семејни свечености и собирања) оние кои не можат да бидат со своето семејство или немаат семејство. Бидете посебно чувствителни кон самците и вдовиците.

Молете се за мир во светот. За жал има многу конфликти во светот. Помислете на земјите во кои има војна и молете се за тој народ и за мир.

Бидете внимателни. Бидете вие тие кои први од срце ќе посакате Среќен Божиќ на сите со кои ќе се сретнете.

Запаметете дека Божиќ не е само датум, туку и состојба на духот. Живејте според мудроста на света Тереза од Калкута која кажала: Божиќ е секој пат кога ќе дозволиш Бог преку тебе да ги љуби другите.

Свијетло ријечи/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот