Струмица: Holywin – По стапките на светците

Струмица: Holywin – По стапките на светците

На 31 октомври 2017 година во парохиската црква „Свети Иван Крстител“ – Струмица се одржа молитвена средба Holywin – светоста победува, на тема „По стапките на светците“. Молитвениот настан беше анимиран од младите од парохијата, кои за таа цел во полузатемнетата црква, поставија патека со осветлени стапки од влезот на црквата до иконостасот, на кои беа испишани имињата на светци од Црквата, како симбол на тоа дека светците го осветлуваат нашиот животен пат и нѐ водат до Исус, кој е единствениот Спасител.

6668

Молитвената средба започна со Обожавање и света Бројаница, а пред да започне светата Литургија младите во кратки видео инсерти ги презентираа животите на светите маченици Максимилијан Колбе и Света Марија Бенедикта од Крстот (Едит Штајн), кои своите животи ги положија во концентрациониот логор Аушвиц, сведочејќи за Христос.

За време на проповедта о. Гоце Костов истакна дека овој настан е организиран како одговор на паганското славење „Halloween“, со цел да нѐ направи свесни дека христијаните не треба да учествуваат во пагански манифестации и ритуали, кои ја слават, смртта и вештерките, туку е повикан да биде свет, да го слави животот, светците и Христос, кој е победник над смртта.

Покрај овој настан и чествувањето на свети апостол и евангелист Лука со оваа света Литургија заврши и Октомвриската побожност, како и четири години откако во парохиската црква „Свети Иван Крстител“ – Струмица се служи света Литургија.

РВ/к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот