Слово за живот, септември 2021

Слово за живот, септември 2021

„Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите, и слуга на сите.“ (Мк 9, 35)

Додека одеа со Исус до Капернаум, учениците се расправаа жестоко меѓу себе. Кога Исус ги праша за што разговарале, тие немаа храброст да одговорат, можеби затоа што се срамеа, бидејќи се обидуваа да утврдат кој е најголемиот меѓу нив.

Исус многупати зборуваше за неговата мистериозна средба со страдањето, но за Петар и за другите тоа беше премногу тежок говор за да го разберат и прифатат. Дури после смртта и воскресението Исусово, тие ќе откријат кој е Тој навистина: Синот Божји, кој го дава живот од љубов.

Токму за да им помогне навистина да бидат Негови ученици, Исус седнува, ги повикува кај себе и ја открива вистинската природа на евангелското првенство:

„Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите, и слуга на сите.“ (Мк 9, 35)

И покрај слабостите и стравовите на учениците, Исус има во нив доверба и ги повика да Го следат, да ја споделат Неговата мисија за служење на сите. Така, Свети Павле ги поттикнува христијаните во Филипи: „Не правете ништо од честољубие или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себеси! Не грижете се секој само за себе, туку и за другите!“  Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос.“ [1]

Да се служи, не како роб кој е принуден да ја врши својата работа, туку како слободна личност која великодушно ги дарува своите способности и сили, која не се залага за корист на некоја група или страна, туку за сите оние на кои им е потребна помош, без исклучок и без предрасуди.

Исто така, тоа е повик до нас денес, да имаме отворен ум и срце да ги препознаваме потребите на другите и да се грижиме за нив, да бидеме активни во градењето автентични човечки односи, добро да ги користиме нашите таленти за општо добро, почнувајќи секој ден одново, и покрај нашите неуспеси. Тоа е повик себе си да се ставиме на последно место и сите да ги поттикнеме кон единствената можна иднина: универзално братство.

„Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите, и слуга на сите.“ (Мк 9, 35)

Коментирајќи ја оваа Исусова реченица, Кјара Лубик даде предлог како можеме да ја претвориме во конкретен живот: „Избирајќи го со Исус последното место во безбројните можности што ни ги дава секојдневниот живот. Ако ни е доверена некоја значајна должност? Да не мислиме дека сме „некој и нешто“, да не даваме простор за вообразеност и ароганција. Да се потсетиме дека најважно е да го сакаме својот ближен. Да ја искористиме новата ситуација за подобро да му служиме на нашиот ближен. Да не заборавиме да се грижиме за навидум малите нешта, за личните односи, да ги извршуваме секојдневните обврски, да им помагаме на родителите, да негуваме мир и хармонија во семејството, да се грижиме за воспитувањето на децата … Да се сетиме секогаш дека христијанството, во било кој и каков случај, значи да се сака, а посебно да ги сакаме последните. Ако живееме на овој начин, нашиот живот ќе биде постојано градење на Царството Божјо на земјата. За таквиот начин на живот, Исус ветил сѐ друго во изобилие: здравје, добра, изобилство од сѐ… што ќе го споделиме со другите и со тоа ќе станеме раце на Божјата Промисла за многумина“.

„Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите, и слуга на сите.“ (Мк 9, 35)

Грижата за заеднички дом е особено актуелно служење за општото добро што можеме да го споделиме со многу луѓе ширум светот. Со години тоа е моќна тема за заедничкото сведочење на христијаните. Да потсетиме, и оваа година, сѐ поголем број цркви го започнуваат месецот септември со одбележување на Светскиот ден на молитвата за грижа за Создадениот свет, кој трае до 4 октомври, кога завршува времето на Создаденото.

Во една таква прилика, заедницата од Тезе ја предложи оваа молитва: „Боже на љубовта, додека остануваме во Твоето присуство, дозволи ни да ја разбереме неизмерната убавина на сето она што си го создал, сѐ што произлегува од Тебе, Твојата неисцрпна сомилост. Зголеми го нашето внимание кон другите и сето она што е создадено. Научи нѐ да ја откриеме вредноста на сето она што е создадено и направи нѐ носители на мирот во човечкото семејство “.

Летиција Магри

[1] Фил 2, 3-5.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот