Ти се простуваат гревовите твои!

Ти се простуваат гревовите твои!

Размислување за Шеста недела по Педесетница според Евангелието по Матеј 9,1-8

Минатата неделa слушнавме како Исус оди да исцели двајца опседнати од демони. Во ова Евангелие апостол Матеј ни покажува како Исус се враќа во својот град, во градот Капернаум, а ова чудо, за кое денес зборуваме, ни покажува дека Бог може да простува гревови.

Исус се враќа во својот град, во својот дом, но дали некој го очекува таму? Гледаме дека кај Исус се доведува фатен човек, а во Библијата, фатеноста многу често се поистоветува со грешноста, бидејќи на ист начин гревот нè парализира, гревот нè поробува, гревот, може да се каже, нè врзува за креветот.

Во Евангелието од Матеј ги читаме овие прекрасни зборови: „Па кога ја виде нивната вера….“ (Мт. 9,2). Со вера тие го носат својот фатен пријател кај Исус Христос. (Боже, дај ни такви луѓе кои ќе можат да нè доведат кај Исус Христос со вера, било во духовна или во физичка потреба. Кој ќе ни помогне во нашата потреба, што ќе ни искаже милост во нашата неволја. Луѓе ки нема само да кажат: „Јас сочувствувам со тебе“, кои нема да г и свртат главите… Често копнееме по такви луѓе, но дали ние самите сакаме да бидеме тие што брзаат да помогнат, да утешат, да прегрнат? Честопати се плашиме да влеземе во туѓа приказна, во туѓ живот, заборавајќи дека секој од нас е повикан да подаде рака и да биде присутен во животот на одредени луѓе.

Исус ја гледа верата на овие луѓе кои го доведоа овој фатен човек кај Него. Каква голема оваа вера! Вера од која течат дела; вера, која е секогаш активна, во движење. Вера која го повикува секој од нас на одредена дејствување. А Бог ја гледа нивната вера и ги лекува. Исус му рече на фатениот: „Не плаши се чедо! Ти се простуваат гревовите твои!„ Господи, како нè развеселуваш, оти уште сме заглавени во кревет? Овој болен човек сè уште е фатен во кревет, а ги слуша зборовите: „Развесели се, развесели се, бидејќи денес дојде спасението за тебе, развесели се, бидејќи денес ти се простени гревовите“.

И денес Господ му вели на секој од нас: „Развеселете се сега и тука“. Сепак, секој од нас е сè уште окован од својата себичност, гордоста, а можеби некој и од некоја зависност или некој друг грев. Не плашете се да дојдете кај Христа, затоа што Тој вели: „Развеселете се, зашто ти ги простувам гревовите, простени ти се гревовите, оние гревови што не ти дозволуваат да одиш“. Господ ти ги прости.

За да ја достигнеш својата цел, прво треба да појдеш, мора да дојдеш кај Господ и да кажеш: „Господи, згрешив. Господи, паднав“. И Господ не критикува, Господ не вика, Господ полн со милосрдие вели: „Развесели се, стани и оди!“.

Во овој настан може да ги забалежиме и книжници кои не внимаваат на милоста, не ја гледаат Божјата добрина, туку гледаат грев. Цело време се жалат. Невозможно е да бидат задоволни. Очигледно, во нашите животи има доволно луѓе кои гледаат само негативно, кои не можат да бидат задоволни со ништо. Ако сонцето сјае, тогаш е жешко, ако врне, тогаш е студено. Треба да бегаме од такви луѓе, а главната работа е што ние самите не треба да бидеме такви кои гледаат само негативно.

Овие книжници јасно велат: „Овој богохулствува“. Хулењето во Христовото време било страшен грев. Па дури овој грев се казнувал и со смрт и ова обвинување за богохулење постојано се повторува кај Исус. И кога Исус е осуден на смрт, Тој е осуден за богохулење. Фарисеите и книжниците не можат да веруваат во Божјата милост, не можат да веруваат дека Господ простува гревови. Исто така се случува да веруваме дека Бог ни ги простува гревовите, но ние самите не можеме да си простиме. Затоа Господ му вели на фатениот: „Не плаши се чедо! Ти се простуваат гревовите твои!”

Апостол Марко во своето Евангелие вели дека Исус ги знаел мислите на фарисеите. Исус ги знае мислите на секој од нас, но тоа не Го плаши. Тој доаѓа и ни озвоможува на секој од нас преобраќање. „Зошто мислите лошо во срцата ваши? (Матеј 9,4). Фарисеите и книжниците постојано размислувале подмолно. А како било можно да се добие простување во Стариот завет? Само со жртва. Во Стариот завет, се принесувало жртва паленица јагне или гулаб. А еве го живиот Бог, кој денес ни зборува на секој од нас: „Ви се простени гревовите“. Христос вели: „Твоите гревови се простени, започни да одиш“. И она што е важно овде е што вели Христос: „Оди, не лази“. Многу често ние христијаните не веруваме во простување, лазиме, а Господ вели: „Стани и оди, почни да чекориш целосно, остави го она што те поробува“. Овој фатен човек, за кој не знаеме дали бил болен од детството или се разболел во зрелоста – станал и си заминал. Затоа што веруваше, затоа што стана здрав поради верата на оние што го доведоа кај Исус Христос. И тој си отиде дома слободно.

Можеме ли да повториме денес, заедно со евангелистот Лука: „Чудни работи видовме денес!” (Лука. 5,26). Но, какви чудни работи можеме да видиме? Сепак, овој ден не се разликува од другите денови. Како и вчера и завчера, како и сите други. Денес видовме чудни работи, бидејќи чудото е што Бог ме сака мене, Бог те сака тебе, Бог го сака секој од нас. И Господ ми прости мене, тебе и на сите. Простува денес, утре, задутре и секогаш. Со простување, Бог нè раѓа одново. Всушност Тој му го кажа истото на Никодим дека треба повторно да се роди. Ако сакаш да се родиш, верувај во простувањето, верувај во љубовта, верувај во милоста и добрината. И оди, не лази.

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот