Царице небесна: Исус нѐ повикува да се љубиме едни со други

Царице небесна: Исус нѐ повикува да се љубиме едни со други

Во попладневниот наговор за време на молитвата Царице небесна на 6 мај 2018 година на плоштадот Свети Петар, Светиот Отец истакна дека љубовта кон другиот не смееме да ја задржуваме за посебни моменти, туку мора да стане константа на нашето постоење.

Да се престојува во „струјата“ на Божјата љубов, закотвувајќи се во неа, е предуслов нашата љубов да не го загуби жарот и храброста – рече папата Фрањо. И ние како Исус и во Него мораме благодарно да ја прифатиме љубовта на Отецот и да останеме во таа љубов, а при тоа да не се одвоиме од него поради себичноста или гревот. Станува збор за барање, но не и за невозможна програма – напомена Папата.

Да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас

Пред сѐ е важно да се биде свесен дека љубовта на христијанинот не е површно чувство, туку основен став на срцето, кое се покажува преку живеењето на начин кој Тој го сака – рече Светиот Отец и продолжи: Всушност Исус потврдува: Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете љубов Моја, како што Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во љубовта Негова. (Иван 15,10). Љубовта се остварува во секојдневниот живот, во ставовите, во делата, инаку таа ќе остане само нешто илузорно. Исус нѐ поттинува да ги пазиме Неговите заповеди кои се содржани во следното: Да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас“ (Иван 15,12).

Папата потсети дека Исус повеќе пати објасни кој е ближниот, кого треба да љубиме, не со зборови, туку со дела. Станува збор за оној кој го сретнувам на својот пат, и кој ме повикува со своето лице и својата приказна – рече Папата. Тоа е оној кој со својата присутност ме принудува да излезам од своите интереси и сигурност. Тоа е оној кој чека на мојата подготвеност да слушам и заедно да поминеме дел од патот. Подготвеност кон секој брат, секоја сестра, кој и да се и во било каква систуација да се наоѓаат, поаѓајќи од оние кои ми се блиски во семејството, во заедницата, на работата, во училиштето… На тој начин, ако останеме соединети со Исус, Неговата љубов ќе може да допре до другиот и да го привлечи кон себе, во своето пријателство – истакна папата Фрањо.

Љубовта кон другиот мора да стане константа на моето постоење

Таа љубов кон другиот не смееме да ја задржуваме за посебни моменти, туку таа мора да биде константа на нашето постоење – предупреди Светиот Отец и продолжи: Од таа причина на пример, повикани сме да се грижиме со љубов за старите како за скапоцено богатство, дури и кога создаваат економски проблеми и непријатности, но треба да се грижиме за нив. Од таа причина на болните треба да им понудиме секаков вид на помош, па дури и кога се во последна фаза. Од таа причина неродените деца секогаш треба да се прифаќаат. Од таа причина животот треба да се штити и љуби од зачнување па сѐ до природната смрт. Тоа е љубов – напомена папата Фрањо.

Бог нѐ љуби во Исус Христос кој нѐ повикува да се љубиме еден со друг како што Тој нас нѐ возљуби. Но тоа не би можеле да го правиме кога не би го имале Неговото срце. Евхаристијата на која сме повикани да учествуваме секоја недела, има за цел во нас да го формира Христовото срце, како целиот наш живот би биле водени од Неговите великодушни ставови – рече Светиот Отец и заврши: Блажена Дева Марија нека ни помогне да останеме во Исусовата љубов и да растеме во љубовта кон сите, посебно кон најслабите, како во потполност би одговориле на нашиот христијански повик.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот