Со Католици.мк на Божиќна духовна обнова: Ликот на Јосиф

На иконата Рождество Христово можеме да забележиме како Јосиф е искушуван. Во својата внатрешност тој се соочува со сомнежи и длабока внатрешна борба. Неговата свршеница е бремена.

Сака да ја напушти, донесува и одлука тоа да го направи потајно. А Бог не го остава да биде сам во неговата борба, му праќа ангел за да може да го победи својот сомнеж. Бог преку ангелот му нуди одговор, кој е спротивен на неговата одлука. Не се совпаѓа со неговото размислување. Јосиф одлучи да ја остави Марија. Ангелот му зборува да ја прими Марија жената своја. Понудено му е решение кое тој веќе го беше отфрил.

Големината на Јосиф е токму во тоа што го напушти своето решение, го прифати она што самиот го отфрли, бидејќи сака да ја врши волјата Божја. Се откажува од своето, прифаќа она што е Божјо. Дали сме подготвени да го отфрлиме она што е наше, човечко и да прифатиме она што е Божјо.

Ние можеби имаме своја одлука, свое решение, а повикот за преобраќање можеби сме го отфрлиле. Можеби сите ние се согласуваме со тој повик на преобраќање, но во себе не наоѓаме сила. Полесно ни е да се движиме по линијата на помал отпор.

Кога се работи за преобраќање ние луѓето посебно сме чувствителни. Не сакаме да прифаќаме други да ни кажуваат, повиците од други луѓе ни изгледаат неосновани, си бараме оправдувања и ја префрламе одговорноста на други, нивните совети, повици ни изгледаат беспредметни. Нашиот одговор можеме да го сумираме во неколкју зборови: Ја си знам најдобро за мене. Не му дозволувам Бог да ни говори преку Словото Божјо, како што тоа го прави Јосиф. Не му дозволуваме да ни говори преку други луѓе, преку знаци. Тоа посебно е карактеристично ако решението кое Бог ни го нуди, дали преку Словото Божјо дали преку други луѓе или знаци веќе однапред е отфрлено. Не треба да чекаме денес Бог да ни говори преку ангели. Денес Бог тоа го прави преку Црквата, преку луѓето со кои се сретнуваме, познати или туѓинци, пријатели или непријатели, во секој случај ни дава знаци во животот… Само треба да ги сфатиме сериозно и да видиме дали таквите совети се за спасение на душата. Ако е во тој правец, сигурно е дека Бог ги користи нив за да нѐ проебрати. Затоа треба да се размислува над Словото Божјо. Да се наслушнува за некоја наша конкретна ситуација од животот, која е волјата Божја и да ја прифатиме, иако можеби сме донеле веќе поинаква одлука.

к.мк/Пишува: о. Гоце Костов

За авторот