Слово за живот, февруари 2017

Слово за живот, февруари 2017

„ Ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ви дадам!“ (Језекиил 36,26)

Срцето нѐ потсетува на љубов, чувства и занес. Но за библискиот автор срцето е многу повеќе од тоа. Заедно со духот тоа е средиште на животот и на личноста, место за одлуки, место на внатрешниот и на духовниот живот. Срцето од месо е послушно на Божјото слово и му дозволува тоа да го води и да ги обликува „намерите за мир“ кон браќата. Срцето од камен е затворено во себе и е неспособно за слушање и за милосрдие…

Ни треба ли ново срце и нов дух? Доволно е да погледнеме околу себе. Насилство, изопаченост и војни се раѓаат во срцата од камен кои се затворени за Божјиот наум за сѐ што создал. Ако искрено ѕирнеме во себе, не чувствуваме ли дека и нас често нѐ придвижува себичноста? Дали со нашите одлуки управува љубовта и доброто за другиот?

Набљудувајќи го ова наше кутро човештво, во Бог се буди длабоко сочувство. Тој нѐ познава подобро од нас самите и знае дека ни е потребно ново срце. Му го ветил на пророкот Језекиил, мислејќи при тоа не само на поединци, туку на сиот негов народ. Божјиот сон е од народите да создаде големо семејство, како што тоа го замислил од самиот почеток, втемелено на законот на взаемната љубов. Нашата историја повеќе пати покажа, дека од една страна сами не сме способни да ја исполниме неговата намера, а од друга страна дека Бог никогаш не се изморил враќајќи се на својата замисла, сѐ до ветувањето дека Тој самиот ќе ни даде ново срце и нов дух.

Бог во целост го исполнува своето ветување кога на земјата го праќа својот Син и го влева својот Дух на Духовден. Од тоа се создава заедница – заедница на првите христијани во Ерусалим – слика на човештвото кое е „едно срце и една душа“.[1]

И јас, кој го пишувам овој краток коментар, и ти кој го читаш или го слушаш, повикани сме да бидеме дел од тоа ново човештво. Уште повеќе, повикани сме да го градиме околу себе, да биде присутно во нашето животно и работно опкружување. Замисли кое големо послание ни е доверено и колкава доверба Бог има во нас. Наместо да бидеме со чувство на беспомошност во општество кое често ни изгледа расипано, наместо да се предадеме пред злата кои се поголеми од нас и да се затвориме во рамнодушност, „да го рашириме срцето по мерка на Исусовото. Колкава ли работа! Но само тоа е потребно. Кога тоа ќе го направиме, сме направиле сè.“ Беше тоа повикот на Кјара Лубик. Потоа таа продолжила: „Секој кој ќе се најде пред нас треба да го љубиме како што Бог нас нѐ љуби. А бидејќи се наоѓаме во времето, да го љубиме ближниот еден по еден, не задржувајќи во срцето остатоци од сеќавањето кон братот кого сме го сретнале една минута пред тоа.“[2]

Да не се потпираме на нашите непримерни сили и способности, туку во дарот што Бог ни го дава: „Ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ви дадам!“

Ако бидеме послушни на повикот да го љубиме секого, ако допуштиме да бидеме водени од Духот во нас, ќе станеме клетки на новото човештво, творци на новиот свет, во големата разноликост на народите и културите.

Фабио Чијарди

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

[1] Сп. Дела 4,32;

[2] C. Lubich, La dottrina spirituale, Città nuova 2002, стр. 135

Категорија: Вера, Духовност

За авторот