Со Католици.мк на Божиќна духовна обнова: Ликот на Ирод

Ирод е лицемер. Лицемерно се распрашува наоколу, кај првосвештениците и книжниците народни, кај мудреците, каде ќе се роди Христос. Во ликот на Ирод гледаме големо лицемерие. Пред првосвештениците, книжниците народни и мудреците ја става маската дека се радува за тој настан, им се умилкува, но длабоко во себе е исплашен и вознемирен за својот престол, богатство, авторитет, власт…

Лицемерието кулминира кога на мудреците ќе им каже: Одете и распрашајте се добро за Младенецот и штом ќе го најдете, јавете ми да за да отидам и јас да Му се поклонам. (сп. Матеј 2,8) Пред нив, надворешно изгледа радосен, весел, а одвнатре е полн со омраза, завист, љубомора. Во себе е расипан. Во неговата внатрешност нема намера да му се поклони, туку живее желбата да го убие Богомладенецот. Во себе донесува одлука и ќе бара погоден момент да го убие.

Типично однесување за кое Исус ќе рече: Тешко вам (…) лицемери, оти многу личите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски, и секаква нечистотија; така и вие однадвор им се покажувате на луѓето како праведни, а внтаре сте полни со лицемерност и беззаконие. (Матеј 23,27-28)

А кога ќе пропаднат неговите планови, кога виде дека мудреците го измамија и си заминаа по друг пат до својата земја, Ирод се разгневи многу и прати да ги убијат сите младенци во Витлеем и по целата негова околина. Евангелието сведочи како гневот на Ирод станува грев и се умножува, еден грев навлекува уште поголем.

Тоа е Ирод, а како е со нас? Дали можеби и ние се распрашуваме наоколу за некои наши блиски, со маска ставена како да сакаме да им помогнеме, правејќи се радосни и заинтересирани, дипломати, а во суштина во нас живее желбата за неуспех на другиот…

Каков е нашиот однос со оние кои ги сретнуваме: искрен или лицемерен? Дали се распрашуваме за некоја нивна ситуација од животот за да можеме подоцна да им наштетиме, омаловажиме, клеветиме…. Каков е нашиот однос со блиските пријатели, роднини, соседи со кои се сретнуваме? Дали можеби потоа и нив ги оговараме зад грб заради некоја нивна слабост, недостаток…. ги исмејуваме, ги потценуваме ли? Дали кога ќе пропаднат нашите планови бараме начин, погодни моменти за да се одмаздиме, да се докажеме, покажеме, оправдаме како и Ирод?

к.мк/Пишува: о. Гоце Костов

 Со Католици.мк на Божиќна духовна обнова

Со Католици.мк на Божиќна духовна обнова: Ликовите на Мудреците

За авторот