Со света Литургија бискупот Стојанов ја отвори Синодата за Црквата во Македонија

Со света Литургија бискупот Стојанов ја отвори Синодата за Црквата во Македонија

Во недела 17 октомври 2021 година Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. д-р Киро Стојанов служеше света архиерејска Литургија во катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица, со која официјално ја отвори Синодата: За синодална Црква, заедништво, учество, послание.

На светата Литургија присуствуваа свештеници од Струмичко – скопската епархија и Скоспската бискупија, чесни сестри, како и верници од Струмица и други парохии.

Синодата ја отвори папата Фрањо во Рим на 10 октомври 2021 година со света Литургија во баизиликата Свети Петар во Рим, додека на епархиско/бискупско ниво отворањето е одредено за 17 октомври за месните Цркви во целиот свет.

Во продолжение ви ја пренесуваме проповедта на епископот Стојанов која ја одржа по повод отворањето на Синодата.

Браќа свештеници, чесни сестри, почитувани слушатели на Радио Марија, браќа и сестри во Христа!

Светиот Отец папа Фрањо ја повика целата Црква да се приклучи на синодалниот од, која во сите месни Цркви започнува денес, 17 октомври 2021 година. Синодалниот од е привилегирано време за слушање на сите членови на Божјиот народ, проникливост, проучување, медитирање и молитва. За да ја изврши својата мисија што е можно подоследно, Црквата одржува синоди, собири на кои, во светлината на Божјото слово, разгледува различни прашања. После II. Ватикански собор, папата Павле VI. ја основа Епископската синода, собрание на епископи од целиот свет кои се состануваат за да промовираат поврзаност и заедништво со Папата и да го советуваат во работата на Црквата во светот.

Сепак, ова е првпат Синодата да започнува на децентрализиран начин и се одвива на ниво на локалната, континенталната и универзалната Црква. Таа има свои почетоци во секоја епархија и апсолутно сите се поканети да учествуваат во неа, што ја открива уште посилно Црквата свесна за потребата од заедништво, дијалог и соработка.

Целта на оваа подготвителна фаза на Синодата е да се консултира со Божјиот народ, така што синодалниот процес може да се постигне со слушање на сите членови на Црквата и сите луѓе со добра волја. Соодветно на тоа и нашата Струмичко-скопска епархија и нашата Скопска бискупија во Македонија се поканети да учествуваат во подготвителната фаза на Епископската синода.

Овие денови Исус не повикува да се ослободиме од она што е световно и да се запрашаме што Бог сака да ни порача во оваа време во која насока сака да нѐ води, рече Светиот Отец папа минатата недела кога овој Синодален пат го отвори во Базиликата Свети Петар во Ватикан.

Што всушност е Синода? Зборот синода е грчки збор и значи: заеднички од. Епископската синода, можеме да кажеме дека е: средба на сите епископи во светот кои во духот на колегијалноста се собираат околу Римскиот Епископ, Папата, кои размислуваат на теми важни за целата Црква.

Синодата може да биде редовна или вонредна. Редовната се одржува однапред временски одредена додека вонредните за теми што се ургентни за решавање.

За самиот тек на синодата многу важно е да се истакне дека не станува збор за постигнување некоја си политичка согласност, бидејќи синодата не функционира како начин на парламент и нема таква цел. Ниту пак има за цел да ја промени науката на Црквата, туку да ја направи верата пожива, поактуелна, поконкретна и подостапна за да може да одговори на потребите на времето. Таа претставува ослушкување на сите учесници и споделување на информации, совети и гледишта, после што Светиот Отец заедно со епископите ја одредува насоката што одговара на реалноста на целата Црква. За разлика од досегашните Синоди, Синодата за 2023 година има за цел да ги вклучи сите: епископи, свештеници, монашки заедници, движења, мирјани, секој да даде свој придонес.

Слушајќи го денешното свето Евангелие и воопшто Евангелието гледаме дека често го прикажува Исус на пат, како оди покрај луѓето и ги слуша нивните прашања и грижи кои им се кријат во срцата. Синодата не е ништо друго, туку да се оди по истиот пат. И денешното свето Евангелие ни зборува за средба, слушање и расудување.

Сцената можеме да ја замислиме: Христос се враќа од покраините кои се мешани – јудејски и пагански. Се враќа, така да речеме, меѓу своите. На патот го пресретнува жена Хананејка и која повикува кон Него, иако не е Еврејка: „Смилувај ми се, Господи, Сине Давидов!“ Значи, таа има проблем, а во својата вера или невера нема таква личност, каква што имале Евреите во овој гласовит пророк кој е и Чудотворец. Бидејќи е чиста во љубовта кон ќерката оди до ризик, молејќи за чудо, за оздравување. Христос не и одговорил. Конечно, нејзиното викање и ладнокрвноста на Христа ги налутило учениците. Сега тие посредуваат да ѝ помогне, бидејќи здодева. Ним не им била важна ниту нејзината ќерка, ниту ладнотијата на Христа, им бил важен нивниот мир. Зашто ги вознемирува, вика по нив. На нивно интервенирање, би кажале, понизно но искрено, Христос одговара за да го слушнат следбениците: „Пратен сум само при загубените овци на домот Израилев“.

Господ не стои на страна, не делува вознемирен. Напротив, целосно е присутен. Отворен е за средба. Ништо не го остава Исуса рамнодушен, до сѐ му е дојдено. Исус ја овоплотува близината во средбата со луѓето, гледајќи ги во очите, слушајќи им ја личната приказна на секој поединец. Исус знае дека нечиј живот може целосно да се промени со една средба.

На почетокот на овој процес и ние сме повикани да станеме стручњаци во „уметноста на средбата“. Таа не се остварува толку во организираната средба или размислувајќи за проблемите колку со одделување време за средба со Господ и едни со други. Секоја средба, вели Светиот Отец бара отвореност, храброст и желба да бидеме предизвикани од присуството и приказните на другите. Понекогаш со задоволство би се засолниле во формалностите и конформизот, но искуството на средбата нѐ менува, не ретко отвора нови и неочекувани можности. Така Бог често нѐ насочува на нови патишта и нѐ повикува зад себе да ги оставиме старите навики.

Да се вратиме на Евангелието: „Пратен сум само при загубените овци на домот Израилев“. Оваа реченица Матеј сигурно ја запишал со радост бидејќи и самиот е Евреин, а бил отпадник и како цариник им служел на окупаторите, па знаел што е загубената овца од домот Израилев, а згора на тоа знае дека Евангелието првично било пишувано, пред сѐ, на Евреите. Така што оваа реченица ја оддава срцевината на Евангелието според Матеј. Јасно, и Жената го слушнала одговорот, но го пречула во својата љубов и паднала на коленици, повторувајќи како ние што правиме на литургиите: да, сето тоа е вистина, но Господи помогни ми! Сега и нам ни запира здивот, реченицата која излегува од устата на Христос е непримерена, понижувачка, ја потценува Жената Хананејка и сите пагани. Звучи неверојатно: „Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата“. Веројатно дека секој би бил длабоко навреден од ваква реченица, и тоа со право, но љубовта која е во таа жена и упорноста на верата и жената вели: „Да, Господи, но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари“. На чинот на верата Христос никогаш не и дал поголемо посветување, дури ни на апостолите и воскликнал восхитувајќи се и заблагодарувајќи: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја“.

Гледаме дека средбата и слушањето не се самите по себе цел, кои оставаат сѐ како што било порано. Напоротив, кога влегуваме во дијалог, дозволуваме да бидеме предизвикани, да напредуваме на патот. На крајот не сме повеќе исти, променети сме. Исус по пат на дијалог ѝ помага на жената и во зацврстувањето во нејзината вера.

Синодата е пат за духовно расудување кое се остварува со Обожавање, молитва и во дијалог со Божјото Слово. Тоа Слово нѐ повикува на расудување и расветлување на тој процес. Ја води Синодата, спречува да стане црковен собир, студиска група или политички конгрес, туку настан полн со милости, процес на исцелување кое Го води Светиот Дух. Овие денови Исус нѐ повикува и нас како и жената да се отвориме кон Бога, вклучувајќи ги нашите затворени и истрошени пасторални образци и да се запрашаме што Бог сака да ни порачува во ова време. Во која насока сака да нѐ води Светиот Дух.

Според денешното свето Евангелие, најмногу би сакале да одмолчиме и би го впивале овој неверојатен дијалог и би учеле дека во животот, во молитвата која е молбена кон Бога, најпотребни се љубовта, постојаноста и понизноста. Амин.

Од тука ве повикувам драги браќа и сестри да ги ставите вашите таланти на располагање и активно да се вклучите во ова синодално патување, давајќи го вашиот придонес во посланието на Црквата. А затоа Бог богати ќе ве награди.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот