Христос се роди – навистина се роди!? Или можеби Христос се роди – славете Го!?

Христос се роди – навистина се роди!? Или можеби Христос се роди – славете Го!?

Христијаните во божиќното време или поточно од 25 декември до 1 јануари (од 7 до 14 јануари) обично се поздравуваат со поздравот: Христос се роди! Кај нас во Македонија како одговор можеме да слушнеме разни варијанти, поаѓајќи од најупотребуваниот: Навистина се роди!, што воедно и не значи дека е единствен и најправилен, а исто така може да се слушне и Мир Божји – Христос се роди. Католичката црква во Македонија го користи поздравот: Христос се роди – славете Го! И секако понекогаш сме во забуна и се прашуваме што би било поисправно.

„На Божиќ го славиме раѓањето на нашиот Спасител Исус Христос. Го славиме роденденот на Животот. И никој не е исклучен од оваа радост. Праведникот нека се радува, бидејќи се приближил до победата. Грешникот нека се весели, бидејќи е повикан на опростување. И некрстените нека се радуваат, бидејќи се повикани на живот“ (папа Лав Велики).

Свети Григориј Богослов, говорејќи за раѓањето на Спасителот вели: го славиме овој ден: доаѓањето на Бога кај луѓето за да нè поттикне или, уште подобро, да се вратиме кај Бога… да го отфрлиме од себе стариот човек и да се облечеме во новиот човек (сп. Ефесјаните 4,22-24) и како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат (1 Кор.15,22), при што Христос се роди, распна, погреба и се вознесе…“

Евангелистот Лука известува: И одеднаш со ангелот се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога! (Лука 2,13). Заклучуваме дека Црквата е повикана на овој празник заедно со ангелите да го слави доаѓањето на Синот Божји во човечко тело. Од тука произлегува и дека има смисла одговорот на поздравот Христос се роди да биде славете Го! Тој е краток и едноставен, а сепак со многу длабоки зборови, бидејќи сведочи за нашата вера дека Божјото ветување се исполни, дека Спасителот на светот, второто лице на Светата Троица, вечниот Син Божји, роден од Светиот Дух и Дева Марија, стана Човек. Исполнувањето на ветувањето е причина за славење! „Зашто Младенец ни се роди – Син ни се даде“ (Исаија 9, 6), не заборавајќи дека раѓањето на Исус Христос се случи токму за нас.

Знаеме дека се роди, и тоа како што нѐ известува евангелистот Лука за време на ќесарот Август додека во Сирија управуваше Квириниј (сп.2,1-20) што значи дека се случува во конкретен историски период и место. Нема потреба да потврдуваме дека навистина се роди, туку неговото раѓање треба да го славиме. Потврдата за раѓање на Исус даваат и многу историски податоци и луѓе, како на пример Јосиф Флавиј, кој е еден од важните извори за еврејската историја од времето на Исус. Но тоа не значи дека и веруваат во неговото спасително послание. Па така бадијала ќе потврдувате ако не го славите, Оној кој дојде заради нас. Од тука и поздравот Христос се роди – славете Го!

Славете Го, треба до го сфатиме во значењето и користењето на старословенскиот (старомакедонскиот) јазик, кога се користи множина и неговото реципрочно значење.

Доколку споредиме како христијаните во други земји и на други јазици се поздравуваат за Божиќ можеме да забележиме дека единствено во Македонија одговорот на божиќниот поздрав Христос се роди отстапува од другите. На сите други места одговорот е скоро ист или сличен, а гласи: Славете го, прославете го, величете го. Во продолжение погледнете сами:

Христос рождается – славьте! – Руски јазик

Христос рождається! Славімо його! – Украински јазик

Χριστός γεννάται, δοξάσατε – Грчки јазик

Hristos se Naşte! Măriţi-L! – Романски јазик

Christus wird geboren, verherrlicht Ihn – Германски јазик

Christ is born! Glorify Him! – Англиски јазик

Кон прилог на ова оди божиќната катавасија, која гласи: Христос се раѓа, славете го/Христос (доаѓа) од небеста, пресретнете го!/Христос (е) на земјата, вознесете се/пеј му на Господа цела земјо/и со веселие воспејте го, луѓе,/зашто се прослави.

И не случајно во катавасијата стои несвршениот глагол се раѓа, затоа што тој и денес и постојано се раѓа за нас. Па така кога еден христијанин поздравува со поздравот Христос се роди, кој е свршен глагол, сака да покаже длабока вера дека веќе е роден во неговиот живот, штотуку е роден во неговиот живот со славењето на празникот во духот на Црквата. Од тука одговорот славете Го ја добива и својата смисла, имено христијанинот живеејќи со свесноста дека Бог е веќе роден во неговиот живот, треба и да го слави.

Разбирливо е дека текстот кој го прочитавте има за цел да го претстави гледиштето видено од Светото Писмо и традицијата, а не да инвентира нешто ново.

И за крај, како и минатата година, така и оваа јас повторно ќе ве поздравам со Христос се роди – славете Го! А вие како сакате, важно е свечено да го прославиме овој светол празник и да го славиме Богомладенецот! Ако не го славиш бадијала е сѐ друго! Но важно е и како го славиш!

о. Гоце Костов

Категорија: Колумни

За авторот