Струмица: Промовирана книгата „Божјото име е милосрдие“ и монографијата „Црквата во пресрет“

Струмица: Промовирана книгата „Божјото име е милосрдие“ и монографијата „Црквата во пресрет“

Во сабота 12 ноември 2016 година во салата на црквата „Свети Иван Крстител“ – Струмица се одржа промоција на книгата „Божјото име е милосрдие“, разговор на Андреа Торниели со папата Фрањо и монографијата „Црквата во пресрет“ издадена по повод посетата на кардинал Паролин на Македонија. На промоцијата присуствуваше и издавачот на монографијата, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, бројни свештеници и чесни сестри, верници и пријатели на читаниот збор.

Промоцијата ја водеше Ѓорги Калајџиев, текстови од книгата читаше м-р Данче Ичева, а промотори на книгата „Божјото име е милосрдие“ беа о. Гоце Костов и проф. Иван Котев, а м-р Владо Ефтимов ја промовираше монографијата „Црквата во пресрет“.

Во својата промотивна реч о. Гоце Костов истакна: И покрај тоа што оваа книга допира до срцето на секој човек (…), сепак сметам дека оваа книга не е довршена. Останува на секој од нас да ја доврши, пишувајќи искуства од милосрдието во сопствените животи.

Професор Иван Котев во своето промотивно излагање истакна дека книгата се состои од девет поглавја што се цврсто кохезионо поврзани, при што за секое поглавје детално навлезе во суштината на книгата и поимот милосрдие во сфаќањето на папата Фрањо за на крајот да препорача: „Може ли во еден тесен временски период од 10 – 15 минути да се каже сѐ за книга од ваков голем духовен литературен формат? Моето скромно искуство вели дека не може, затоа вистинското поимање и духовната наслада ја препуштам вам, драги присутни, што ќе ја доживеете кога ќе ги читате овие светли, со божествена промисла надахнати страници.“

М-р Владо Ефтимов осврнувајќи се на монографијата „Црквата во пресрет“ даде целокупен литерарен и духовен приказ за монографијата, важноста на ова дело, како и самиот настан по чиј повод е издадена.

На присутните се обрати и Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија при што потсети на милостите за Црквата во Македонија во Годината на милосрдието: Посетата на државниот секретар на Ватикан, кардинал Петро Паролин на Македонија, канонизацијата на Мајка Тереза во Рим, како и на Татковинката прослава „Денови на Мајка Тереза“, настани од исклучителна важност.

Промоцијата беше збогатена со музичките изведби на Благица Калева и Трајче Георгиев во придружба на Ѓорги Ристов.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот