Слово за живот, октомври 2022 година

Слово за живот, октомври 2022 година

„Зашто Бог не ни даде дух на страв, туку дух на сила, љубов и разбраност” (2 Тимотеј 1,7)

Писмото, од кое е земено ова Слово на животот, се смета за еден вид духовен тестамент на Павле. Апостолот е во Рим, во затвор, чека да биде осуден и му пишува на Тимотеј, млад ученик и соработник, одговорен за сложената заедница во Ефес.

Написот содржи препораки, совети упатени до Тимотеј, но е упатено и до секој член на христијанската заедница од вчера и денес. Павле е во окови поради проповедањето на Евангелието и сака да го охрабри ученикот, кој е прилично исплашен поради прогонството и колеблив за тешкотиите што ги носи неговата служба, да се соочи со искушенијата, да биде сигурен водач на заедницата. Не е нормално за Павле и Тимотеј да страдаат поради Евангелието, но ова сведоштво е можно затоа што се заснова на силата Божја.

„Зашто Бог не ни даде дух на страв, туку дух на сила, љубов и разбраност” (2 Тим 1,7)

Павле сака да сведочи за Евангелието. Јасно е дека талентите, способностите или личните ограничувања не се оние кои ја гарантираат или спречуваат службата на Словото, туку даровите на Светиот Дух, силата, милосрдието и разумноста кои ја гарантираат моќта на сведочењето. Милосрдието, ставено помеѓу силата и разумноста, се чини дека има улога на расудување; претпазливоста покажува како да се биде мудар и подготвен пред секаква ситуација. Тимотеј, како ученик на сите времиња, може да го проповеда Евангелието со сила, милосрдие и разумност, до степен на страдање за Евангелието.

„Зашто Бог не ни даде дух на страв, туку дух на сила, љубов и разбраност” (2 Тим 1,7)

И ние го доживеавме искушението да бидеме обесхрабрени да живееме и да сведочиме за Словото Божјо, да не знаеме како да се справиме со одредени ситуации.

Кјара Лубих ни помага да разбереме каде да црпиме сила во овие моменти:

«Мораме да го повикаме присуството на Исус во нас. Ставот што треба да го заземеме нема да биде за да се блокираме себеси, да останеме пасивно резигнирани, туку да се фрлиме себеси, да се направиме едно со она што го бара Божјата волја, да се соочиме со должностите на кои нè повикува нашиот повик, фокусирајќи се на милоста на Исус кој е во нас. Па ајде да се фрлиме себеси. Самиот Исус ќе биде тој што сè повеќе ќе ги развива во нас оние доблести што ни се потребни за да му сведочиме на тоа поле на активност што ни е доверено»1.

„Зашто Бог не ни даде дух на страв, туку дух на сила, љубов и разбраност” (2 Тим 1,7)

Сила, милосрдие и разумност, тоа се трите доблести на Светиот Дух кои се стекнуваат преку молитва и вера.

На Отец Џастин Нари, од Централноафриканската република, му се заканувале со смрт заедно со неговите браќа и илјада муслимани кои се засолниле во црквата за да се спасат од одмаздите на војната.  Неколку пати водачите на полицијата кои ги опсадуваа бараа од него да се предаде, но тој продолжи да разговара постојано со нив за да избегне масакр. Еден ден се појавија со четириесет литри бензин и се заканија дека ќе ги запалат живи ако не ги предаде муслиманите. «Последната миса ја прославив со моите браќа – вели Отец Џастин – и таму се сетив на Кјара Лубих. „Што би направила таа на мое место? Таа би останала и би го дала животот. Затоа и ние решивме да го направиме тоа“. По мисата, пристигнува неочекуван телефонски повик: војската на Африканската унија минувала низ регионот, во блискиот град. Отец Џастин истрча да ги пречека и заедно се вратија во парохијата: имаше тринаесет минути пред истекот на ултиматумот, тринаесет минути кои ги спасија сите животи без крвопролевање»2

Летиција Магри

1 C. Lubich, Parola di Vita ottobre 1986, in eadem, Parole di Vita, a cura di Fabio Ciardi (Opere di Chiara Lubich 5; Città Nuova, Roma 2017), p. 373.

2 Unità è il nome della pace: La strategia di Chiara Lubich, a cura di Maddalena Maltese, Città Nuova, Roma 2020, pp.29-30.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот