Средба на свештениците од Скопска бискупија и прогласување на Година на семејството

Во четврток 5 декември во епископскиот ординаријат во Скопје се одржа средба на свештенството на Скопската бискупија, со која претседаваше скопскиот бискуп и апостолски егзарх Н.В.П. д-р Киро Стојанов, на која покрај бискупот учествуваа и генералниот викар монсињор. Антун Циримотиќ, канцеларот о. Марјан Ристов, како и уште четири свештеници кои се вклучени во парохискиот пасторал.

На почетокот од средбата бискупот Стојанов ги поздрави присутните и им посака добредојде, истакнувајќи ја радоста поради средбата како и доаѓањето на новите свештеници во Скопската бискупија. Бискупот потоа им даде збор на свештениците кои се ангажирани во парохискиот пасторал, па секој свештеник даде своја рефлексија на пасторалната активност во текот на спроведувањето на Годината на верата.

Во вториот дел од средбата бискупот Стојанов ги извести свештениците дека новата пасторална година за Скопската бискупија и Апостолскиот егзархат во Македонија ќе биде Година на семејството: „Семејството, Света Тајна на Христос и Црквата“, а ќе биде прогласена на празникот на Светото Семејство на 29 декември за време на светата Литургија во Скопската катедрала „Пресвето Срце Исусово“.

Исто така истакна дека оваа пасторална Година на семејството ќе биде одбележана преку разни активности и поклоничко патување на семејствата во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје на 15 август 2014 година, на празникот Успение на Пресвета Богородица.

Бискупот ги истакна упатствата од програмата кои треба да се спроведуваат во парохиите во текот на Годината на семејството, истакнувајќи дека средбите и активностите ќе бидат со теми за духовна обнова на семејствата како и со Светите Тајни на христијанската иницијација. Бискупот посебно истакна неколку значајни пораки кои папата Фрањо често ги спомнува па и ги прокоментира: „Живеењето на верата; Црквата како заедница на семејство; Задача и повик за светост упатен до секој човек; милосрдие; опростување и мир и Синодално водење на Црквата“.

Потоа свештениците ги изнесоа своите сугестии во врска со прогласувањето на Годината на семејството, па со бискупот ги споделија потешкотиите со кои се среќаваат во пасторалот. На крајот од средбата бискупот им се заблагодари на свештениците на конструктивното учество и допринос во размислувањето околу прогласувањето на новата пасторална година, охрабрувајќи ги во ширењето и градењето на Царството Божјо на земјата.

Дон Давор Топиќ

Категорија: Македонија

За авторот