Слово на животот, јуни 2023

Слово на животот, јуни 2023

Радувајте се, усовршувајте се, утешувајте се, бидете едномислени, живејте во мир, – и Бог на љубовта и на мирот ќе биде со вас.“ (2 Коринтјаните 13,11)

Апостол Павле со љубов го следеше развојот на христијанската заедница во градот Коринт. Ја посетуваше и ја поддржуваше во тешките моменти.

Но, дојде време кога тој со ова послание мораше да се брани од обвинувањата на другите проповедници. За нив стилот на Павле беше сомнителен: тој не наплаќаше за својата мисионерска работа, не зборуваше според правилата на ораторството, не доаѓаше со препорачени писма за поддршка на неговиот авторитет, говореше дека ја разбира и живее својата сопствената слабост според примерот на Исус.

Сепак, на крајот од посланието, Павле им се обраќа на Коринтјаните со повик полн со доверба и надеж:

Радувајте се, усовршувајте се, утешувајте се, бидете едномислени, живејте во мир, – и Бог на љубовта и на мирот ќе биде со вас.

Веднаш забележуваме дека неговите опомени се упатени до заедницата како целина, како место каде што може да се доживее Божјата присутност. Човечките слабости го отежнуваат меѓусебното разбирање, чесната и искрена комуникација, слогата која ја почитува различноста на искуства и мисли. Сите тие можат да се поправат во присутноста Божја, која создава мир.

Павле предлага конкретни постапки, во согласност со барањата на Евангелието: ориентација кон остварување на Божјиот план за секого и за сите, како браќа и сестри; оживувањето на Божјата утешителна љубов што ја примивме; грижата еден за друг, взаемно давање на најдлобоките копнежи; взаемно прифаќање, давање и примање милост и простување; негување доверба и слушање.

Овие избори се доверени на нашата слобода. За такви избори понекогаш е потребна храброст бидејќи се „спорен знак“ во менталитетот на современиот свет. Затоа апостолот препорачува да се охрабруваме еден со друг во оваа посветеност. Тој верува дека вреди да се негува и радосно да се сведочи за бесценетата вредност на единството и мирот, во љубов и во вистина. А сето тоа секогаш да се заснова на карпата на безусловната љубов кон Бога која го следи својот народ.

Радувајте се, усовршувајте се, утешувајте се, бидете едномислени, живејте во мир, – и Бог на љубовта и на мирот ќе биде со вас.

За да го живееме Слово на животот, и ние како Павле, да го погледнеме примерот и чувствата на Исус. Тој дојде да ни го донесе својот мир[1]. Овој мир не претставува само отсуство на војна, на расправии, на поделби и на трауми. Тој мир преставува полнота на животот и радоста, тоа е целосно спасение на човекот, тоа е слобода, тоа е братство во љубовта меѓу сите народи. И што направил Исус за да ни го даде својот мир? Тој го плати тоа лично. Застана на патот на противниците, го зеде на Себе товарот на омразата и поделбите, ги урна ѕидовите што ги раздвојуваа народите.

Градењето мир бара и од нас силна љубов, која нѐ прави способни да ги сакаме оние што не возвраќаат, способни да простуваме, да ги надминеме непријателствата, да ја сакаме туѓата татковина како своја. […] Тој, исто така, бара ново срце и очи за да можеме да сакаме и да видиме кандидати за универзално братство во секого[2]. „Злото се раѓа во човечкото срце“, напиша Иџино Џордани, а за да се отстрани опасноста од војна, неопходно е да се отстрани духот на агресивност, експлоатација и себичноста од кои произлегува војната: неопходно е да се обнови совеста[3].

Паркот Бонита е населба во Хартсвотер, рурален град во Јужна Африка. Како и во остатокот од земјата, наследство и остатоци на режимот на апартхејдот сè уште постои, особено во областа на образованието. Нивото на стекнато знаење кај младите од црна и мешана раса е значително пониско отколку кај другите етнички групи, а последица е ризикот од социјална исклученост.

Проектот „The Bridge“ (Мост) е создаден со цел да се промовира посредување меѓу различните етнички групи во соседството преку премостување на далечината и културните разлики, притоа креирајќи воннаставна програма и мал заеднички простор: место за средби на различни култури за деца и млади. Заедницата покажа голема желба за заедничка работа. Карло го понудил својот стар камион и ги донел дрвата од кои биле направени масите, а директорот на најблиското основно училиште дал полици, тетратки и книги, додека Холандската реформирана црква донирала педесет столчиња. Секој придонесе мостот меѓу културите и етничките групи секој ден да биде поцврст.[4]

Подготви Letizia Magri и тимот на  Слово на животот

[1] Според Јов 14, 27;

[2] C. Lubich, Слово на животот, јануари 2004.;

[3] L’inutilità della guerra, Roma 2003, 2ª edizione, p. 111.

[4] Cf.:https://www.unitedworldproject.org/workshop/sudafrica-un-ponte-tra-culture; Spazio famiglia, marzo 2019, pp. 10-13.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот