Слово за живот, ноември 2018

Слово за живот, ноември 2018

Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене. (Откровение 3,20)

Колку пати слушаме чукање на нашата врата? Тоа може да биде поштарот, соседот, синот на пријателот, но и некој непознат… Што сака? Дали е разумно да се отвори и да се пушти во домот некој кој не го познаваме добро?

Сепак овој Божји збор, земен од Книгата на Откровението, нé повикува на прифаќање на неочекуваниот гостин.

Авторот на оваа Книга, многу поучна за христијаните, во овој дел ѝ пишува на старата Црква во Лаодицеја во име на Господ Исус, умрен и воскреснат од љубов кон секое човечко суштество. Пишува со авторитет кој произлегува од таа љубов: пофалува, поправа, повикува на прифаќање на големата помош која Господ ќе ја понуди на таа заедница на верници, ако бидат подготвени да го препознаат неговиот глас и да „му ја отворат вратата“.

Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене.

Денес како и тогаш целата христијанска заедница е повикана да ги надмине стравовите, поделбите и лажните сигурности, за да го прифатат Исусовото доаѓање. Тој секојдневно се претставува во различни аспекти од животот: во секојдневните прашања, во тешкотиите околу сопствената доследност, во предизвиците пред важните животни избори, но пред сé во лицето на братот и сестрата кои ги среќаваме на патот. Тоа е и личен повик да се „задржиме“ со Исус во моментот на интимноста, како што тоа го правиме со пријател, во тишината на вечерта, седејќи на иста маса; најприкладен момент за дијалог кој бара слушање и отвореност.

Стишувањето на бучавата е услов за препознавање и слушање на Неговиот глас, Неговиот Дух, кој единствено е способен да ги оттргне нашите стравови и да ја отвори вратата на нашето срце.

Кјара Лубик вака претстави едно нејзино искуство: „Треба да стишеме сé во себе за да го откриеме во својата внатрешност гласот на Духот. Тој глас треба да се извлече, како што се извлекува дијамант од кал: треба да се исчисти, да се покаже и во вистинско време да се дарува, затоа што е Љубов, а Љубовта треба да се дарува. Тој е како оган кој во допир со слама или со нешто друго, гори, инаку се гаси. Љубовта во нас треба да расте и да се прелева.“

Папата Фрањо вели: „Светиот Дух е дар. Влегува во нас и ни носи род, за потоа да можеме да го даруваме на други. […] Затоа карактеристика на Светиот Дух е токму да се децентралицира од нашето „јас“ за да може да се отвориме кон „нас“ – заедницата: да примиме за да дадеме. Ние не сме во средината: ние сме средство на тој дар за другите.“

Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене.

Во взаемната љубов, типична за евангелието, и христијаните можат да бидат сведоци на Божјата присутност во историјата и во нашите денови, како Тој и со Него.

Кога започна бранот на мигрантите во еден ограничен простор, некои слушнаа чукање на вратите од нивните домви. Раскажува Делија: „Едно топло неделно поплнадне видов како на влезот пред мојот бар седеа многу мајки со деца кои плачеа од глад. Ги повикав внатре и им објаснив дека на децата ќе им дадам бесплатно да јадат. Мајките се срамеа затоа што немаа пари, но јас бев упорна и тие прифатија. Гласот за тоа се слушна надалеку и денес мојот локал стана бар за мигранти, повеќето муслимани.

Многу ме нарекуваат „мама Африка“. Моите дотогашни клиенти со текот на времето ги изгубив. Така просторијата предвидена за друштвени игри на старите лица стана сала за деца, каде тие можат да пишуваат и да си играат. Во еден агол се наоѓа маса за повивање на бебиња, за да им излеземе во пресрет на мајките, а просторијата понекогаш се претвора во сала за учење на италијански јазик. Сето тоа не беше мој избор туку потреба да не ја свртам главата на другата страна. Благодарение на мигрантите запознав многу луѓе и здруженија кои ме поддржуваа и ми помагаа да одам понатаму. Кога би требала повторно да започнам, повторно би го направила тоа. Мене ми е важно да ДАРУВАМ.“

Сите сме повикани да го примиме Господ кој чука, заедно со Него да излеземе во пресрет на луѓето кои ни се блиску.

Со својата присутност Господ ќе си направи простор за себе во нашиот живот.

Летиција Магри

Категорија: Вера, Духовност

За авторот