Современиот напад врз мајчинството

Современиот напад врз мајчинството

Бев благословен со таа радост да водам десетици илјади луѓе на поклонение во базиликата „Свети Петар” во Ватикан. Дел од турите вклучуваа идентификување на некои од огромните мермерни статуи кои се пронајдени во најпознатите цркви на христијанството. Многу од нив ги отсликуваат светците, но уште повеќе ги отсликуваат христијанските доблести. Од предхристијанските римски времиња, доблестите отсекогаш биле отсликувани како жени, бидејќи жените се сметале за постабилни од мажите. Доблеста на правдата, на пример, е жена со вага во нејзината рака, давајќи му секому според заслугите; доблеста на верата, жена со распетие; доблеста на контемплација, жена со Библија, која гледа кон небото. Вообичаено ги тестирам верниците прашувајќи ги каква доблест тие мислат дека е прикажана со статуата, така што тие ќе се здобијат со способност „да ја прочитаат” пораката што се пренесува како што христијаните во претходните векови тоа лесно го правеа. Во текот на двочасовната посета, повеќето даваат точни одговори.

Каде се изгуби љубовта?

Сепак, секогаш сум изненаден од тоа колку верниците не успеваат, кон крајот на турата, да погодат една од доблестите прикажани на познатиот споменик на Бернини на надгробната плоча на папата Александар VII: жена со три мали деца, едно во нејзините раце и две кои играа зад неа. Кога прашувам која доблест овој споменик ја опишува, многумина одговараат: „Трпеливост!” Други извикуваат, „добрина!”. Други велат: „храброст”. Но, малкумина погодуваат – дури и кога им давам навестување „Почнува на буквата Љ”. Речиси сите, од римско време, преку ренесансата и потоа, лесно можеа брзо да го сфатат она што нашата генерација навидум не може: дека една жена со повеќе деца е опис на доблеста на љубовта.

Антитеза на феминизмот

Зошто денес ова е толку тешко за многумина да го разликуваат? Една од главните причини, мислам, е тоа што во изминатите неколку децении постоеше концептуална војна против мајчинството и љубовта што треба да тече толку природно од мајки на деца. Најголем дел од оваа штета ја прави радикалната феминистичка идеологија која, во претендирањето да се унапреди доброто на жените, всушност им штети на жените, бидејќи не го смета мајчинството како благослов, туку како проклетство. Во текот на оваа недела, во која ги славиме нашите мајки и им се заблагодаруваме за сите нивни дела на љубовта, големи и мали, низ годините, за нас е важно да забележиме – и решиме да се поправиме – дека овој културен тренд ја негира не само важноста на нивните жртви, туку исто така и нивната мајчинска природа.

Многу радикални феминистки тврдат дека за жената да стане целосно жива и слободна, таа треба да се еманципира од мајчинската реалност на нејзината женственост. Мајчинството, за нив, мора да биде изборен дел од тоа што значи да се биде жена. Ова, сепак, е антитеза на било кој автентичен про-женски феминизам. Жената е создадена со мајчинско значење за нејзиното тело, значење што го доживува секој месечен циклус. Дури и ако една жена остане во целибат, нејзината целосна егзистенција останува мајчинска и е наменета да им посака добредојде на другите луѓе и нивните таленти и да ги негува, помагајќи им низ љубовта да растат, како што многу верски жени (и немажени тетки) го правеле тоа низ вековите и како мајки, кои посвојуваат, покажаа извонредност. Обидот да се оддели тоа што значи да се биде жена од ова значење на мајката, всушност, не е феминизам, туку суров анти-феминизам.

Пророчките зборови на папата Павле VI

Правото лице на овој анти-феминизам го гледаме во практицирањето на абортусот, кога мајката – а бремената жена веќе е мајка – наместо да го прифати, да го негува и да го заштити детето што расте во нејзината утроба, им овозможува на обучени атентатори да го прекинат живот на тоа дете, често на незамисливо грозни начини. Анти-феминистичките идеолози бесрамно се обидуваат да ја убедат жената дека таквиот избор е добар. Ако овој корумпиран пресврт на мајчинската љубов не е работа на таткото на лагите, не знам што некогаш би се квалификувало како такво.

Друга антимајчинска практика е контрацепцијата. Во оваа година по повод педесеттата годишнина од енцикликата на Папата Павле VI, Humanae Vitae, која ја осудува употребата на контрацепција, важно е за сите католици да ги преиспитаат неговите пророчки зборови како и подлабоко да размислат како контрацепцијата неповратно го обликува разбирањето на мајчинството.

Женомразечки феминизам

Пилулите за контрацепција, кои ја третираат бременоста како болест и мајчинството како нешто што треба да се спречи медицински, е антитеза на дарот на мајчинството. Пилулите ја олеснија револуцијата во самоспознавањето на многу жени, бидејќи жените го одвоиле мајчиното значење од нивното постоење (а не само нивните тела) од нивната женственост, а тоа го прават особено во самиот чин со којшто значењето на мајката е најмоќно и најприродно изразено. Ова е женомразечки анти-феминизам лажно продаден како феминистички напредок.

Тоа, сепак, е само почеток на штетноста на контрацепцијата. Освен повредување на женското само-разбирање, пилулата исто така го менува значењето на сексуалните односи на начин штетен за жената. Најдлабокото значење на сексуалните односи е взаемна размена на потполно себедарување изразено во јазикот на телото, нешто што може да се изрази во потполност само во брак. Еден маж и жена, потполно посветени еден на друг, не само моментално, туку до крајот на својот живот, стануваат едно тело во љубовна заедница, која далеку го надминува физичкиот контакт, онаа заедница која е отворена за трајно обединување на едно тело во дете, опиплив плод на љубовта што ја имаат еден за друг и средство преку кое таа љубов расте.

Пилулата, како и секоја контрацепција, во обид да ја спречи оваа постојана заедница во едно тело, исто така ја попречува способноста на сексуалните односи да ‘создаваат’ љубов воопшто. Контрацептивниот полов однос во суштина го воздигнува меѓусебното задоволство – кое отсекогаш било божествена замисла на плодот на љубовта – како основна цел на половите односи, наместо тоа да се љубовта и животот. Кога тоа ќе се случи, сопружниците (и оние кои тоа не се) почнуваат да се искористуваат еден со друг, и нивните тела за задоволство. Ова однесување во крајна линија ќе ја кородира она вистинска љубов која постои, бидејќи користењето на другиот како средство за сопствено задоволување е спротивно на љубовта, која вклучува доброволно жртвување на себеси и задоволство за вистинското добро на другиот.

Пропаст на телото и душата

Со менување на значењето на половите односи, пилулата ги повредува жените и  помага тие да станат “сексуални објекти” кои се искористуваат, искористени не само од слаткоречиви похотливи ловци на трофеи или од момчиња кои сакаат да се здружат во едно тело пред да се посветат на тесно обединување во бракот, но исто така и од нивните сопрузи. Хедонистичкиот полов однос ги повредува и жените и мажите, венчани и невенчани, но тоа несразмерно ги тера жените да страдаат, бидејќи мажите се повеќе склони кон третирање на другите како објекти. Пилулата му олеснува на мажот да подлегне на искушението на хедонистичкиот полов однос.

За разлика од кондомот – што е опипливо потсетување на мажот за бариерата не само меѓу него и жената, туку и помеѓу половиот однос и мајчиното значење на нејзината женственост и татковското значење на неговата машкост – пилулата и сите нејзини деривати, поради нивниот скриен механизам во телото на жената, може да го заведат мажот да размислува дека нема ништо суштински криво, неприродно или погрешно во она што го прави. Тоа му олеснува да стане похотен, а не вистински љубовник, оној кој ја зема или конзумира жената, а не оној кој се самодарува. Особено во време на освестување на жените за злоставувањето, жените треба да препознаат дека ова не е добро за нив.

Кога папата Павле VI ја пишуваше Humanae Vitae во 1968 година, осум години по доаѓањето на пилулата, тој опиша зошто таа и употребата на контрацепција во брак е грев, и исто така, прорече дека ако употребата на пилулата стане широко распространета, тоа би имало катастрофални последици. Тој рече дека тоа ќе ја олесни брачната неверност, општото намалување на сексуалниот морал, губењето на почитта за жените и ќе стане опасно оружје во рацете на оние кои се на власт.

Женски гениј

Може ли некој да се посомнева во исполнувањето на овие предвидувања? Ќе се фокусирам само на последното. Контрацепцијата не само што беше наметната врз жените во земји со строги лимити на раѓање, туку исто така беше средство за притисок врз професионалните жени да го жртвуваат мајчинството, со цел да се натпреваруваат не само со мажите, туку и со своите колешки, кои ја поддржуваат контрацепцијата.

Вистинското почитување на жената започнува со прифаќањето, и вистинско длабокото почитување, на сите аспекти на нејзината човечност. Тоа подразбира создавање на услови за неа да може да живее слободно и целосно, без дискриминација, според она што папата Иван Павле Втори, а беше повторено и од папата Фрањо, го нарече “женски гениј”. Ова се однесува на нејзината посебна мудрост во грижата за внатрешното достоинство на секој човек, во негувањето на животот и љубовта и во развивањето на други таленти: во основа, да го живее мајчиното значење на нејзината женственост.

Антимајчинска идеологија

Треба да се издигнеме над антимајчинската идеологија, во која единствена вредност и достоинство на мајчинството е недоволно одбрането, ценето и не е поттикнато, во која честопати невидливата и херојска служба на мајките е омаловажувана како застарен и нездрав модел на женскиот живот. Иднината на човештвото зависи од мајките што прават избор не само да ги донесат децата на свет, туку и да ги подигнат како доблесни и автентични луѓе, нешто што, за возврат, зависи од општественото зајакнување на жените за оваа услуга. Човештвото го должи својот опстанок од изборот на жените.

Дали нашата култура ќе ги слави оние што живеат по мотото „Мое тело, мој избор”, или поточно, оние чиишто животи ги одразуваат зборовите: “Ова е моето тело дадено за вас”?

Ќе ја препознаеме ли жената со деца како слика на љубовта или ќе се преправаме дека среќата и исполнувањето ќе дојдат со одбивање на таа слика?

Отец Рогер Ј. Ландри/к.мк

Категорија: Вера, Семејство

За авторот