Христијаните да бидат радосни, а не како да се на погреб

Христијаните да бидат радосни, а не како да се на погреб

Радоста има три димензии – рече папата Фрањо на светата Литургија која ја служеше во домот Света, на 21 декември 2017 година, осврнувајќи се на литургиските читања од денот – пред сè, се работи за радоста која се раѓа од прошката: „Господ ја отповика твојата осуда“.

Токму затоа што знаеме дека ни  простено треба да се радуваме и да не живееме млак живот, затоа што простувањето е коренот на христијанската радост. Доволно е да помислиме на радоста на затвореникот на кој му е променета казната или на болниот, на фатениот за чија лекување се зборува во Евангелието, за да сфатиме дека мораме да бидеме свесни за откупувањето кое Исус ни го донесе.

Еден филозоф ги критикувал христијаните – наведе еден пример Папата – за себе зборувал дека е агностик или атеист, не сум сигурен, но ги критикувал христијаните и велел: „Тие, христијаните, велат дека имат Откупител, ќе верувам во тоа, ќе верувам во Откупителот кога тие ќе имаат лица на откупени и радосно затоа што се откупени.“

Ако имаме лица како да сме на погреб, како можат другите да веруваат дека сме откупени, дека нашите гревови се простени? – праша Светиот Отец и истакна: Таа е првата порака од денешната литургија: простено ви е, на секој од нас му е простено. „Бог е Бог на прошката“ – нагласи Папата и поттикна – примете го тоа простување и одете напред со радост затоа што Господ ќе ги прости и оние работи кои сите ги правиме заради слабост.

Вториот повик е да бидеме радосни затоа што Господ „оди со нас“ од моментот кога го повикал Авраам, „Тој е меѓу нас,“ во нашите искушенија, тешкотии, радости и во сè – рече папата Фрањо и препорача – во текот на денот, со неколку зборови обратете Му се на Господ Кој е покрај нас, во нашиот живот.

Третата димензија е да не дигнеме раце од сè – рече Папата и нагласи – таквиот животен песимизам не е христијански, затоа што се раѓа од корени кои никогаш не го почувствувале Божјото милување. Евангелието ни дава да ја видиме таа радост: „Марија радосна и оди во брзање“ радоста секогаш ни донесува брзање, затоа што милоста на Светиот Дух не познава спорост. Светиот Дух секогаш брза, секогаш нè поттикнува: оди напред, напред, напред како ветрот кој дува во едрата на коработ.

Накратко, се работи за радоста заради која детето заиграло во утробата на Елисавета кога се сретнала со Марија. Тoа е радоста на која Црквата нè повикува да бидеме радосни христијани, да ги вложиме сите напори и да покажеме дека веруваме дека сме откупени, дека Господ ни простил и ако сме паднале, дека Тој повторно ќе ни прости затоа што е Бог Кој простува; да веруваме дека Господ е меѓу нас и дека нема да дозволи да дигнеме раце од сè – истакна Светиот Отец и заврши – тoа е денешната порака: „Стани“. Тоа Исусовото „стани“ на болните: „Стани, оди, викај од радост, радувај се, воскликни од веселба и викај со целото срце.“

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот