Слово на животот за ноември 2016

Слово на животот за ноември 2016

„Сѐ можам преку Исус Христос, Кој ме крепи.“ (Фил 4,13)

Постојат моменти кога се чувствуваме задоволни, полни со енергија и така да сѐ ни се изгледа дека е лесно. Има и други моменти кога нѐ преплавуваат потешкотии, загорчувајќи ни ги деновите. Тоа можат да бидат мали неуспеси во настојувањето да ги сакаме луѓето, кои се покрај нас или пак неспособноста со другите да го споделиме својот животен идеал. Понекогаш нѐ напаѓаат болести, финансиски потешкотии, семејни разочарувања, сомнежи и грижи, губење на работа или закана од војна. Сето тоа нас нѐ притиска и не гледаме излез.

Во тие околности дополнително сме оптоварени со чувството дека сме присилени сами да се соочуваме со искушенијата на животот, без поддршка од некој кој би можел да ни помогне.

Малкумина се тие луѓе кои толку интензивно ги искусиле радостта и болката, успехот и недоразбирањето, како светиот апостол Павле. Тој сепак бил храбар и издржлив во својата мисија, при тоа не предавајќи ѝ се на малодушноста. Дали тој бил супер херој? Не, тој сочувствувал со слабите, кревките и несоодветните. Неговата тајна им ја доверил на пријателите од Филипи: „Сѐ можам преку Исус Христос, Кој ме крепи!“ (Фил 4,13). Ја открил постoјаната Исусова присутност во неговиот живот. Дури и тогаш кога го оставиле, Павле никогаш не се почувствувал сам: Исус му бил близу. Тој му давал сигурност, го потикнувал да оди понатаму и да се соочува со сите неволји. Потполно влегол во неговиот живот и станал негова сила.

Тајната на свети Павле би можела да стане и наша тајна. Сѐ можам кога и во болката ќе ја препознаам и прифатам Исусовата таинствена близина. Тој се поистоветува со болката и ја зема на себе. Сѐ можам кога живеам во заедницата на љубовта со другите, бидејќи тогаш е Тој меѓу нас, како што ветил[1], така ме поддржува силата на единството. Сѐ можам кога ги прифаќам и живеам зборовите од Евангелието: тие ми го покажуваат патот на кој сум повикан да одам ден за ден, ме учат како да живеам и ми влеваат доверба.

Така ќе имам сила да се соочам не само со моите лични и семејни искушенија, туку и со искушенијата на светот околу себе. Тоа може да изгледа наивно, утописки, бидејќи проблемите на општеството и на народот се огромни. Сепак „сѐ“ можеме во присутноста на Семоќниот. „Сѐ“ и само доброто го предвидел за мене и за другите преку мене Тој во Неговата милосрдна љубов. А ако тоа не се случи веднаш, можеме и понатаму да веруваме во планот на Божјата љубов, кој ги опфаќа вечноста и секако дека ќе се исполни.

Доволно е да се работи „по двајца“, како што зборуваше Кјара Љубик: „Не можам ништо да направам во оној случај, за таа сакана личност, која е во опасност или е болна, во една таква сложена ситуација… Добро, ќе го направам она што Бог го сака од мене во овој момент: добро да учам, добро да чистам, добро да молам, да се грижам добро за моите деца… а Бог ќе мисли како да го одврзе оној јазол, да го утеши оној кој трпи, да го реши оној неочекуван проблем. Тоа е работа во совршена заедница. Од нас се очекува голема вера во Божјата љубов спрема неговите деца, а според нашето делување Бог може да има доверба во нас. И таа меѓусебна доверба прави чуда. Ќе видиме како таму каде што ние не сме стигнале стигнал некој Друг и сѐ направил неспоредливо подобро од нас.“[2]

Фабио Чијарди

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

[1] Спореди. Mt 18,20;

[2]  Chiara Lubich, Scritti Spirituali/2, Città Nuova, Roma 19972, str.194-195.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот