Средба за „крајот на животот и миграцијата“

Средба за „крајот на животот и миграцијата“

Регулирањето на прописите во врска со т.н. „крај на животот“ и миграцијата беше централната тема на средбата на правните советници на епископските конференции на Европа која се одржа од 10 до 12 декември во Луксембург.

Работниот дел го отвори кардинал Анџело Бањаско надбискуп на Џенова и претседател на Советот на епископските конференции на Европа, надбискупот на Луксембург Жан Клод Холерих, претседател на организацијата „Правда и мир во Европа“ и Августин Касуја апостолски нунциј во Луксембург. Учесниците на средбата го посетија Судот на правдата на Европската Унија и имаа прилика да се сретнат и да разговараат со некои судии.

Во последните неколку децении – стои во соопштението од Советот на епископските конференции на Европа кое го пренесе агенцијата Сир – моралните и правните проблеми во врска со темата за т.н. „крајот на животот“ значајно се зголемија како рзултат на антрополошките, општествено-економските и медицинските промени. Во време кога „времето на умирање“ сѐ повеќе е приватна работа, Католичката црква нè потсетува на потребата за придружување на луѓето кои се приближуваат до крајот на својот земски живот. За Црквата смртта не е крај на животот, туку отворање за вечниот живот. Па, она што често се нарекува „крај на животот“ всушност само е време кое бара подготовка и придружба, а не искуство кое треба да се живее во осаменост.

Пред мноштвото различни пристапи и прашања кои се поврзани со „крајот на живот“ (како што се евтаназијата, потпомогнато самоубиство, однапред договореното лекување, донирање органи, палијативната грижа, терапевтско однесување…) – е истакнато во извештајот – Црквата бара одговорност од различните актери, личноста на прво место, но и лекарот, семејството, заедницата и конечно државата. Правните советници во Луксембург расправаа за законите кои моментално се во сила или се предмет на расправа и размислуваа за етичките мерила кои можат да ги водат законодавците.

Една од главните теми на средбата беше уредувањето на миграцијатата кон западно-европските земји. Очигледно е – стои во соопштението на Советот на епископските конференции на Европа – дека постои итна потреба, поединечни тела да спроведат политика која може да стане дел од законодавниот систем кој би ги заштитил мигрантите, но и заедницата која ги прима. И во тој случај, мноштво различни прашања кои се поврзани со појавата миграција, како што се спојувањето на семејството, статусот на бегалците, постапката за барателите на азил, одобрувањето на државјанство, трудовото законодавство, системот на социјално осигурување, прашањето за малолетниците…, бара внимателно испитување за политичко-закондавниот систем да може да го обезбеди потребното прифаќање и интеграцијата на почитувањето на вредностите и правилата кои не можат да се занемарат како што е заштитата на достоинството на човекот.

РВ/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот