СЛОВО ЗА ЖИВОТ – Јануари 2016

„Повикани сте да ги навестувате големите дела Господови“ (сп. 1Птр. 2,9)

Кога Господ делува, Тој прави прекрасни дела. Штом ја создаде вселената, виде дека е добро[1], а кога го создаде човекот, мажот и жената, доверувајќи им го сето создадено, виде декатоа беше многу добро[2]. Но, најголемото негово дело го изврши Исус: со својата смрт и воскресението создаде нов свет и нов народ. На тој народ Исус му го дарува животот на небото и изворното братство во взаемното прифаќање, во размената и во себедарувањето. Петровото послание на првите христијани им објаснува дека по љубовта Божја станале избран род, царско свештенство, свет народ, народ стекнат[3].

Кога и ние, како и  првите христијани, навистина би станале свесни кои сме и колку Божјото милосрдие делувало во нас, меѓу нас и околу нас, би биле восхитени не можејќи да ја задржиме радоста, би почувствувале потреба да ја споделиме со други, да „ги навестуваме делата Господови“. Но, тешко е и речиси невозможно ефикасно да се сведочи убавината на новата дружба која Исус ја поттикна, доколку останеме изолирани едни од други. Токму затоа нормално е Петровиот повик да биде упатен до сиот народ. Не можеме да ги покажуваме нашите караници и поделби како и взаемната рамнодушност, а потоа да навестуваме: „Господ создаде нов народ, нас нè ослободи од себичност, омраза и одмазда, како закон ни ја даде взаемната љубов и нè направи нас со едно срце и една душа..“ Во нашиот христијански народ постојат разлики во начинот на размислувањето, во традицијата и културата, но тие различности треба да се прифатат со почитување, препознавајќи ја убавината на разновидноста, свесни дека единството не е едноличност. По тој пат ќе минуваме во текот на молитвената осмина за единство на христијаните – која на северната  полутопка се слави од 18-25 јануари – како и низ целата година. Словото за живот ги повикува христијаните од разните цркви и заедници да настојуваат подобро да се запознаат и едни на други да им зборуваат за прекрасните дела Господови. Тогаш ќе можеме веродостојно да ги навестуваме тие дела, сведочејќи дека меѓусебно сме обединети токму во различностите и дека едните со други конкретно се поддржуваме.

Кјара Лубик решително нè храбреше на тој пат: „Љубовта е најголема сила на овој свет: кај оној кој ја живее таа побудува мирна христијанска револуција, повторувајќи им го на денешните христијани она што пред многу векови го говореле првите христијани: „Од вчера сме, а веќе го преплавивме светот “[4] […] Љубов! Колку овој свет има потреба од љубов! И ние христијаните! Христијаните припадници на различни цркви ги има повеќе од милијарда. Многу сме и заради тоа треба да бидеме препознатливи. А толку сме поделени што многумина не можат  да нè видат, ниту пак низ нас да го гледаат Исус. Тој рекол дека нас ќе нè препознаат како негови и дека преку нас ќе го препознаат Него по взаемната љубов, по единството: „по ова сите ќе знаете дека сте мои ученици: ако имате љубов едни за други.“[5] […] Со тоа сегашното време од сите нас бара љубов, бара единство, заедништво и солидарност. Ги повикува и Црквите одново да го воспостават со векови нарушеното единство. [6]

Фабио Чијарди

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Колумни, Размислување

За авторот