Храна која не се јаде

Нема вкус, ниту мирис, а се препорачува за сите и тоа во неограничени количини. Не плашете се од неа нема да се здебелите. Единствена нус појава на ова храна е голема радост затоа што станува збор за духовна храна – Слово Божјо.

Бог ни даде и дух и тело. Телото го храниме секојдневно. А што е со душата? Ја храниме ли неа? Во денешниот комерцијален свет јасно е дека телото стана одличен извор на заработка затоа што за телото денес можат да ни продадат 10 различни кремови, разна облека, обувки или најновиот технолошли изум.

Дали некогаш на реклама сте слушнале за некој производ за благосостојба на душата? Замислете телевизиска емисија или реклама во која би се зборувало за важноста на читање на Светото Писмо и слушање на Словото Божјо. Замислете еден доктор Оз наместо за телото еден час време да зборува за душата; за нејзините тајни и потреби.

Некој во еден момент пред многу години помеѓу силните реклами заборави дека како луѓе имаме и душа и дека за неа мораме да се грижиме.

Како и телото верувам дека и душата може да се разболи. Симптомите кои можеме да ги почувствуваме сигурно се депресија, рамнодушност, недостаток на чувство за другите, барање задоволство во материјалното и создавање на разни зависности. Сето тоа му отворило врата на уште едно зло кое наводно нуди решение за сето наведено, па така се појавуваат многубројни исцелители, “life coaches”, гатачи и слично, кои ветуваат лекување и себе си се претставуваат како пат.

За сите христијани е само еден пат, една вистина и еден живот. Лек за болната душа е исто само едно – Словото Божјо. Слово преку кое ќе дојдеме до внатрешна радост и одговор на многу прашања. Слово преку кое ќе го запознаеме Бог, но и самите себе. Со Божјото Слово можеме повторно да се родиме, затоа што за Бог ништо не е невозможно. Знам понекогаш е тешко рационално да се објасни дека Бог навистина може да го промени нашиот живот или да влијае на него, но ниту треба да се трудиме бидејќи Бог можеме да го сфатиме единствено со срцето. Ако не знаеш како да почнеш, прашај го својот свештеник, пријател, започни да молиш Бројаница, да ја читаш Библијата или едноставно во тишина слушај го Божјиот глас.

Еднаш кога ќе го почувствуваш во своето срце и кога таму ќе се всели никогаш повеќе нема да си замине, а некои работи ќе ти бидат појасни. Отвори го уште денес своето срце за Бог и не пропуштај уште на ова земско патување да го запознаеш Бог – како пред вкус на Рајот.

Лаудато/Д.И.

За авторот