Христијаните не треба да се плашат да формираат семејства и да имаат деца

Папата Фрањо говорејќи во сабота вечерта, 26 октомври пред илјадници семејства кои се собраа на гробот на свети Петар на Меѓународно поклонение за семејства, ги повика сите генерации да се обединат и да ја живеат радоста на верата.

Откако ги сослуша искуствата и доживувањата кои ги споделија присутните со него, Папата рече: „Видов многу деца, многу дедовци и баби… Ја почувствував болката на семејствата кои живеат во околности на војни и сиромаштво. Слушнав млади кои се одлучиле на женидба иако соочени со бројни тешкотии. Па да се прашаме тогаш: Како денес е можно во семејството да се живее радоста која произлегува од верата?

Го продолжи своето обраќање на семејствата размислувајќи за делот од Евангелието по Матеј во кое Исус вели: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11,28). Папата нагласи дека животот често може да биде тежок. Работата изморуваa, рече, а барањето работа исцрпува. Но, во животот е најтешко кога има недостатокот на љубов, и тогаш товарот станува уште потежок.

Тогаш ги упати мислите на старите луѓе кои живеат сами и на семејствата кои дома се грижат за лица со посебни потреби, а немаат помош, Папата нагласи дека Господ ги познава тешкотиите и товарите кои ги носиме во животот. Но, позната му е и нашата голема желба да најдеме радост и одмор.

Размислувајќи за бракот кој го опиша како доживотно патување во кое треба „да тргнеш и да одеш заедно, рака под рака, доверувајќи се самите себе на силната рака Господова,“ Папата истакна дека предавајќи се на Божјата верност, сопружниците можат одговорно и без страв да прифатат сѐ. И покрај бројните тешкотии на кои во денешно време наидуваме, христијаните не треба да се плашат од одговорноста на „формирање на семејство и донесување деца на свет“. Размислувајќи за сликата на Исусовото прикажување во храмот, папата Фрањо рече дека таа слика прикажува три генерации кои се соединуваат во истиот план: старите луѓе, како Симон и Ана, ја претставуваат верата како спомен на Божјото ветување. Марија и Јосиф се семејство посветено со Исусовата присутност, а Исус е остварување на Божјото ветување. „Секое семејство“, предупреди папата, „вклучено во историјата на народот и не може да постои без генерациите кои биле пред него“.

Папата Фрањо го заврши своето размислување кажувајќи им на присутните семејства дека со нив е Христовата милост и ги повика да ја живеат радоста на верата.

Извор: Bitno.net/Превод: Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот