Црквата треба да биде понизна, сиромашна и со доверба во Бог

Црквата треба да биде понизна, сиромашна и да има доверба во Господ – рече папата Фрањо на светата Литургија на 15 декември во домот Света Марта. Притоа истакна дека сиромаштвото е првото блаженство и истакна дека вистинското богатство на Црквата се сиромашните, а не парите или световната моќ.

Исус силно ги опоменува првосвештениците и ги предупредува дека и блудниците ги испревариле во царството Божјо – рече Папата, коментирајќи го Евангелието, а осврнувајќи се на првото читање од Книгата на пророкот Софонија рече дека тоа ги покажува последиците од бунтот против Господ. Како тогаш Црквата треба да биде верна на Господ – праша и одговори: Така што ќе се довери во Бог, да биде понизна, сиромашна и да има доверба во Него.

Таа е „понизна Црква која не се фали со моќ и големина“ – рече Папата. Рече дека понизноста не значи малаксаност или вкочанетост. Тоа би било само глумење на понизност. Првиот чекор за вистинската понизност е признанието: „Јас сум грешник“. Ако самиот на себе не можеш да си кажеш дека си грешник и дека другите се подобри од тебе, тогаш не си понизен. Првиот чекор во понизната Црква е да се почувствува грешна – рече папата Фрањо, велејќи: Ако некој има обичај да ги гледа недостатоците на другите и за нив да озборува, тогаш не е понизен; се прави судија на другите.

Вториот чекор е сиромаштво кое е прво меѓу блаженствата. Бедни по дух значи да се биде наврзан само на Божјите богатства; да не се биде Црква наврзана на парите која само мисли за нив и за тоа како да заработи. Спомна дека во една бискупија на луѓето им било лажно кажано дека за премин преку Светите врати треба да се даде прилог. Тоа – нагласи – не е Исусова Црква, таа е Црква на првосвештениците кои се наврзани на парите.

Ја спомна епизодата од животот на свети Лаврентиј ѓакон од кој тогашниот цар барал да му ги донесе богатствата на Црквата. Лаврентиј се вратил со сиромашните и кажал: еве го богатството на Црквата. Папата рече дека е можно да се биде сиромашен во срцето, дури и ако се поседува банка, само ако срцето не е наврзано на парите. Сиромаштвото е ненаврзаност за да им служиме на оние во потреба – рече и поттикна да се запрашаме: Дали сме „понизна, сиромашна Црква? Дали јас сум сиромашен или не?“

Третата точка е довербата во Господ. На што јас се доверувам? На моќта, на пријателите или на парите? Треба да се довериме на Господ – рече Светиот Отец, потсетувајќи на Божјото ветување: „Ќе оставам среде тебе народ смирен и прост, и тие ќе се надеваат на името Господово.“

Станува збор за понизен народ затоа што се чувствува грешен; сиромашен затоа што неговото срце е наврзано на Божјото богатство; се доверува на Господ затоа што знае дека само Бог може да му го гарантира неговото добро. Додека го чекаме Божиќ да Го молиме Господ да ни даде понизно и сиромашно срце кои се доверува на Господ затоа што Тој никогаш не разочарува – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот