Украинскиот архиепископ Шевчук кај папата Фрањо

Папата многу внимателно следи се што се случува во Украина – рече големиот киевски архиепископ Свјатослав Шевчук, кој папата Фрањо на 17 март го прими во аудиенција. Одделот за информации на Црквата од Источен обред во Украина освен тоа извести дека Папата гарантира заземање на Светата Столица за мир во Источна Европа.

Папата Фрањо многу внимателно следи што се случува во Црквата од Источен обред во Украина и загарантира дека Светата Столица ќе направи сѐ што е можно за мир во Источна Европа, најмногу од сѐ за да се избегне засилување на конфликтот – истакнато е во соопштението на Одделот за информации на Црквата од Источен обред во Украина, која што го пренесе агенцијата Сир, во кое што се известува за аудиенцијата на големиот киевски архиепископ Свјатослав Шевчук кај Светиот Отец, а потоа и кај државниот секретар на Папата кардинал Пјетро Паролин.

Архиепископот Шевчук зборувал за сѐ што се случувало во Украина во последните три месеци – стои во соопштението – и истакнал дека посланието на Црквата од Источен обред во Украина секогаш било и е – да биде со луѓето и меѓу луѓето, објаснувајќи притоа зошто свештениците се нашле на плоштадот Мајдан заедно со народот. Големиот архиепископ му кажал на папата Фрањо и за улогата на Советот на цркви и верски организации од цела Украина во изградба на мирот во таа земја. Светиот Отец – како што стои понатаму во соопштението – изразил солидарност со украинскиот народ заради страдањата и опасностите кои се пред нив.

Архиепископот Шевчук на Светиот Отец исто така му спомнал дека за време на комунизмот Црквата од Источен обред во Украина преживеала благодарение на единството со Петровиот наследник. Папата Фрањо пак му загарантира на архиепископ на Црквата од источен обред во Украина дека никогаш нема да недостига заштитата на Светата Столица – истакнато е во соопштението. На крајот на аудиенцијата Папата го подели својот апостолски благослов на целиот украински народ.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот