Цветници: Да му дозволиме на Исус да влезе во нашиот Ерусалим

Цветници: Да му дозволиме на Исус да влезе во нашиот Ерусалим

Драги христијани, се наоѓаме на шест дена пред Пасха, на шест дена пред Велигден, или таа Пасха која истиот народ секоја година ја славеше на 14 Нисан, во кој месец според Еврејскиот календар се слави ослободувањето од египетското ропство и одење во слобода.

Слободата е благодет и благослов Божји, но за слободата треба човек малку и да се помачи, бидејќи слободата треба да си ја заработиме. Почнувајќи од слободата душевна да можеме ние слободно да го славиме и фалиме нашиот Господ, да можеме дури и еуфорично да кажеме „Благословен си Ти Господи кој си вечен. Благословен си Ти кој, по Твојот пример ние се воодушевуваме и викаме со сиот глас, и Те славиме дека ‘Ти си Тој кој требаше да дојдеш. Ти си Тој Месија кој сите овие три години ги гледавме и ги слушавме твоите зборови, но некако не бевме уверени да прогласиме и да кажеме дека, еве, Ти си Христос.“ И кога наоѓавме храброст да те признаеме дека Ти си Христос, Ти велеше – Немојте да кажувате никому. Зошто? Затоа што сѐ уште не бил дојден часот.

Денеска кога тој влегува во Ерусалим, сега влегува за последен пат, и сиот народ викал и го прославувал…, вели светиот апостол: дури и народот да не викаше, мртвите камења ќе го прогласеа Исуса за Месија.

Слободно и јавно објавува Исус Христос – Тој е Оној кој влегува во Ерусалим за да укаже не само на народот, можеби најповеќе на првосвештениците, на тие кои управуваат со народот, дека еве го Царот кој доаѓа. И Тој има Царство, но тоа Царство не е од овој свет, самиот Исус кажа: „Моето Царство не е од овој свет, јас не се борам за овој свет, ви кажувам и ви објавувам да имате мир во вашите души, спокојство во вашиот живот. Колку пати ќе кажеше – земете го својот крст, последувајте ме, бидете со Мене да бидам и јас со Вас.

И сега кога ние се наоѓаме пред Ерусалим, со мноштво народ, ходочасници, за овој празник, многумина од дијаспората, надвор од Ерусалим се подготвувале да одат на тој ден да принесат жртва во ерусалимскиот храм. А во ерусалимскиот храм, може да си замислеме нешто огромно, големо, со многу тремови, каде би можело да се застане, за да се одмори, за да може да се најде прибежиште за тие кои се болни и тие кои се здрави, да можаат да најдат прибежиште и мажите посебно и жените посебно, прибежиште за трговците, прибежиште за тие кои се угнетувани, прибежиште за другородците, за друговерците. Значи имало место за сите. А таму некаде на средината Светото на Светите, Ковчегот и златните плочи. Каде е максимална тишина и молитва, место за клањање и место за жртвување.

Сега Исус треба да отиде таму, но пред да влезе во тој храм, во тој град, од сите места луѓето дошле, слушнале дека, еве, Исус поминува оттука. Пред некој ден слушнале дека го воскреснал Лазар. Дали е можно тоа, да одиме да видиме. Тој е истиот кој пред некое време ја воскреснал ќерката на Јаир, истиот Тој го воскреснал младиот, овој е истиот кој го оздраве слепиот, на сакатиот му даде здравје. Многу работи луѓето кои не можеле можеби ниту да слушнат, затоа што од каде да знаат кој е Тој Исус. И еуфорично како сите, постилале свои облеки, гранки, влегуваат таму во Ерусалим, и сите тие кои знаеле и кои не знаеле се приближуваат кон топлата на славење.

И кај нас луѓето денес, кога ќе дојде некој човек, кој и да е, лично и да не го знаеме, дури ниту сме слушнале за него, но ќе слушнеме како други зборуваат за него дека го слушнале некаде, и кога тие што го знаат му ракоплескаат, та и ние што не го знаеме му ракоплескаме. Сите се радуваат и ние се радуваме. Сите се смеат и ние се смееме. (…)

Драги христијани, кога убаво така ќе помине таа епизода на влегување на Исус Христос во Ерусалим, ете, ние се подготвуваме за Пасха. Ќе му дозволиме ли на Исус да влезе во нашиот Ерусалим? Ќе му кажеме ли Господи, Ти биди управувач во мојот Ерусалим, во мојот живот, во моето срце. Јас Те пречекувам и се надевам дека нема да заборавам за скоро време. Да не почнам после 2-3 дена да викам „Распни Го“, „Не го сакам“. Да му затвориме врата со катанец кој не може ништо да го отвори.

Еве, се приближува време кога ќе пристапиме и до Света Исповед, да може да ги очистиме патеките по кои ќе треба Исус Христос да доаѓа. Колку е невкусно, на Велигден ќе биде полна Црквата, но од сите тие, колкумина ќе има кои навистина му држат гранче и ќе му велат, Господи дојди во моето срце, а колкумина ќе има од тие кои викаат Осана, викајте, пеејте, а на крајот и самите не знаат зошто викат и зошто пеат, бидејќи за два три дена ќе го распнат. Можеби истиот ден ќе го распнат. Можеби во самиот момент кога Исус треба да влезе, Исус веќе е распнат во неговото срце, во неговиот живот, во неговото семејство, во неговото општество.

И ние ќе викаме, Господи, јас влегувам во Тебе. Големите празници не се еуфорија. Големите празници се чест и слава да му дадеме на Бога, на својот Создател, кој стана Створение. Тоа е Тајна која човекот со својот ум и да сака да разбере, не може. (…)

Да се потрудиме на таков начин да му дозволиме на Исус да влезе во нашиот Ерусалим. Тогаш навистина ќе пееме, ќе се радуваме, ќе бидеме со Него, а и Господ ќе биде со нас. Амин.

о.С.Р.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот