Слово на животот, март 2014

  „Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете во љубовта Моја, како што Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во љубовта Негова.“ (Ив 15,10)

 Овие зборови се земени од опширниот говор што го донесува четвртото Евангелие (Ив 13,31-17,26), а Исус им го упатува на своите апостоли по Последната вечера. Се објаснува како почитувањето на Неговите заповеди и ни овозможува да останеме во љубовта. Се надоврзува на претходното поглавие во кое Исус им вели на своите ученици: „Ако ме љубите, пазете ги Моите заповеди.“(Јн 14,15), каде што на виделина излегува дека љубовта кон Исус мора да биде придвижувач, корен од кој мора да тргне почитувањето на Неговите заповеди.

Од тука произлегува кружењето на љубовта кон Исус и придржувањето на Неговите заповеди. Љубовта кон Исус нè поттикнува со поголема верност да го живееме Неговото Слово. Истовремено живееното Исусово Слово ни овозможува да останеме во Неговата љубов и во неа да растеме уште повеќе.

 „Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете во љубовта Моја, како што Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во љубовта Негова.“

 Што сака Исус да каже со изразот „ќе останете во Мојата љубов“?

Тој во суштина сака да каже дека чувањето на Неговите заповеди е знак, доказ дека сме Негови вистински пријатели. Тоа е услов Исус да ни возврати и да ни го осигура Неговото пријателство. Но, изгледа дека Тој сака да каже уште нешто, а тоа е дека чувањето на Неговите заповеди во нас ја гради онаа љубов која му е својствена на Исус. Ни открива како да љубиме, а тоа ние го гледаме во целиот Негов земски живот. Таа љубов го соединува Исус со Отецот, а истовремено и го поттикнува да се поистовети со сите браќа, особено со најмалите, најслабите, отфрлените од општеството.

Исусовата љубов ја лечи секоја рана на душата и телото, му дава мир и радост на секое срце, ја надминува секоја поделба, го враќа заедништвото и братството меѓу сите.

Ако во пракса го спроведуваме Неговото Слово, Исус ќе живее во нас, па и нас ќе нè направи орудие на неговата љубов.

 „Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете во љубовта Моја, како што Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во љубовта Негова.“

 Како тогаш ќе го живееме Словото на животот овој месец? Имајќи ја пред себе целта што ни ја предлага и решителноста во насочувањето кон неа, а тоа е христијанскиот живот. Тој не се задоволува со минимални, студени и надворешно исполнувани заповеди, туку тој живот е исполнет со великодушност. Светците така постапувале. Тие се живо Божјо Слово.

Овој месец да земеме едно Негово Слово, една Негова заповед и да настојуваме да ја спроведеме во живот.

А бидејќи Исусовата Нова заповед („Да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас“ сп.Ив.15,12) е средиште и збир на сите Исусови зборови, тогаш да ги живееме што поцелосно.

 Кјара Лубик

 ИСКУСТВО

 Бездомник на железничката станица во Рим еден ден ме замоли да му платам кафе. Го запрашав како го минува денот и она што го дознав беше дека секоја вечер заедно со други бездомници добива ладен или топол оброк, освен во недела, зашто на здруженијата кои ја делат храната, неделата им е слободен ден.

Немир се вгнезди во моето срце. Разговарав со мојата сопруга Марина за нејзината подготвеност да подготвиме триесетина сендвичи за во недела вечер. Другата недела му се обратив на соседот од станот до нашиот, па неделата потоа разговарав со некои луѓе од парохијата.

Бев многу изненаден од големиот одзив на луѓето подготвени да помогнат.

Постепено се вклучија и сопственици на фирми, група на волонтери, парохијата… Идеите се надоврзуваа… Можноста да делиме топол оброк ја најдовме во една индустриска кујна. Таму можеше да се зготви тестенина и таа да биде топла, додека ние претходно го подготвуваме сосот.

Секоја недела пренесувавме храна, пијалоци, овошје, чинии и така во седумте години упорна работа не останавме незабележани. Ни стана малку непријатно кога статиите и прилозите за нашето делување новинарите сакаа да ги објават во весниците и на телевизијата. Но се согласивме дека се неопходни и позитивни поттикнувања, кога веќе негативните ги има премногу. На тој начин постигнавме поголем публицитет, а тоа ни овозможи да ја организираме акцијата “Рим не се расфрла“. Откривме продавници кои бесплатно или по пониска цена ни нудеа некои од производите чиј рок на употреба беше помал од шест месеци.

Се поврзавме со општината со цел да ни овозможи легализација и уредување на една зграда во која илегално живееја голем број на бездомници. И покрај сите успеси, тешкотии има многу: се среќаваме со лица кои се дрогираат, со психички болни и со алкохоличари, но и со наши стари пријатели од улицата, кои научиле да ја живеат љубовта кон ближниот.

Нашите волонтери сега работат и на други пунктови, а неделно даваме околу 650 вечрни оброци.

Активностите што ги преземаме сега ги објавуваме на интернет и на тој начин на многумина им овозможуваме преку електронска пошта да нè контактираат и доколку сакаат можат да ни се придружат. Изненадувачки е дека секоја недела пет до седум нови лица и тоа главно млади на возраст помеѓу 20 и 30 години, ни ја ставаат на располагање нивната помош.

Треба само да се има храброст да се шири културата на добрината, дарувањето и несебичноста!



[1] Објавено во Нов Свет бр.5/1994.

За авторот