Струмица: Крстен пат за Богопосветените лица и духовни повици

Во рамки на Година на Богопосветениот живот во парохиската црква Свети Иван Крстител – Струмица, во недела 29 март 2015 година се молеше Крстен пат за Богосповетен живот и духовни повици. Оваа побожност во црквата ја предводеше о. Гоце Костов, парох во заедништво со сестрите Евхаристинки, с. Леонија и с. Лидија, кои ги читаа размислувањата. За време на Крстниот пат од постојка до постојка беше носен голем крст, а активно беа вклучени младите и децата од парохијата.

По завршувањето на Крстниот пат, преку видео запис, подготвен од богословот Спасе Спасов, верниците беа запознати со монашката заедница на сестрите Евхаристинки, за нивното постанок и нивната харизма, како и за нивната ангажираност и вклученост во животот на Црквата.

Потоа сестра Лидија одржа предавање за повикот, при што со присутните верници го сподели сопственото искуство од нејзиниот повик, нејзината одлука да пристапи во монашката заедница на сестрите Евахристинки, како и за она што било пресудно за таа нејзина одлука.

Споделеното искуство кај присутните остави голем впечаток поради што поставија повеќе прашања поврзани со монашкиот живот, повик, служење, на кои сестра Лидија одговори со голема љубов.

На крајот од средбата о. Гоце Костов се заблагодари на сестрите за нивното присуство, а средбата ја продложија со дружење и меѓусебен разговор во предворјето на Црквата. Сестра Лидија покасно им се придружи на Светата Бројаница на брачни парови од парохијата, кои редовно секоја недела се состануваат на молитва и размислување на Словото Божјо.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Свет

За авторот