Хомилија на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов на Воскресението Христово во Струмица

По повод празникот Воскрсение Христово – Велигден Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов служеше света архиерејска Литургија во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ – Струмица, при што одржа пригодна проповед, која Католици.мк ја пренесува во целост:

Исусово Откупителско дело

 Драги браќа и сестри! – Го празнуваме Христовото Воскресение, најдлабокото таинство на нашата вера. Не знам дали некогаш се замисливте над понудата на Божјото слово која се навестува на овој возвишен празник. Би сакал со вас да го споделам ова размислување кое е посветено на традицијата на Црквата. Дали сте забележале дека во Евангелието ја читаме првата глава од Евангелието според Иван каде се говори за воплотението и за нашето препородување со вода и со Светиот Дух, а во читањето е опишано Исусовото вознесение и послание на апостолите да ја навестуваат Христовата Радосна вест. Така во една литургија и единствено денес се опфаќа Исусовото таинство од зачнувањето до вознесението на небо. Можеме да кажеме дека во денешната литургија, буквално Исус е Алфа и Омега – почеток и завршеток на историската смисла.

Бог го создаде човекот да го направи наследник на своето блаженство, на својата среќа. Го направи сличен на себе и го обдари со дарови кои ги имаат само ангелите. Тие дарови се моќ на спознавање, слободна волја и бесмртна душа. Само лица кои ги имаат тие дарови можат да разговараат, можат да се дружат, да одлучуваат, со еден збор можат да бидат вистинска заедница. Сите други заедници во природата се или јато или глутница или група. Човекот и ангелот се заедница. Таа мисла е многу важна, бидејќи така се разбира кој е патот на нашиот живот до остварувањето на среќата, уште подобро до постигнувањето на блаженствата. Знаеме во светлината на верата дека сме произлегле од Бога и дека се враќаме во Бога. Кругот на нашиот живот е толку совршен што во животот сме оствариле едно патување: од Бога кон Бога. Меѓутоа, кажано сликовито, тој круг на прстенот е напукнат. Тоа патување е прекинато од гревот. Човекот ја изгуби насоката за враќање кон Бога. Така се случило ако нема цел да нема ни завршеток на животот во тоа блаженство за кое е создадено. Оттука, читаме денес во Евангелието прекрасно размислување според Иван за Божјото слово кое е од Бога родено и од Бога излегува, а според кое е сè создадено и кое е Создател на сè. Со желба Бог да го спаси човекот го упати тоа створителско Слово на ист животен пат по кој се упатил грешниот, човекот. Доаѓањето на Бога во нашиот животен пат беше толку незабележливо така што кај Своите дојде, но Своите не Го примија. Не го препознаа, Бог остана еден од нас, целосно човек, во Исус Христос облекувајќи ја нашата кревка и кршлива човечка природа. Не е чудо што горди луѓе не го препознале Бога, бидејќи делува обично, а сепак беше необичен. Кога Иван го претставил на луѓето – тие не му поверувале. А на тие кои Му поверуваа им даде моќ да станат чеда Божји. Што направи Исус? На оваа земја донесе Светлина за да го просветли секој човек кој доаѓа на свет. Тој е тоа светло, бидејќи ја навести сета вистина за Бога и човекот. Вистината за Бога е таа дека е еден Бог во три лица: Отецот, Синот и Светиот Дух. Ни го објави Отецот. Ни ги отвори очите да го препознаеме своето божествено потекло. Тој чин на препознавање на својата сличност со Бога ја оптовари нашата совест. Грешниот човек забележа дека со гревот се оддалечи далеку од својот Бог. Секој од нас беше изгубениот Син. Затоа Исус, покрај тоа што учеше, Тој лечеше болни, тешеше тажни и проштеваше гревови. Тоа дело кое го нарекуваме ослободување за да може да продолжи околу себе собира заедница – првата Црква – и ја направи способна да способно го продолжи Неговото дело. Да, за ова да и биде можно, таа заедница би морала да се врати во целосно заедништво со Бога. Сепак, човекот не може тоа да го направи сам од себе. Заради тоа, Исус покрај навестувањето, на себе ги зема и гревовите на светот и на крстот ги уништува, бидејќи послушен на Отецот, себеси се предава како жртва и си откупува нов народ кој е роден во Неговата крв и жртвата на Неговото тело. Отецот ги прифаќа, и тој чин на неизмерна послушност и предаденост третиот ден го воскреснува и го поставува себеси од десно. Со тој чин на воскресение започнува историјата на новиот човек кој сега во Христос трајно се наоѓа од десно на Отецот во заедништвото на Пресветото Тројство не само како вечен Бог, туку и како вистински човек. Неговото воскреснато тело е вистинско тело, кое отстапува од нашите физички закони но е навестување, потврда и ветување дека тие кои се родени од крв и вода, значи дека се крстени со вода и Светиот Дух, исто така ќе бидат наследници на воскресението.

Да, тоа дело кое Тој – Исус – го извршил да може и натаму да живее, не го обновува старото Израелско Царство, туку воспоставува ново кое се темели на навестувањето и верата на првите сведоци – Неговите ученици.

Драги браќа и сестри, заради тоа денес Црквата е вака распеана и свечена во единствената божествена литургија бидејќи слави свое спасение и остварување. Еве, меѓу нас е исто оној Христос кој е сега од десно на Отецот, Тој нѐ собира и нас нѐ заговара и нѐ доведува во заедништво со Бога. Тој и сега е наш сопатник и сонаследник во сè што е нашиот живот.

Денес на Велигден да бидеме свесни за таа средба и тој Сојуз кој го обновуваме со Исус за да можеме да одиме по сосема јасен пат кој што Бог го зацрта со желба да го усреќи човекот. Затоа, драги верници, таа средба мора да ни биде многу важна во целата година и трајно да ја чувствуваме Неговата присутност во нашиот живот и Неговиот заговор со кој нас од деснo на Отецот постојано нѐ заговара. Ете, се обидов заедно со вас да вронам во тајната на преданието на Црквата зашто на Велигден се чита севкупната Божја објава од Воплотението до Вознесението.

Честит празник Воскресение Христово – Христос Воскресе!

Категорија: Македонија

За авторот