Струмица: Ходочастие на млади – Пат во непознато

На 7 септември 2014 година во парохијата Свети Иван Крстител – Струмица започна циклусот средби на млади кои ќе се одржуваат еднаш неделно во парохиските простории. Овој циклус на средби младите го насловија „Бранови на верата“.

На првата средба о. Гоце Костов на катехезата говореше за повикот на Авраам, неговата послушност и доверба во Бог за да се упати на пат во непознато. На самиот крај од средбата младите беа запрашани дали сакаат и тие да се упатат на пат во непознато.

На 8 септември во претпладневните часови младите заедно со о. Гоце Костов го започнаа својот пат во непознато од црквата Свети Никола – Секирник. Таму беа дочекани од парохот о. Динов Горги, кој ги поздрави присутните. Потоа младите во Црквата се помолија и имаа краток вовед во ходочастието, при што патот по кој ќе се движат пешачејќи беше потполно непознат за нив. Маршутата на ова ходочастие беше околу 10 километри, од Секирник до Петралинци преку Радово.

Во Радово следуваше краток одмор, а о. д-р Зоран Стојанов ги поздрави ходочасниците и им ја претстави парохијата и парохиската црква Свети Пророк Илија. Во црквата младите ходочасници се задржаа повторно во молитва и размислување за евангелието во кое Исус ги повикува своите први ученици (Матеј 4,18-22).

Во парохиската црква Свети Кирил и Методиј – Петралинци, покрај молитвата и краткиот наговор, младите ходочасници имаа работилница. На неа тие беа поделени во парови од кој едниот беше новинар,а другиот ја презема улогата на апостол Петар. За време на работилницата требаше да се изготви едно интервју во кое новинарот му поставува прашања поврзани со повикот на свети Петар. На крајот се одржа прес конференција, на која сите присутни новинари, откако беше претставено интервјуто имаа можност да поставуваат директни прашања на оној кој беше во улогата на апостол Петар, по што следуваше дискусија.

Ходочастието заврши во просториите на парохијата Свети Иван Крстител – Струмица со молитва, кратко предавање и сумирање на впечатоците од ходочастието.

к.мк.

Категорија: Македонија

За авторот