Слово за живот, јануари 2021

Слово за живот, јануари 2021

„Останете во мојата љубов: ќе донесете многу плод“ (Спореди Иван 15, 5-9)

Секоја година христијаните кои припаѓаат на различни цркви посветуваат заедничко време[1] на молитвата како заедно би молеле од Отецот, според Исусовата желба, за дарот на единство.

Тој сака „ да поверува светот“ (Иван 17, 21): со единството се менува светот, се создава заедништво, братство и солидарност. Единството во основа е Божји дар и затоа е важно да се бара упорно и со доверба од Отецот.

Тоа е искуството на една група која во Шпанија го живее Словото на животот. Веќе неколку години токму за време на Неделната осмина за единството на христијаните, чувствуваат поттик да молат за милоста на единството и градењето на мостови. Маргарита пишува: „Контактиравме со епархискиот свештеник за екуменизам, пароси, православниот свештеник и евангелиски проповедници. Се собравме на молитва, како сложни христијани, прво во католичката парохија, а потоа и во православната. Секој пат нашите цркви се исполнуваат со радост, која е пак плод на Божјото присуство. Тој е Оној Кој го отвара патот кон единството “.

За 2021 година, верската заедница Grandchamp[2] предложи како светло на тој пат многу ефикасно мото, извадено од евангелието по Иван:

„Останете во мојата љубов: ќе донесете многу плод“

Тоа е итен повик да се живее и работи во овие посебни денови за единството на христијаните, продолжувајќи така и во текот на целата година, во текот на целиот живот. Нашите поделби се длабока рана која треба да се излечи, пред сè, со Божјето милосрдие, а потоа со настојувањето меѓусебно да се запознаеме, почитуваме и заедно да го сведочиме Евангелието.

Со овие зборови, Исус ни ги открива сигурните чекори што мора да ги преземеме: пред сè, да „останеме“ во Неговата љубов.

Затоа, ќе биде потребно да го зајакнеме нашиот личен однос со Него, доверувајќи Му го нашиот живот, верувајќи во Неговото милосрдие. Всушност, Исус секогаш „останува“ верен на нас.

Во исто време, тој нè повикува одлучно да стоиме со Него и како Него и од нашиот живот да направиме дар на Отецот. Тој ни предлага да го следиме во грижливото препознавање на потребите на секоја личност со која го делиме помалиот или поголемиот дел од нашиот ден, великодушно и без интерес, и на таков начин да донесеме „многу плод“.

„Останете во мојата љубов: ќе донесете многу плод“

Многу актуелни се зборовите на Кјара Љубик кои беа изговорени во Женева во октомври 2002 година на прославата на Денот на реформацијата: „[…] Колку љубов е потребна во светот! […] (Исус) рече дека светот ќе нè препознае како Негови и преку нас ќе Го препознаат Него, преку нашата заедничка љубов, преку единството: ‘По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе’ (Иван

 13,35). […] Сфативме: сегашното време бара љубов од секој од нас, бара единство, заедништво, солидарност. Исто така, ја повикува Црквата да го изгради со векови нарушеното единство. Тоа е реформата над реформите која што ја бара Небото од нас. Тоа е првиот и неопходен чекор кон универзалното братство со сите: со мажи и жени низ целиот свет. Светот ќе поверува ако ние сме обединети. Исус рекол: ‘За да бидат сите едно (…) и да поверува светот’ (сп. Иван 17,21). Тоа е она што Бог го сака! […] Нека ни ја подари благодатта, па ако веќе не го гледаме дека сето ова е остварено, барем тоа да го подготвуваме“.

Летиција Магри

[1] На северната хемисфера, Молитвената осмина за единството на христијаните се обележува секоја година од 18 до 25 јануари, додека на јужната хемисфера се избира втор датум, околу празникот Педесетница;

[2] За повеќе информации: www.grandchamp.org.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот