Слово на животот, мај 2022

Слово на животот, мај 2022

Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг“ (Ив 13,34)

Исус седи на трпезата со своите ученици на Тајната вечера. Само што им ги изми нозете. За неколку часа ќе биде уапсен, осуден на смрт и распнат на крст. Кога останува малку време и се  наближува целта, се изговараат најважните зборови: се остава аманет (порака).

Евангелието според Иван, во овој контекст, не зборува за основањето на Евхаристијата. Тоа говори за миењето на нозете. Токму во ова светло треба да се разбере новата заповед. Исус прво прави, а потоа поучува и затоа Неговиот збор е убедлив.

Заповедта да се сака ближниот веќе била присутна во Стариот Завет: „Љуби го својот ближен како себеси“ (3. Мој. 19,18). Исус нагласува нов аспект на таа љубов, а тоа е взаемноста. Токму взаемната љубов е таа што ја создава и означува заедницата на учениците.

Взаемната љубов го има својот корен во самиот божествен живот, во динамиката на Пресветата Троица. Човекот може да учествува во него благодарение на Синот. Кјара Лубик ни дава жив пример: Кога Исус дојде на земјата, тој не почна од ништо како секој од нас, туку почна од Небото. Како емигрант кој оди во далечна земја и мора да се прилагоди на новата средина, но ги носи и своите обичаи и навики и често продолжува да го зборува својот јазик, така и Исус овде на земјата се прилагоди на животот на секое човечко суштество. Но, тој беше Бог и ни го донесе животот на Пресветата Троица кој што е љубов, взаемна љубов“.

Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг

Овде навлегуваме во сржта на Исусовата порака. Тоа нè враќа во свежината на првите христијански заедници и денес тоа може да биде карактеристика на сите наши групи и здруженија. Во средината каде што взаемноста е жива реалност, човекот ја доживува смислата на своето постоење, наоѓа сила да оди напред во моментите на болка и страдање, наоѓа поддршка во неизбежните тешкотии, вкусува радост.

Секојдневно се соочуваме со многу предизвици: пандемија, поларизација, сиромаштија, конфликти. Да замислиме за момент што би се случило кога овој Збор би го практикувале секој ден: би виделе нови можности, би се отворил план на човештвото пред нашите очи, причина за надеж. Но, кој нѐ спречува да го разбудиме тој Живот во себе? И да ги оживееме братските односи околу нас кои ќе се прошират во целиот свет?

Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг

Младата волонтерка Марта им помага на затворениците да се подготват за испитите на факултет. Таа вели: „Кога првпат влегов во затвор, запознав луѓе полни со стравови и слабости. На почетокот се обидов со нив да воспоставам професионален однос, а потоа пријателски, заснован на почит и слушање. Набрзо сфатив дека не само што јас им помагам на затворениците, туку и тие ми помагаат на мене. Еднаш, додека му помагав на еден студент во подготовката за испит, изгубив близок од моето семејство, а во исто време на студентот му беше потврдена казната во тогашниот апелационен суд. И двајцата бевме во многу лоша состојба. За време на предавањето видов дека ја крие големата болка што успеа да ми ја довери. Заедничкото носење на товарот на таа болка ни помогна и двајцата да одиме напред. По испитот дојде да ми се заблагодари, велејќи ми дека немаше да го положи без мене. Ако од една страна заврши еден живот во моето семејство, од друга страна чувствував дека спасив друг. Сфатив дека взаемноста ни овозможува да создадеме вистински пријателства, полни со почит“ .

Летиција Магри

Категорија: Вера, Духовност

За авторот