Учете се да ги прифаќате оние кои мислат поинаку

Учете се да ги прифаќате оние кои мислат поинаку

Последната етапа од апостолската посета на Папата на Бангладеш беше средбата со младите во Дака. Оваа сабота илјадници млади учествуваа на средбата со Светиот Отец во католичкиот колегиум Notre Dame.

Во својот говор, папата Фрањо ги пофали младите заради нивната цврста волја да промовираат атмосфера на хармонија.

Како што е случајот со многу католички образовни институции и ова училиште го посетуваат голем број деца кои не се христијани, а овој факт го истакна Папата во својот говор. Ме радува што овде заедно со католиците се и многу млади пријатели, муслимани и припадници на други вероисповеди – рече папата Фрањо.

Додаваме дека во колегиумот Notre Dame се запишани повеќе од 3.000 студенти. Бангладеш е земја во која луѓето помлади од 25 години го сочинуваат речиси половина од околу 160 милионското население, колку што живее во таа азиска земја. Иако католиците во таа земја се околу 0.2%, според податоците на Епископската конфереција на Бангладеш, повеќе од 40 илјади млади од различни вероисповеди посетуваат католички образовни институции.

Папата Фрањо потоа рече дека на средбите со млади чувствува дека станува млад. Го пофали нивното воодушевување и авантуризам што ги карактеризира младите и им помагаат и во тешките ситуации секогаш да одат напред. Ги потсети дека животниот пат не е бесцелно лутање, туку мудроста која произлегува од верата ја покажува вистинската насока.

Таа мудрост значи да се гледа на светот и на неговите проблеми со Божји очи, помагајќи ни да ги препознаеме и отфрлиме лажните ветувања за среќа – рече Светиот Отец. Тој истакна дека мудроста од нас бара отвореност и прифаќање на оние кои мислат поинаку, а токму тие два става ја чуваат личноста од тоа да се изолира во свој мал и затворен свет во кој постои само дрскиот менталитет „јас сум добар, ти си лош.“ Мудроста Божја нè прави отворени за другите – продолжи Папата. Ни помага да го свртиме погледот над нашите лични пријатности и лажни сигурности кои нè прават слепи за големите идеали, а кој го прават животот поубав.

Папата Фрањо исто така ги поттикна младите да бидат внимателни на старите затоа што тие во себе го носат сеќавањето и мудроста од искуствата кои нè чуваат од тоа да не ги повторуваме грешките од минатото. Старите поседуваат харизма за „премостување на оддалеченоста“, обезбедувајќи ги најважните вредности да се пренесуваат понатаму на нивните деца и внуци. Според нивните зборови, нивната љубов, нивната нежност и нивното постоење сфаќаме дека историјата не започнала со нас, туку дека сме дел од долгото „патување“ и дека реалноста е поголема од нас – истакна Светиот Отец.

Драги млади пријатели. Кога ќе ги погледнам вашите лица, исполнет сум со радост и надеж – продолжи Папата – радост и надеж за вас, за вашата земја, за Црквата и вашите заедници. Нека Божјата мудрост и понатаму ги вдахнува вашите напори да растете во љубовта, братството и благосостојбата – рече папата Фрањо, завршувајќи го говорот со зборовите: Нека Бог го благослови Бангладеш!

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот