Убаво е да бидеш фратар!

Сигурно многу пати сте сретнале монаси и монахињи и барем еднаш сте се запрашале, зошто некој се одлучил да живее во манастир. Во што е радоста на животот посветен на Бог говори фра Марин Карачиќ, богослов на Херцеговачко фрањевската провинција, родум од Широк Брег – вистински радосен фратар во чие друштво би посакале подобро да го запознаете Оној кој е извор на таа радост.

Во четврток, 2 февруари на посебен начин го одбележавме Денот на посветен живот, кој во 1997 година го воспостави папата Иван Павле II. Каков е тој „посветен начин на живот“ и кој го живее?

Нашиот благопокоен папа Иван Павле II воспостави „Ден на посветениот живот“ за да се сетиме и заблагодариме на Бог за дарот на повикот, за дарот на посветени луѓе, и луѓето да станат свесни дека сѐ уште има такви кои сакаат од близу да го следат Господ, и тие да се поттикнат да одговорат на Господ и да не го уништат Неговиот повик во срцето. Посветениот живот е живот даруван на Бог, живот кој се живее според евангелските совети, заветите, каде монахот или монахињата својот живот потполно Му го предаваат на Оној кој љуби над сите. Тоа е живот поблиску поврзан со Господ, кога со заветите на чистотата, сиромаштво и послушноста влегуваме во „интимен однос“ со Господ. Со сиромаштвото човекот се ослободува од наврзаноста, поседувањето, а и Исус бил сиромашен; преку послушноста на поглаварите монахот ја прифаќа волјата Божја, а со чистотата го чува своето тело поради Царството Божјо, затоа што „вашето тело е храм на Светиот Дух“ (1Кор 6,19). Тоа е дар кој Господ го испраќа на оние кои се подготвени да го даруваат својот живот и да тргнат по Него, на оние кои се подготвени со животот да одговорат на Љубовта. Господ избира и повикува, но некои не сакаат да го слушнат Неговиот повик. Не е лесно да одговориш, да собереш храброст и да го направиш првиот чекор, но Он е неуморен во повикувањето, така и денес имаме добар број на монаси и монахињи во светот.

И ти си одлучил својот живот на посебен начин да го посветиш на Бог, преку свештеничкиот повик. Што било одлучувачко во твојот живот за да одговориш на тој повик? Во што е радоста на монашкиот живот?

Во мојот живот немаше некои големи животни пресврти и приказни од кои застанува здивот и кои ги преобраќаат луѓето. Не знам, од кога знам за себе одам на света Литургија и дури ме задеваа, како дете дека ќе бидат фратар, што тоа мене тогаш многу ме лутеше, ми пречеше и зборував дека тоа е последно што сакам да бидам во мојот живот. На децата секогаш повеќе ги привлекува да бидат пилоти, доктори, актери отколку фратри и светштеници. Секако, секогаш има исклучоци! Но мислам дека во мојот живот одлучувачко време беше средното училиште, гимназија, времето кое го поминував со Фрањевската младина – „ФРАМА“. Во тие четири години Фрама потполно ме промени иако не бев во семинарија, туку во гимназија се глупирав, имав девојка и живеев нормално како сите мои врсници, но некако секогаш Он беше тука некаде со мене. И низ тоа време дури и несвесно свети Фрањо сѐ подлабоко и подлабоко влегуваше во моето срце и неговиот начин на наследување на Исус Христос. Очигледно се заљубив во Господ преку тој светец од Асизи. Ме освои Фрањо со својата преданост, оригиналност, својот однос кон браќата и созаданијата, но можеби најмногу ме фасцинираше неговата слобода во Господ, неговиот слободен дух кој ништо од овој свет не можел да го зароби затоа што целосно му припаѓа на Господ. И сакав да бидам како него и по неговиот пример да го следам Господ. Во мојата глава тогаш беше збркано и нејасно, а сепак јасно, во исто време ме фаќаше несигурност и бестрашност. Знам дека сите велат оти повикот не може да се опише и се согласувам со тоа, не може да се опише затоа што никогаш потполно не можеш срцето да го „истресеш“ на хартија, но некако чувствуваш дека мораш по тој пат, дека Господ тоа го подготвил за тебе.

А во што е радоста? Па радоста е во Господ! И во заедништвото. А свети Фрањо се погрижил никогаш да не недостасуваат браќа кои ќе ти ја вратат насмевката на лицето!

Колку во тој процес на формација се присутни искушенијата и како се бориш со нив?

Многу луѓе на шега ми рекле дека ѓаволот посебно сака да ги искушува оние кои се посветуваат на Господ и дека младите фратри, монаси и монахињи имаат посебни искушенија во формацијата. Не знам, искушенијата се составен дел на нашиот живот кои го зацврстуваат нашиот однос со Господ. Секако, понекогаш ќе попуштиме пред нив, но тоа ни е знак дека треба уште повеќе да се присоединиме со Него. Молитвата е најефикасното оружје против искушенијата, но треба да се чуваме од искушенијата секогаш со нешто се занимавај и нешто работи затоа што, кај нас велат: „Вработи се сам или ѓаволот ќе те „вработи““. Мислам дека не треба да се плашиме од искушенијата, ќе ги има цел живот, туку да научиме да ги совладуваме, а и ако паднеме да не се колебаме и очајуваме, туку да станеме и одлучно да тргнеме напред.

Своите мисли најдобро ги изразуваш преку своите песни од кои некои веќе беа на Ускрсфест и Фрамафест. Кои се главни теми во твоите песни и ги пишуваш ли со некоја посебна накана?

Не би кажал дека своите мисли најдобро ги изразувам во песните, но ете така изгледа. Почнав да пишувам во гимназија, не знам ни како, а музика почнав да компонирам во трета година гимназија. А како дојде до тоа не знам затоа што во семејството никој не е музички образован никој на ништо не свири, а ниту јас немам ниту една година музичко училиште. Но главно, од тогаш тоа некако оди заедно; и зборови и мелодија. Ретко пишувам со некоја одредена накана, освен кога нешто треба да компонирам за света Литургија со млади, а инаку тоа некако само „излегува“ од мене, тие се како мои молитви, плод на нешто што не го знам ни самиот. Во последните две години главно пишувам текст и музика, а има вакви некои „записи“ со lectio divine или понекогаш така во лет нешто запишувам.

Католичката Црква за прв пат во историјата бележи пораст на бројот на свештеници-монаси додека од друга страна многу се говори за криза на епархиските повици. Што мислиш која е причината за тоа?

Токму за тоа разговарав со еден брат пред некој ден и онака во шега заклучивме: „Па очигледно е прекрасно да бидеш фратар!“ Се шегувавме, секако, а не знам што би можело да биде вистинската причина за тоа, затоа што може да бидат многу, а и не мора. Има многу различни заедници и секој е посебен и единствен на свој начин. Посебно затворените редови каде со молитва многу од тоа може во светот да се измени. Некои сакаат потполно да се предадат и посветат на Господ, па се враќаат на самиот почеток и живеат како што живееле светците, основачите на заедницата. Но она што прво ми доаѓа на ум во смисла „фратар – епархиски свештеник“ е поим на монашко заедништво. Заеднички живот во манастир со браќа и сестри, самиот поим братство ми звучи некако привлечно од животот на еден епархиски свештеник. Не сакам овде погрешно да ме сфатите. Во разговор со некои епархиски кандидати, богослови, тие сами кажуваат дека најверојатно еден ден ќе бидат некаде сами во парохија. Не мора тоа да биде причина, но ми изгледа дека во манастир е многу полесно и да го зачуваш и оствариш својот повик, сите околу тебе се со иста цел, а и повеќе е семејна атмосфера затоа што сестрите готват и помагаат на браќата колку што можат, а така и браќата настојуваат да не бидат на товар еден на друг и го прават животот полесен и поубав. Сега некои ќе кажат дека фратрите зборуваат само за храна, така да веќе нема повеќе да кажам ништо на таа тема. Заедништвото е прво што ми падна на ум и еве нека остане така.

Во денешниот свет на конзумизам, материјализам и себичност, колку на младите им е тешко да одговорат на повик за посветен живот? Од што е потребно да се откажат, а што се добиваат?

Во денешно време е многу тешко да се одлучиш за Господ и повикот, затоа што ако малку погледнеме околу себе ќе видиме дека сѐ околу нас не одвлекува од Него. Општеството и не е баш така христијански „расположено“ и не знам каде тоа оди, дај Боже да излезе на добро. Вревата во светот не дава да спознаеш што е глас, а што Глас, а нема време да се застане и дасе  слуша затоа што сѐ не влече напред. Не знам ни колку е тоа популарно меѓу младите, но мислам дека тоа треба да започне во семјството. Верувам дека и денешните родители се збунети за тоа што се однесува до воспитанието, знаат како би требало да ги воспитуваат децата, а на телевизија сепак слушаат и гледат поинаку, така да и на нив не им е лесно. Но можно е, не е невозможно. Во секое време Господ повикува некого и во секое време „изнесува“ некој свој херој на светост. Младите треба да се поттикнуваат и информираат затоа што ми изгледа дека помалку владее општа незаинтересираност, а тоа треба да се разбие. Тука се идеалните фрањевска младина, и разните молитвени заедници кои ќе ги поттикнуваат и приближуват до Господ. Ние монасите и монахињите сме одговорни со својот живот на нив да им бидеме и пример и поттик, а родителите се одговорни за христијанско воспитување. Но Бог знае да викне и погласно и сигурно може да ја надвладее и градската галама и гужва и така може дури и незабележано да го испрати никулецот на повикот во младото срце.

Автор: Елизабета Микулиќ

Пасторал на млади/Превод:Д.И.

За авторот